Македонија
Сопругата на Ковачевски добила земјиште од Владата на Ковачевски, нека не се прави успешен менаџер, избркан е од компаниите зашто е неспособен, вели ВМРО-ДПМНЕ
„Ковачевски призна дека поседува акции во приватна компанија, која учествува во правниот промет“, вели ВМРО-ДПМНЕ.
Од таму додаваат:
„На Ковачевски, кој е фатен жив како прави пари додека е премиер, криви му се медиумите и искажува отворени закани затоа што неговото банковно броило постојано врти и се зголемува.
Вистинско потценување кон народот е објаснувањето на Ковачевски дека треба да му поверуваме оти не влијаел како премиер само затоа што му рекол на владиниот координатор за криминал, Груби, да го помине земјиштето на неговата сопруга на седница на Владата. На оваа не веруваат ниту малите деца.
Сопругата на Димитар Ковачевски не ја вмеша ниту ВМРО-ДПМНЕ ниту медиумите, туку самиот Ковачевски.
Факт е дека сопругата на Ковачевски влегува во бизнис од над 1 милион евра додека тој е премиер, а земјиште добива со потпис на Груби.
1,8-мегаватна фотоволтаична централа ќе гради фирмата „Сол груп 5“ во сопственост на сопругата на Ковачевски додека тој е премиер. За таа цел, добива и над 1.000 м2 државно земјиште со потпис на Артан Груби и одлука на Владата по цена од 70 денари за м2.
Ковачевски тврдеше дека излегол од бизнисот со фотоволтаици, а сега гледаме дека, наместо него, во тој бизнис влегува неговата сопруга.
Додека Ковачевски како премиер води држава, каде што половина милион луѓе живеат со 150 денари на ден, неговата сопруга влегува во бизнис од над 1 милион евра.
И сигурно повторно Ковачевски ќе оди во маркети и ќе се фали со намалување на цените на макароните. За народот макарони, а за неговата сопруга доходовен бизнис.
Фалбите на Ковачевски дека бил успешен менаџер во две големи компании завршуваат со фактот што двапати е избркан за неспособен. Нормално, тоа беше репер Заев да го направи премиер.
Ковачевски е премиер за да прави пари на грбот на народот.
Очекуваме реакција на заканите од Ковачевски врз медиумите и негова оставка“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина на Комисија во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март, денеска не помина на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта освен предлогот за јавна расправа го одбила и разговорот меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.

