Македонија
Со емотивно видео семејствата на загинатите во „Пулс“ најавија нов протест в сабота во Скопје, следната недела почнува судењето
Здружението на граѓани „16-ти Март“ – кое го создадоа семејствата на жртвите во трагедијата која се случи во дискотеката „Пулс“ во Кочани, најави нов марш на ангелите што ќе се одржи в сабота во 12.05 часот на скопскиот плоштад.
„Од радост до тишина – нашите ангели што заминаа премногу рано. Ги испративме со песна, а судбината ни ги врати во болка. Ова видео е потсетник дека зад секоја трагедија стојат вистински животи, семејства и љубов. Да не дозволиме болката да биде заборавена – да бараме правда со достоинство и сила“, се вели во описот на видеото.
Судскиот процес за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој животот го загубија 63 лица, а над 200 беа повредени, почнува следната недела, на 19 ноември.
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски вчера најави дека обвинението ќе го застапува тим од околу 15 обвинители, со веќе утврден план за нивна координација.
Обвинението, поднесено во јуни годинава, опфаќа 34 физички и три правни лица, обвинети за тешки дела против општата сигурност. Меѓу нив се тројца поранешни градоначалници на Кочани, четворица директори на Дирекцијата за заштита и спасување, пет државни службеници, генерален секретар и двајца поранешни министри за економија. Првообвинети се тројцата одговорни лица и сопственици на фирмата чија подружница бил кабарето „Пулс“.
Покрај главниот предмет, се води и посебна истрага против 13 полицајци поврзани со случајот, која се одвива побавно поради одложени сослушувања на сведоци. Одлуката од Јавното обвинителство се очекува на почетокот на декември.
Во Основното јавно обвинителство Кочани се води и предистражна постапка против службеници на Управата за јавни приходи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради појава на магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози.
Намалена видливост поради појава на магла од 50 – 70 метри има на патниот правец Дебар – Струга, од 100 – 150 метри на патниот правец Куманово – Крива Паланка и од 50 – 100 метри на патниот правец Велес – Катланово.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Фото: депозитфотос
Македонија
СДСМ: Нема поголема минимална плата, доаѓаат „економски работници“
Поголема минимална плата? Нема да има. Нема пари ниту за минимална плата, ниту за земјоделците, ниту за пензионерите, велат од СДСМ.
„Очигледно сите ќе мора да се навикнеме дека поголеми плати нема да има.
Ни доаѓаат „економски работници“. Според договорот кој го објавија британски медиуми треба да им се обезбедат плати, сместување, пензии. Ако нема работа мора да им се плати, што значи нема да има ниту за плати ниту за пензии. Така вели договорот.
Не, тоа не се мигранти. Економски работници. Затоа и Законот за странци го сменија.
Може да ги нарекуваме економски работници додека Мицкоски не им даде пасоши, а потоа ќе станат рамноправни граѓани на Македонија.
Што да се прави, договор си е договорот“.
Како што нагласуваат од СДСМ, засега во буџетот недостига само една милијарда евра.
„Само ВМРО-ДПННЕ не се грижи. Има пари до крајот на мандатот за уште криминални тендери“.
Македонија
Сиљановска-Давкова ја прими албанската министерка Спиропали: Заедничката европска перспектива да стане реалност
Регионот како целина треба да се интегрира во Европската Унија без натамошно одложување, заклучија на денешната средба претседателката Гордана-Сиљановска Давкова и министерката за Европа и надворешни работи на Република Албанија, Елиса Спиропали, која престојува во официјална посета.
Сиљановска-Давкова го поздрави напредокот на Албанија во пристапниот процес, укажувајќи дека во актуелниот геополитички контекст, напредокот на секоја земја има позитивен ефект врз регионалната евроинтеграциска динамика.
Претседателката потсети дека, по 20 години кандидатски статус, македонскиот пристапен процес станува исцрпувачки маратон, со постојано одложување на целта.
Таа потенцираше дека Копенхагенските критериуми мора да бидат единствените услови за членство и дека билатерализацијата создава опасен преседан, овозможувајќи блокирање на европскиот пат и на други земји кандидатки.
Албанската министерка искажа силна поддршка за македонските евроинтеграции и уверување дека земјите од Западниот Балкан споделуваат идентични цели и вредности и треба заеднички да чекорат кон европското семејство.
Обете се согласија дека регионалната соработка е клучна за стабилноста, добрососедските односи и
инфраструктурното поврзување, а особено за реформски процеси неопходни за членството во ЕУ.
Во трилатералниот меморандум потпишан меѓу нас, Бугарија и Албанија, препознаваме јасно дефинирана временска рамка и динамика за реализирање на активностите врзани за Коридорот 8.
Воспоставувањето на систем со едно застанување „One Stop Shop“ на сите гранични премини меѓу двете земји, сметаат дека ќе придонесе за брза заедничка контрола и јакнење на меѓусебната соработка.
Соговорничките укажаа на потребата од засилена економска соработка и се заложија за продолжување на одличната соработка во НАТО.
Почитувањето на правата на малцинските заедници е додадена вредност за пријателските македонско-албански односи.

