Македонија
Со години добивал по 200 евра месечно за да не врши контрола: вработен во „Национални шуми“ осомничен за примање поткуп

Основното јавно обвинителство Струмица донесе Наредба за спроведување на истражна постапка за продолжено кривично дело – Примање поткуп од член 357 став 1 во врска со член 45 од Кривичниот законик против службено лице – самостоен референт во ЈП „Национални шуми“ ПШС Беласица – Струмица.
Во периодот од септември 2020 до ноември 2024 година, осомничениот директно барал подарок во паричен износ од неколку лица со цел да не изврши контроли кои морал да ги изврши. Со тоа на лицата им овозможувал да добиваат дозволи за селска сеча по повеќе пати и дрвната маса да ја продаваат на трети лица. За тоа од нив барал и добивал поткуп од по 200 евра месечно. Бил затекнат како прима поткуп од едно од лицата, кое по претходен телефонски договор требало да му исплати пари за да врши селска сеча на планината Огражден.
По предлог на јавниот обвинител судијата на претходна постапка од Основниот суд во Струмица на осомничениот му определи притвор во траење од 30 дена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Филипче: Немаме коалиција ниту со ДУИ, ниту со Левица

Не, ние немаме коалиција ниту со ДУИ, ниту со Левица. Но, се согласувам со премиерот кога вели дека граѓаните имаат две опции,“ истакна претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање.
„Едната е напредна, проевропска опција, која нуди чесни и добри кадри, луѓе кои покажаа како се работи за доброто на граѓаните, а тоа е СДСМ. Другата е ВМРО-ДПМНЕ, кои се служат со лажни кампањи, со лаги и клетви, и кои докажаа дека се неработници. Тие го блокираа и го запустија Скопје,“ нагласи Филипче.
Претседателот на СДСМ, Филипче, порача дека на следните избори граѓаните ќе одлучуваат помеѓу чесно и одговорно водење или враќање во времето на лаги, блокади и застој под раководство на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
(Видео) Филипче: Правда за Кочани нема да има, власта ги штити своите функционери

Претседателот на Сoцијалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, денеска во одоговор на новинарско прашање поврзано со новите откритија на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ), за трагедијата во Кочани, изјави дека се потврди она што и СДСМ го зборувало во јавноста дека власта направила сѐ за да си ги заштити своите функционери.
„Ние изминатиот период видовме дека оваа власт направи сѐ да заштити свои функционери во истрагата за Кочани и еве сега гледаме дека практично тие биле многу чести гости и привилегирани гости на таа дискотека“, изјави Филипче.
Тој потенцираше дека токму поради јавните настапи и прес-конференции на СДСМ биле обелоденети значајни информации и факти, кои инаку не би биле дел од официјалната истрага.
„Да не беа нашите прес-конференции во коишто обелоденувавме многу работи и факти огромен дел и од тие што беа опфатени немаше да бидат опфатени со истрагата. Жалам што морам да констатирам дека вчера мислам дека го видовме најгрдото лице на оваа власт“, истакна Филипче.
Тој додаде дека СДСМ останува посветен на барањето за целосна, независна и неселективна истрага, со цел да се утврди вистинската одговорност и да се обезбеди правда за жртвите и граѓаните.
Македонија
Гаши на средба со в.д. амбасадорот на Катар

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска оствари средба со Рашид Бин Саид Ал-Хајарин, вршител на должност амбасадор на Државата Катар.
Претседателот Гаши потенцираше дека особено ја цени улогата на парламентарната дипломатија, клучен механизам за продлабочување на билатералните односи, и затоа ја реафирмираше потребата од поблиска соработка меѓу Собранието на Република Северна Македонија и Советот на Шурата на Државата Катар.
Во текот на разговорот, Гаши го осудил неодамнешниот напад на Доха и истакнал дека оваа недозволива акција е кршење на територијалниот интегритет и суверенитет на Катар.
„Ваквите милитантни дејствија треба да бидат осудени од целиот демократски свет затоа што ризикуваат да ја ескалираат ситуацијата во регионот и да ги поткопаат напорите за постигнување на прекин на огнот во Газа“, рече Гаши.
Рашид Бин Саид Ал-Хајарин истакна дека во иднина очекува акцентот на билатералните односи меѓу Република Северна Македонија и Државата Катар да биде ставен на унапредување на економската соработка, како и зајакнување на парламентарната допломатија.
Двајцата соговорници искажаа големо задоволство од средбата и истакнаа дека очекуваат пријателството и соработката што постојат меѓу двете земји во иднина уште повеќе да се зајакнуваат и унапредуваат.