Македонија
Сончево со умерена облачност, попладне пороен дожд и грмежи

Времето утре ќе биде претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне услови за локален пороен дожд и грмежи, особено во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец. УВ=8 Минималната температура од 12 до 19, а максималната од 27 до 33 степени.
Во Скопје сончево и топло, попладне со мала до умерена облачност и со услови локално и во Скопската котлина да има појава на краткотарен дожд и грмежи. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Температура 18 / 32 степени.
До петок ќе преовладува сончево и топло време. Во петок во попладневните часови ќе има локален пороен дожд и грмежи, особено на исток и во планинските предели. За време на викендот на повеќе места ќе има пороен дожд и грмежи и ќе дува умерен до засилен северен ветер кој ќе предизвика опаѓање на температурата за неколку степени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
МНР: Амбасадата во Прага е во координација со семејството на Чифлиганец за пренeсување на телото во Македонија

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека на 2 август 2025 година, до македонската амбасада во Прага била доставена информација за тешка сообраќајна несреќа во која бил повреден македонскиот државјанин Душко Чифлиганец. Тој управувал мотор кога дошло до незгодата, по што со тешки повреди бил пренесен во болница.
На 3 август, семејството го известило дипломатско-конзуларното претставништво дека Чифлиганец им подлегнал на повредите.
Како што соопштија од МНР, Амбасадата во Прага е во континуирана комуникација со семејството со цел завршување на сите неопходни формалности и организација за пренос на телото во Македонија.
Македонија
Изгаснат пожарот кај Липково, гори на две локации

До 12 часот активни се два пожари на отворен простор, еден пожар е под контрола, а еден е изгаснат.
Активните пожари се наоѓаат во село Богомила во општина Чашка, каде гори мешана шума, како и во село Грешница во општина Македонски Брод, во деградирана нискостеблеста шума, соопшти ЦУК.
Пожарот кој е под контрола е во село Стровија во општина Долнени, зад местото викано Гајдарец-Клепало, во нискостеблеста шума.
Пожарот што е изгаснат се наоѓа во село Слупчане во општина Липково, каде горела ниска вегетација.
Македонија
Задутре времен застој на ГП „Делчево“ заради градежни работи

Регионалниот центар за гранични работи „Исток“ ја информира јавноста дека задутре ГП и ГН „Делчево“, односно од бугарска страна ГКПП „Станке Лисичково“ целосно ќе бидат затворени за секаков сообраќај во периодот од 08:00 до 14:00 часот.
Причина за тоа, според официјалното известување добиено од бугарските гранични полициски служби, се градежните работи на патната делница кај ГКПП „Станке Лисичково“. По завршувањето на работите сообраќајот и функционирањето на граничните премини ќе продолжи непречено да се одвива.