Македонија
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено по наместа влажни коловози

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
ВНИМАТЕЛНО: АМСМ препорачува приспособена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде што има можност од појава на одрони.
Ова особено се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Предупредување за земјоделците од АД МЕПСО

АД МЕПСО ги предупредува земјоделците во екот на сезоната за наводнување и жетва, да бидат особено внимателни додека ракуваат со опремата за наводнување, со земјоделската механизација и со дополнителната земјоделска опрема во близина на далекуводите од преносната мрежа. Од исклучително значење е земјоделците да се придржуваат кон следните напаствија:
– Не поминувајте со комбајни или друга робусна земјоделска механизација под проводниците
– Не поставувајте цевководни системи за наводнување под проводните јажиња во далекуводните траси
– Не ги кревајте во височина металните цевки од системите за наводнување под проводните јажиња на далекуводите бидејќи металот е проводник на електрична енергија
– Не ги поставувајте прскалките за наводнување под проводните јажиња и во безбедносните коридори на далекуводите од преносната мрежа. Допирот на водениот млаз со проводните јажиња може да биде кобен по животот на луѓето кои се наоѓаат под трасата на далекуводот
– Не палете стрништа во близина на далекувод бидејќи се загрозува доверливоста на електроенергетскиот систем
„Дополнително апелираме спортските риболовци да бидат особено внимателни при манипулација со риболовните стапови во близина на далекуводи, а граѓаните да не вршат градежни работи на трасите на далекуводите, под јажињата за пренос на електрична енергија“, велат од МЕПСО.
Македонија
Полицајците во „Пулс“ не презеле мерки да спречат активирање на пиротехниката, чие палење не било пријавено во полиција

Истрагата за пожарот во Кочани вчера беше проширена за уште 13 полицајци од СВР Штип. Според информациите на МВР, тие одобриле план за акциска контрола без да проверат дали ги има опфатено сите проверки во надлежност на МВР и, исто така, не презеле мерки да спречат активирање на пиротехниката, чие палење не било пријавено во полиција.
Против нив е поднесена кривична пријава за „тешки дела против општата сигурност“.
„Тие како соизвршители не постапиле според прописите за мерките за заштита – одобриле План за акциска контрола на угостителски објекти на подрачјето на Полициската станица Кочани без да проверат дали истиот ги има опфатено сите проверки во надлежност на МВР и дали се запазени одредбите од Стандардните оперативни процедури за проценка и управување со ризик при вршење на полициски работи“, соопшти МВР.
По овој план, кој бил изготвен врз основа на претходно изготвени планови, без какви било измени, било постапено и на 16.03.2025 на место каде што биле собрани поголем број на луѓе до дискотеката „Пулс“.
Исто така, не преземале мерки да спречат активирање на пиротехничка опрема на сцената каде настапувала музичката група ДНК во моментот кога ја вршеле контролата, а чие палење не било пријавено во Полициската станица Кочани и како последица на палење на пиротехниката настанал пожар во дискотеката.
„На овој начин, со не преземање мерки за заштита на присутните лица и поради несоодветните услови за работа, во текот на акциската контрола настанал пожар во кој починале 62 лица, а 157 лица се здобиле со потешки телесни повреди, a 54 телесни повреди“, соопшти МВР.
Јавниот обвинител на Судот предложи спрема осомничените да се определат следните мерки на претпазливост, и тоа: забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган кој ќе го определи Судијата на претходна постапка, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница односно забрана за нејзино издавање, Забрана за приближување или воспоставување, односно одржување контакти или врски со определени лица – осомничените во оваа постапка, како и Забрана за преземање на определени работни активности –полициски службеник.
Македонија
Потпишан договор за стратешко партнерство со Унгарија

На покана на министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во еднодневна посета на Република Северна Македонија престојуваше унгарскиот министер за надворешни работи и трговија, Петер Сијарто. Посетата беше заокружена со потпишување на Договор за стратешка соработка помеѓу владите на двете земји.
„На средбата, двајцата министри се осврнаа на одличните билатерални односи, изразувајќи заемно задоволство од интензивниот политички дијалог и развиената секторска соработка. Беше поздравено и тридецениското пријателство и одличната трговска соработка, која бележи континуиран нагорен тренд во изминатиот период. Во тој контекст, од страна на двајцата министри беше констатирано дека македонско-унгарското партнерство е засновано на силни политички врски и развиена економска соработка, кои во претстојниот период ќе добијат уште позасилена динамика“, соопшти МНР.
Во фокусот на разговорите беа и перспективите и предизвиците на процесот на европската интеграција на нашата земја и засилената и недвосмислена поддршка од Унгарија на овој пат, која е насочена кон отворање на преговорите на нашата земја со ЕУ, со цел да се овозможи стабилизирање и подобра перспектива за нашата земја и за земјите од регионот.
Во таа насока, министерот Муцунски изрази уверување дека поддршката ќе продолжи со несмалено темпо и во претстојниот период, имајќи го предвид и неодамна потпишаниот Акциски план за споделување на знаење во однос на ЕУ-пристапувањето помеѓу министерствата за надворешни работи и надворешна трговија и министерствата за европски прашања на двете земји.
На средбата, исто така, стана збор и за сојузништвото и одличната соработка во рамки на НАТО, која е насочена кон справување со актуелните безбедносни предизвици и зачувување на европската и трансатлантската стабилност.
Во рамките на посетата беа потпишани и договор за соработка на владино ниво и договор за соработка во делот на образованието. Имено, министерот Муцунски и министерот Сијарто потпишаа Договор за стратешка соработка меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Унгарија, додека од страна на министерот Сијарто и министерката за образование и наука, Весна Јаневска, беше потпишан Меморандум за разбирање меѓу Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија и Министерството за надворешни работи и трговија на Унгарија за соработка во рамките на Програмата Stipendium Hungaricum за годините 2026–2028.