Македонија
Сообраќајна несреќа на патот Битола-Ресен, сообраќајот е во целосен прекин
Вечерва од 20.45 часот на магистралниот пат А3 Битола-Ресен, поради случена сообраќајна незгода, сообраќајот е во целосен прекин и се пренасочува по стар пат, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
На аеродромот во Скопје откажани се осум лета, а еден е пренасочен
Авиосообраќајот на Меѓународниот Аеродром Скопје се стабилизира, реализирани се 27 лета, откажани се осум лета, а еден е пренасочен, соопшти ТАВ Македонија.
„Од 20:00 часот, вчера, 21 декември 2025 година до 12:00 часот напладне денеска, 22 декември 2025 година, на Меѓународниот Аеродром Скопје, поради намалена видливост предизвикана од магла, состојбата со авиосообраќајот е следна откажани се следниве 3 лета во пристигнување Белград, Истанбул, Истанбул – Сабиха Гокчен (презакажан за 23.12.2205). Пренасочен е еден лет во пристигнување: Франкфурт-Хан. Откажани се следниве 5 лета во заминување: Цирих, Белград, Атина, Истанбул, Истанбул – Сабиха Гокчен (презакажан за 23.12.2205)“, се наведува во соопштението.
Сите останати, 27 летови слетаа и полетаа, односно пристигнаа и заминаа согласно планираниот ред на летање.
„Со оглед на тоа што временските услови се менуваат постојано и секоја авиокомпанија согласно своите интерни процедури има свој праг на толеранција за слетување и полетување при намалена видливост, повторно апелираме до сите патници да ги следат информациите и насоките за нивните летови кои ги добиваат од авиокомпанија со која треба да патуваат“, се наведува во соопштението.
ТАВ известува дека сите капацитети на Меѓународниот Аеродром Скопје се во функција и аеродромот е отворен за авиосообраќај.
Промените во редовниот распоред на летање, се ажурираат на веб-страница во реално време https://skp.airports.com.mk/, како што стигнуваат од авиокомпаниите.
Доколку патниците имаат дополнителни прашања за нивниот лет можат да се обратат на пултот за информации во терминалната зграда или на телефонскиот број: +389 2 3148 333.
Македонија
Потпишан договор за соработка во образованието и науката помеѓу Македонија и Турција
Македонија и Турција ја продлабочуваат соработката во сферата на образованието, науката, технологијата и иновациите.
Со Договорот што го потпишаа министрите за образование и наука на Македонија и на Турција, Весна Јаневска и Јусуф Текин, двете држави ќе соработуваат и разменуваат информации и научни публикации во областа на формалното и неформалното образование и ќе поттикнуваат размена на академици, експерти за образование, наставници и ученици од средно образование.
Прифатена е размена на искуства во областа на средното образование, со фокус на стручното, како и обука и квалификации на наставници и доживотно учење, организирање на програми за обука, спроведување на заеднички проекти. Усогласена е размената на искуства во врска со новите образовни технологии, како и во делот на подготовка на наставните планови и програми.
Со Договорот се овозможува учениците да учествуваат на научни и културни натпревари кои што се одржуваат во двете земји, се промовира соработката за развој на заеднички програми како и збратимување на училишта.
Договорено е како изборни предмети да се предаваат „Јазикот и културата на Турците“ односно „Јазикот и културата на Македонците“, во Македонија и Турција, соодветно. Предвидено е и меѓусебно стипендирање на средношколци.
Заедничка работна група ќе се грижи за спроведување на Договорот.
Македонија
Муцунски домаќин на министерката за Европа и надворешни работи на Албанија, Елиса Спиропали
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Скопје беше домаќин на министерката за Европа и надворешни работи на Република Албанија, Елиса Спиропали, која престојува во прва официјална посета на нашата земја.
На средбата беа разменети мислења за билатералната соработка меѓу двете земји, европската перспектива, како и за можностите за понатамошно унапредување и динамизирање на односите во сите области од заемен интерес.
Посебен акцент беше ставен на економската соработка, со фокус на реализацијата на проектите од Коридорот 8, зајакнувањето на трговската размена и проширувањето на соработката во други сектори.
Двајцата министри ја истакнаа и важноста на националните малцинства во двете земји, нагласувајќи ја нивната улога како значаен фактор во градењето на стабилни, добрососедски и пријателски односи.
Во рамки на разговорите беше отворено и прашањето за регионалната соработка, сојузништвото во рамки на НАТО, како и за актуелните геополитички предизвици со влијание врз безбедноста и стабилноста на регионот.

