Македонија
Сообраќајот во државата се одвивa нормално, по влажни коловози

Сообраќајот на државните патишта се одвивa нормално, по влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Костовски: Дали УЈП го игнорирала законот и овозможила нелегално работење на клубот „Пулс“

Продолжуваат да излегуваат нови, загрижувачки детали за институционалните пропусти кои можеби довеле до најстрашната трагедија во поновата историја на Македонија, во која животот го загубија 59 млади луѓе, истакна на прес-конференција Мартин Костовски, организационен секретар на СДСМ.
Како што рече, објектот познат како дискотека „Пулс“ во Кочани, каде се случи трагедијата, работел нелегално, тоа веќе е документирано и потврдено. Тоа за Костовски е дел од активната истрага која треба да даде одговори, но и да утврди одговорност кај институциите чии пропусти се сѐ поочигледни.
„Денес, отвораме нов и мошне сериозен аспект од оваа трагедија – улогата на Управата за јавни приходи.
Според податоците објавени во Бизнис мрежа, фирмата „ММММ Кафе“, сопственик на дискотеката „Пулс“, работела со блокирана сметка дури 217 дена. Евидентирана блокада, која сѐ уште не е тргната, била заведена на 16 август 2024 година.
И тука се поставува суштинското прашање:
Дали Управата за јавни приходи требала да го затвори клубот уште во септември 2024 година“.
Според член 117 од Законот за стечај, како што наведе Костовски,ако фирма има блокирана сметка повеќе од 45 дена и не исплаќа плати и придонеси подолг период, УЈП има законска обврска да поднесе барање за отворање стечајна постапка и да предложи мерки за обезбедување на имотот.
„Ако блокадада била заведена на 16 август 2024 година, тоа значи дека веќе до крајот на септември Управата требала да постапи, а клубот „Пулс“ требал да биде затворен.
Но, клубот продолжил да работи. И 59 животи беа загубени“.
Ова, оценува, не се технички грешки. Ова, според него се системски прашања.
„Затоа, денес, СДСМ поставува неколку директни, но неопходни прашања до истражителите, до МВР, до Јавното обвинителство:
Дали е точно дека Управата за јавни приходи не постапила по своја законска обврска согласно член 117? Кој во УЈП бил надлежен да го поднесе барањето за стечај и зошто тоа не било направено? Дали некој ја стопирал постапката? И ако да – зошто? Со каква цел? Дали ова е уште еден случај на неажурност, или станува збор за заштита на нередовности и политички врски?“
Како што истакна, трагедијата во Кочани не е последица на една грешка, туку на ланец од институционални пропусти.
Оцени дека секој пропуст мора да биде идентификуван, секој виновник мора да биде повикан на одговорност а државата мора да покаже дека законот важи за сите и дека никој смее да биде над него.
Македонија
Левица со низа мерки за заштита на граѓаните од системската корупција

Огромната трагедија во Кочани, која е незапамтена во поновата историја на Македонија, ги обелодени сите пропусти на корумпираниот систем чија цена за жал се плаќа во човечки животи. Изминатиов период политичката партија Левица, како одговорна опозиција, интензивно работи на сет законски решенија, со цел отстранување на законските аномалии кои ја легализирале корупцијата на одговорните политички фактори.
Дополнително, Левица преку своите советници во општините, веќе побара одговори и документација за состојбата со објектите кои се под надлежност на локалната самоуправа – со цел лоцирање и итно отстранување на незаконитостите. Безбедносните стандарди за заштита од непогоди, како во јавните установи (како училиштата и културните домови), така и во приватните објекти, се сериозна аномалија за која Левица и во минатото реагирала. Сепак, поради приватните интереси за профит на поединци, безбедноста на граѓаните е најдолу на листата приоритети – за луѓето во овој систем да бидат колатерална штета.
„Токму поради тоа, во периодот кој претстои, нашите советници детално ќе ја мониторираат состојбата со јавните и приватните објекти, првенствено со фокус на тоа:
Дали училиштата и општинските установи поседуваат соодветна противпожарна опрема и истата редовно се сервисира?;
Дали училиштата и општинските установи поседуваат важечки Елаборат за заштита на пожари и План за евакуација?;
Дали општините ги реализираат програмите за противпожарна заштита (доколку воопшто ги има)?;
Дали во општината има објекти со издадена лиценца за вршење на угостителска дејност и дали овие објекти ги исполнуваат безбедносните протоколи според Законот за градење и Правилникот за урбанистичко планирање и проектирање?; и
Дали општината поседува техничка документација за секој објект во нејзина надлежност (згради, основни училишта и градинки) за брза евакуација при евентуални пожари поплави или земјотреси?
Во состојбата во кое се наоѓа македонското општество, мора неодложно и одговорно да се лоцираат пропустите и слабостите кои директно ја загрозуваат безбедноста на граѓаните. Левица преку своите советници во периодот што претстои, како и претходно, ќе алармира за констатираните пропусти и незаконитости, со цел нивно итно санирање и закрепнување на ерозираниот систем во кој тоне македонското општество“, посочуваат од Левица.
Македонија
(Видео) Петрушевски: Јон Фрчкоски тврди дека селективна правда е неправда за случајот во Кочани, ние со тоа се согласуваме и го прашуваме дали тоа што користи е наркотична супстанца, кокаин

Со голема шокираност ја примивме информацијата која се појави на социјалните мрежи каде што се гледа дека функционерот и директорот на Центарот за истражување и анализи на СДС, Јон Фрчкоски, користи бели наркотични супстанци. Не знаеме дали e навистина тоа, но поради јавниот интерес граѓаните заслужуваат одговори, вели Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Инаку Јон Фрчкоски е синче на Љубомир Фрчкоски, поранешен министер во владите на СДС, несуден дипломат и еден од татковците на криминалната транзиција. Неговото синче пак, Јон Фрчкоски, на прес-конференции тврдеше дека селективна правда е неправда за случајот во Кочани. Бидејќи тоа е точна констатација со која се согласуваме, јавно го прашуваме Јон Фрчкоски дали тоа што користи е наркотична супстанца кокаин?
Ако тоа е точно, дали Јон Фрчкоски се дрогира во просториите на СДС или во просториите на Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор, каде Јон беше помошник директор“
Прашуваат, дали Јон Фрчкоски е подготвен да направи јавен нарко тест за утврдување на психотропни супстанци и кој е ставот на Венко Филипче кој го поставил Јон на ваква позиција.
Сведочиме, додава Петрушевски, на време во кое размазените синчиња на комунистичката црвена буржоазија, која го создаде трулиот и корумпиран систем, сега без ронка срам и образ злоупотребуваат трагедии.
„Еве што прават во слободно време.
Бидејќи селективна правда е неправда, не сакаме да веруваме дека Јон Фрчкоски и Венко Филипче ќе дадат половични одговори. Јавноста бара одговори“, истакнува Петрушевски.