Македонија
Сончево со температура до 34 степени
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2019/03/Sunny-Day-800x450.jpg)
Времето денеска ќе биде претежно сончево со повремено засилен северен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 и 16, а максималната од 26 до 34 степени.
Во Скопје ќе биде сончево со повремено засилен северен ветер. Температурата ќе се движи од 13 до 30 степени.
Во следните денови времето ќе биде претежно сончево со посвежи утра. Дневните температури ќе бидат високи за овој период од годината, особено во почетокот на наредната седмица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/makfax_logo_350px.jpg)
Македонија
Јаневска: Волшебно стапче да имаме до септември нема да можеме да обезбедиме учебници за седмо одделение
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/07/ministerka.jpg)
Ниту еден учебник за седмо одделение не е даден на печатење, вели министерката за образование Весна Јаневска. Иако јавно беше соопштено дека до 1 септември ќе има учебници и за седмо одделение, министерката Јаневска соопшти дека фактичката состојба во Министерството е сосема различна.
„Не само што ниту еден учебник за седмо одделение не е даден за печатење туку огромен број од нив не се одобрени. Некои не се ни напишани, не е креиран учебникот. Некои не поминале ни рецензија. Волшебно стапче да имаме ние до септември како Влада не можеме да стигнеме да обезбедиме учебници за седмо одделение. Од тука, веќе неколку дена траат преговорите и разговорите со Бирото за развој на образованието за да го надминеме овој проблем со идејата дека децата и оваа година треба да учат од старите учебници односно од учебниците што се користеле оваа година“, рече министерката Јаневска која денес беше дел од годишниот настан „Разговори за еднаквост“ во организација на Државната комисија за спречување и заштита од дискриминација.
Во следниот период најави дека ќе проверат дали тие учебници одговараат на наставните програми. Од Бирото за развој на образованието веќе добиле образложение дека учебниците се прилично компатибилни освен за две – три теми за кои може да се направат наставни материјали.
„Разговорите се уште траат и доколку законското решение не дозволува ништо поинаку ние ќе ја одложиме концепцијата на извесен период на учениците од седмо, осмо и деветто одделение да имаат учебници. Притоа наставниците тоа го знаат, тие мора да се спремни да предаваат и по наставна програма. Ако некоја тема не е соодветна во учебникот тие треба да им ја предадат на децата така како што треба, да им обезбедат одредени наставни материјали од кои децата ќе учат, да им посочат друга литература, да им посочат интернет литература“, вели министерката Јаневска.
Таа најави дека за ден или два ќе може да соопшти што е договорено за учениците да имаат учебници.
Македонија
Средба Муцунски – Емери: Разгледани можностите за унапредување на економската соработка и трговската размена
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/07/3.jpeg)
Денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски се сретна со амбасадорот на Австралија, Даниел Емери.
Министерот Муцунски го запозна соговорникот со приоритетите во работата на Министерството и на Владата, меѓу кои најголемо внимание и ангажман ќе биде посветен на забрзување на евроинтегративните реформски процеси.
Соговорниците разменија мислења за актуелната билатерална соработка, во чии рамки нашата дијаспора во Австралија игра многу важна улога и претставува мост за поврзување меѓу граѓаните на двете земји.
На средбата беа дискутирани можностите за унапредување на економската соработка и трговската размена, како и соработката во други области од заеднички интерес, како и прашања поврзани со политичката и безбедносната состојба во регионот и надворешно политички теми.
Македонија
Паднати дрвја, оштетени возила, повредено лице – невремето ги зафати Скопје, Струмица, Битола, Гевлегија, Валандово
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/07/padnato-drvo-aerodrom.jpg)
ЦУК: 2 381 повици на 112 во последното деноноќие, повеќето за штети и опасности настанати од невремето во Скопско, Струмичко, Битолско, Гевгелиско, Валандовско и во други региони, имаше 14 пожари на отворено и сите се изгаснати
Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека имало вкупно 2 381 повици на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, во последното деноноќие.
На Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во Центарот за управување со кризи (ЦУК) се добиени повеќе пријави за штети и информации за опасности за граѓаните и околината, настанати од невремето прво во Скопје, што зафати дел од градот, а потоа и од други региони во државата.
„Линиите на 112 во ЦУК се вжештија: повеќе од 160 до 200 повици беа примени во првиот час, а темпото на постојано добивање пријави за штети, информации за опасности и за итни случаи заради невреме, не застана, бидејќи иако во Скопско невремето се стиши, невремето продолжи во форма на локални обилни врнежи од дожд на места, град и со засилен ветер во Струмичко, Битолско, Гевгелиско, Валандовско и други региони во нашата држава“, велат од ЦУК.
Невреме Скопје
На единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, беше добиена пријавата дека поради силен ветар дрво паднало врз жена на бул. „Свети Климент Охридски“ при што веднаш интервенирала Итната медицинска помош Скопје. Исто така, заради силниот ветар кој го зафати подрачјето на дел од град Скопје, известуваат дека добиени се повеќе пријави за материјални штети од паднати дрвја, како и информации за откачени лимови, навалени дрвја, скинати кабли од бандери (електрични и од кабелски оператори).
Засега билансот за штети и пријави за итни случаи и опасности предизвикани од невремето само во Скопско, според добиените пријави и информации на 112 во ЦУК, е следен: повредени 1 лице – не е со тешки повреди; паднати дрвја и поголеми гранки од дрвјата – над 20; возила оштетени 4; кабли откачени од бандери 10; откачени кровови 3 и паднат дел од фасада 1. Се очекуваат и други пријави за штети и опасности предизвикани од невремето и денеска да стигнат до ЦУК преку 112.
Невреме Битола
Регионалниот ЦУК Битола, известува дека во периодот од 15.30 до 17.00 часот, подрачјето на Битола било зафатено од краткотрајно невреме при што биле регистрирани неколку настани, од кои бележат паднато дрво во центарот на градот на ул.„Столарска“, при што се оштетени две паркирани возила и била зафатена коловозна лента. За истото известен е е ЈП „Комуналец“ – Битола и состојбата е санирана.
Има регистрирано и паднато дрво на ул.„Страшо Пинџур“ бр.23 при што се искинати жици од електрична мрежа, падната бандера на ул.„Херцеговина“ и навалено големо дрво врз електрична инсталација (жици) во с.Бистрица. За овие настани и дефекти известени се ЕВН Македонија за да интервенираат. Покрај овие настани има и поголем број на други оштетувања предизвикани од силниот ветер. Исто така, и ТППЕ Битола имала две интервенции заради паднати дрвја и тоа во: с.Крклино и кај Кам Маркет во Битола.
Невреме Струмица
Регионалниот ЦУК Струмица, известува дека, заради силен ветар, пожарникарите од ТППЕ Струмица, интервенирале на отстранување на паднати дрвја на патниот правец с.Банско – с.Муртино (Општина Струмица).
Невреме Валандово
Во Општина Валандово, поради силен ветар, во периодот од 16.40 до 20.10 часот, ТППЕ Валандово работеле на отстранување паднати дрвја на патните правци с.Марвинци – с.Балинци и с.Удово – с.Марвинци. Во периодот од 17.30 до 18.25 часот, сообраќајот на овој правец бил забранет за тешки товарни возила. Исто така, имало и паднат кров во близина на „КАМ Маркет“ во Валандово, што е делумно расчистен од страна на ТППЕ Валандово, а останатото останува да се расчисти во текот на денешниот ден поради потреба од кран.
Невреме Велес
Регионалниот ЦУК Велес, известува дека од единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, во 16.50 часот добиена е пријава во која се наведува дека како последица на силен ветар, паднало дрво на регионалниот пат Велес – Градско, пред Наплатна станица „Градско“. За истото известени се ЈП за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта, кои интервенирале и во 18:00 часот, состојбата е нормализирана.
14 пожари на отворено
Имаше 14 пожари на отворено и сите се изгаснати, но беше многу тешко нивното гаснење бидејќи на места имаше силен ветар, во оптините: Ѓорче Петров, два пожара (2) – во нас. „Стопански Двор“ и покрај ул.„Шарпланинска“ (сува трева) и покрај „Качанички пат“ (сува трева); Гази Баба, два пожара (2), на депонија „Вардариште“ (ѓубре и сува трева) и покрај ул. „Ранка Милановиќ“ (депонија); Студеничани, кај с.Долно Количани (ѓубре); Битола, два пожара (2), кај ЈП Водовод и кај м.в.„Смолево“ (ниска шума и сува трева); Гевгелија, два пожара (2), кај с.Мрзенци (дива депонија и сува трева) и кај КПД „“ (сува трева); Ново село, над с.Стиник (ниска шума и сува трева); Куманово, два пожара (2) кај „Пчињски Пат“ (сува трева и притоа опожарен и камион) и кај с.Пчиња (сува трева и опожарена шупа) и в Општина Старо Нагоричане, кај с.Нагоричени (горела сува трева).
ЦУК им благодарение на медиумите за брзото пренесување на информациите за приближувањето на невремето, а и за моментното негово движење со што имаа превентивни информации за граѓаните за да се заштитат, себе и имотот и превентивно да се засолнат за времетраењето на невремето на одредени локални подрачја во Скопско, Струмичко, Битолско, Гевгелиско и во други региони во нашата држава.
Сите итни случаи се пријавуваат на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, особено кога граѓаните имаат животозагрозувачки ситуации. Истовремено, ЦУК информира дека е корисно да се следат препораките и информациите од медиумите за превенција, а и за реагирање при итни случаи.