Македонија
Со доделување награди и признанија одбележан Светскиот ден на науката за мир и развој на УКИМ
Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје го одбележа Светскиот ден на науката за мир и развој – 10 Ноември, кој, по две пандемиски години, се одржа со физичко присуство во аулата на Ректоратот на Универзитет.
Традиционално, Универзитетот го одбележува Светскиот ден на науката со промоција на најдобрите научници и уметник на Универзитетот за достигнувањата реализирани во изминатата календарска година. Годинава, овој настан беше збогатен со доделување плакета за посебен придонес во развојот на научноистражувачката дејност на Универзитетот и исклучителни достигнувања во целокупната кариерата.
Доделени се награди на најдобри ученици и уметник во 2021 година:
Во научното подрачје на природно-математичките науки со врвни резултати за 2021 година е избрана д-р Рената Ќуштеревска, вонреден професор на Природно-математички факултет
Во научното подрачје на техничко-технолошките науки со врвни резултати за 2021 година е избран д-р Петре Ламески, вонреден професор на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство.
Во научното подрачје на медицинските науки со врвни резултати за 2021 година е избран д-р Игор Спироски, вонреден професор на Медицинскиот факултет.
Во научното подрачје на општествените науки со врвни резултати за 2021 година е избрана д-р Виолета Цветковска, вонреден професор на Економскиот факултет.
Во научното подрачје на хуманистичките науки со врвни резултати за 2021 година е избрана д-р Лидија Тантуровска, научен советник на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“,
За најдобар уметник за 2021 година е избрана м-р Дарија Андовска, редовен професор на Факултетот за музичка уметност.
Доделени се плакети за посебен придонес во развој на научноистражувачката дејност и интернационализација и афирмација на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, и тоа:
1. На проф. д-р Трајче Стафилов, редовен професор (во пензија) на Природно-математичкиот факултет, во знак на признание за посебен придонес, во две категории:
· за исклучително достигнување во кариерата и објавени повеќе од 100 научни труда афилирани на Универзитетот, индексирани во базата Web of Science (199 заклучно со 2021),
· за исклучително достигнување во кариерата и меѓународно признаена извонредност преку застапеност во листата на Универзитетот „Стенфорд“ за 2 % најцитирани научници на планетата за целата кариера, заклучно со 2021.
2. На проф. д-р Марјан Гушев, редовен професор на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, во знак на признание за посебен придонес, во две категории:
· за исклучително достигнување во кариерата и објавени повеќе од 100 научни труда афилирани на Универзитетот, индексирани во базата Web of Science (158 заклучно со 2021)
· за најголем број научни публикации на Web of Science во изминатата деценија 2011 – 2020.
3. На проф. д-р Лилјана Гавриловска, редовен професор (во пензија) на Факултетот за електротехника и информациски технологии, во знак на признание за посебен придонес, во две категории:
· за исклучително достигнување во кариерата и објавени повеќе од 100 научни труда афилирани на Универзитетот, индексирани во базата Web of Science (116 заклучно со 2021),
· за раководење најголем број меѓународни проекти во периодот на интегриран универзитет 2009 – 2021 година.
4. На академик проф. д-р Љупчо Коцарев, редовен професор (во пензија) на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, во знак на признание за посебен придонес, во две категории:
· за исклучително достигнување во кариерата и објавени повеќе од 100 научни труда афилирани на Универзитетот, индексирани во базата Web of Science (106 заклучно со 2021),
· исклучително достигнување во кариерата и меѓународно признаена извонредност преку застапеност во листата на Универзитетот „Стенфорд“ за 2 % најцитирани научници на планетата за целата кариера, заклучно со 2021.
5. На проф. д-р Гоце Спасовски, редовен професор на Медицинскиот факултет, му се доделува во знак на признание за посебен придонес, во категоријата:
· за исклучително достигнување во кариерата и објавени повеќе од 100 научни труда афилирани на Универзитетот, индексирани во базата Web of Science (114 заклучно со 2021).
6. На проф. д-р Иван Грозданов, редовен професор (во пензија) на Природно-математичкиот факултет, во знак на признание за посебен придонес, во категоријата:
· за исклучително достигнување во кариерата и меѓународно признаена извонредност преку застапеност во листата на Универзитетот „Стенфорд“ за 2 % најцитирани научници на планетата за целата кариера, заклучно со 2021.
7. На академик проф. д-р Леонид Грчев, редовен професор (во пензија) на Факултетот за електротехника и информациски технологии, во знак на признание за посебен придонес, во категоријата:
· за исклучително достигнување во кариерата и меѓународно признаена извонредност преку застапеност во листата на Универзитетот „Стенфорд“ за 2 % најцитирани научници на планетата за целата кариера, заклучно со 2021.
На настанот пред присутните се обратија ректорот на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Никола Јанкуловски, проректорката за наука, проф. д-р Валентина Гечевска, добитничката на награда за 2021 година, проф. д-р Лидија Тантуровска, и добитниците на плакета на Универзитетот, академик проф. д-р Љупчо Коцарев и проф. д-р Лилјана Гавриловска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Лукаревска од Македонска Каменица: На 8 мај гласајте за силен СДСМ, сега е најважно да не се враќаме назад
„Ветувањата ги остваруваме, oвде од Македонска Каменица започнавме уште на почетокот на мандатот и веќе во 2018 година Владата на СДСМ обезбеди бенефициран стаж за рударите. Луѓето со најтешка и најпочитувана професија заслужуваат уште повеќе, социјалдемократите го ценат трудот на работникот, секогаш сме биле први во заштита на работничките права и во обезбедување на социјална правда, зашто човечкиот капитал е највреден. И сега остануваме на истите принципи, гарантираме уште повисоки плати и пензии, зашто еднаш веќе тоа го направивме“, рече носителката на листа во третата изборна единица, Сања Лукаревска.
Таа истакна дека СДСМ ќе продолжи со силна поддршка на домашната економија за побрз развој, за повеќе работни места, за повисоки плати и подобар стандард, со 180 милиони евра директна поддршка за домашните компании, 3,5 милијарди евра за капитални инвестиции, 1 милијарда и 350 милиони евра инвестиции за земјоделството, од кои 750 милиони евра директна финансиска поддршка.
„Ќе продолжиме со континуирана поддршка на земјоделците, но и на младите, на жените, од земјоделството да направат успешен бизнис за подобар стандард дома. За младите земјоделци што го превземаат земјоделското семејно стопанство грант од 20 000 евра. За жени земјоделки, за бизнис за преработка на примарното производство, финансиската поддршка се зголемува од 6 000 на 10 000 евра. Вложуваме во повеќе работни места и подобри плати, обезбедуваме по 200 евра во првите 12 месеци за секое прво вработување на млади до 26 години. Затоа на 8 мај гласајте за силен СДСМ, сега е најважно да не се враќаме назад, во сојуз со граѓаните да продолжиме да работиме за просперитетна, напредна и модерна држава за сите, за подобар живот дома“, рече Лукаревска.
Македонија
(Видео) Стојчевски: ЗНАМ ќе направи темелна промена во правосудниот систем, со кој правдата ќе биде столб на општеството и ќе нема место за корупцијата
Носителот на листата на кандидати за пратеници од ИЕ 2, Даниел Стојчевски од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, денеска одржа прес конференција на која се задржа на мерките од програмата „Проглас за достоинствена Македонија“ во однос на правдата и борбата со криминалот и корупцијата.
Стојчевски рече дека граѓаните сега имаат можност да направат избор со кој ќе видат дека има начин за да биде подобро, а изборите што се прават сега ќе ја одредат иднината на нацијата. Тој потенцира дека изборите овој пат не се само за тоа кој ќе управува, туку се за враќање на довербата во институциите, како и за создавање на Македонија која е посилна, почесна, и поправедна.
„Ние сме тука да предложиме конкретни решенија за трајни промени. Нашата програма, “Проглас за достоинствена Македонија”, се залага за темелна промена во правосудниот систем, каде што правдата е столб на општеството и каде за корупцијата нема место. Првата мерка е зголемувањето на казните за злоупотреба на службена положба и овластувања, со казна затвор од минимум 10 години. Ние сметаме дека казните треба да бидат строги за да се обесхрабри секој обид за корупција и злоупотреба.
Втората, ќе воведеме принцип на незастарување за делата на криминал и корупција. Престапите против државата и нејзините граѓани не треба и не смеат да бидат заборавени или игнорирани со текот на времето.
Третата, зајакнување на капацитетите и интегритетот на судскиот систем преку избор на судии и обвинители кои имаат докажано искуство и знаење, со минимално 10 години стаж и завршена Академија за судии и јавни обвинители.
Четвртата, укинување на доживотниот мандат на судиите и јавните обвинители и воведување на систем за реизбор на секои шест години. Со оваа мерка, тие ќе мора постојано да ја докажуваат својата компетентност и посветеност кон правдата.
Петтата, сите нотари и извршители ќе станат државни службеници, што ќе придонесе кон поголема контрола и стандардизација на нивната работа.
Шеста, зголемување на платите за администрацијата во правосудните органи за 30 проценти за да се овозможи најдобрите кадри да останат во нив“, рече Стојчевски.
Тој нагласи дека оваа битка е битка за сите нас, битка за почесна и праведна Македонија, без корупција и неправда. Според него секој од нас е дел од решението и треба здружено да се работи за иднина во која правдата не е само идеал, туку ќе биде реалност за секој граѓанин на земјата.
„Ние сме подготвени да дадеме „Максимум за Македонија“ и да застанеме рамо до рамо во борбата за подобра иднина, водени од љубовта кон нашата земја и желбата за подобрување на животот на секој еден нејзин граѓанин“, рече тој.
Запрашан кој е ставот на Движењето ЗНАМ во однос на коалициите за идната влада, и дали е Движењето е во преговори со ВМРО ДПМНЕ, Стојчевски одговори:
„Уште пред почетокот на кампањата Движењето ЗНАМ како политичка партија најави дека на изборите учествува за граѓаните, ќе работи за нив и ја бара нивната поддршка. Ние сме можеби единствената партија која не е во коалиција со ниту една политичка партија на овие избори. За нашите идни коалиции ќе одлучува раководството веднаш по изборите.“
Стојчевски беше прашан и каков е коментарот во однос на изјавата, односно ставот на ВМРО ДПМНЕ дека се надеваат дека не постои тројански коњ на власта во опозицијата, за што изјави:
„Вие гледате дека во изминатите денови, а особено по првиот круг на претседателските избори, каде што многумина беа изненадени од освоениот број на гласови што ги доби Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, дека сме мета на напади од двете најголеми политички партии поради тоа што, претпоставувам, се загрижени поради бројот на освоени гласови. Ние сме политичка партија која работи во интерес на граѓаните и тоа го покажавме со нашето делување во изминатите неколку месеци“.
Стојчевски исто така пред новинарите рече дека врвен државен приоритет е да се избере Претседател на Македонија.
„Двиежењето ЗНАМ ги повикува сите граѓани масовно да излезат и да гласаат за Претседател наМакедонија по сопствено убедување. Истовремено ги повикуваме граѓаните масовно да го поддржат Движењето ЗНАМ и да гласаат за број седум“, рече на денешната прес конференција Даниел Стојчевски, носител на кандидатската листа за пратеници во ИЕ 2 од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија.
Македонија
Меџити: Ако го прекршил законот, ќе одговара и Али Ахмети и секој од нас
„Законот е над сите нас, односно и над Али Ахмети. Ако згрешил кон законот, ако го прекршил законот, ќе одговара и Ахмети и секој од нас“. Ова денеска го изјави Изет Меџити, лидерот на Демократското движење, како одговор на изјавата на Али Ахмети, кој ја коментираше можноста ВЛЕН да го преземе раководството на МВР во идната влада.
Меџити рече дека имаат намера да преземат дикастери кои никогаш не ги воделе Албанците во последните 30 години.
„Нашата намера е да имаме застапеност во секторите за внатрешни работи итн., исто така некои сегменти од државата никогаш во овие 30 години не биле водени од Албанци, и ние ќе претендираме да се скрши мразот во овие ресори“, рече Мeџити.