Македонија
„Со заминувањето на уште еден албански партнер, ова политичко мнозинство, целосно без легитимитет кај Албанците, се претвори во моноетничка Влада“, велат од ДУИ
„Владата предводена од Христијан Мицкоски целосно промаши во одржувањето на функционалноста на меѓуетничката демократија – клучниот столб на долгорочната стабилност на земјата. Со заминувањето на уште еден албански партнер, ова политичко мнозинство целосно без легитимитет кај Албанците, целосно се претвори во моноетничка Влада“, велат од ДУИ.
„На ова предупредувавме уште од самиот почеток на создавањето на ова парламентарно мнозинство, затоа што беше создадено на премисите на една монструозна амбиција – да се дисциплинира цел еден конститутивен народ и, според нивните зборови „да им се покаже местото“ на Албанците.
Она што особено загрижува е што наместо да ги увиди сопствените промашувања, премиерот најавува уште поцврста и поагресивна политичка хајка за да оствари континуитет на оваа моноетничка Влада.
Наместо да ја прифати реалноста дека народот бара предвремени избори, на терен веќе се демонстрира арогантна агресивност преку активности на уцени, подметнувања и поткуп.
На јавна сцена Владини функционери упатуваат закани дека „ќе ги стине правдата“ оние кои го критикуваат Премиерот, додека во позадина се води непристојна уцена кон пратеници, функционери и административци – Албанци, Турци, и други претставници на немнозинските етнички заедници, за да се обезбеди барем привид за некаква мултиетничка поддршка на Владата.
Овие очајни обиди да се добие барем некаков легитимитет ќе пропаднат, но зад себе ќе остават длабоки последици во нарушувањето на меѓуетничките односи.
Секој ден што оваа Влада ги отфрла албанските барања, преставува уште еден ден повеќе во оддалечувањето на Албанците од државните текови.
Ова парламентарно мнозинство ги промаши клучните стратешки интереси на државата и заради тоа се распаѓа. Време е да се преиспита легитимитетот на политичките претставници на предвремени парламентарни избори“, се наведува во соопштението на ДУИ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот во зимски услови по влажни коловози
Поради врнежи од снег се уште е во сила забраната за тешки товарни возила и автобуси воведена од 9:20 часот утрово на патниот правец крак Шипковица-Попова Шапка, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на остаматите државни патишта се одвива во зимски услови по влажни коловози, на некои повисоки места во западните и југозападните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот. Врнежи од снег со променлив интензитет се бележат во Крушево, Попова Шапка и Маврово и на планинските превои Стража и Ѓавато и на патниот правец Берово-Струмица.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Патниот правец Охрид – Ресен преку националниот парк Галичица од 21.11.2025 до 31.03.2026 година се затвора за сообраќај за сите видови возила.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
До 5 февруари пријавување за субвенциониран студентски оброк
Министерството за образование и наука ги информира студентите дека рокот за пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2025/2026 година трае од денеска до 5 февруари 2026.
-Правото на субвенциониран студентски оброк може да го користат сите редовни студенти на додипломски студии кои имаат месечен приход помал од минималната нето плата, но и студентите запишани на постдипломски студии и на интегрирани студии на државните и на приватните универзитети во државата. Студентите кои ги исполнуваат условите, а не аплицирале досега, може да поднесат апликација, електронски преку порталот: https://e-uslugi.mon.gov.mk, соопшти МОН.
Условите и критериумите за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк се достапни на линкот https://mon.gov.mk/mk-MK/konkursi-i-stipendii/konkursi-mon/javen-povik-za-ostvaruvanje-na-pravoto-na-subvencioniran-studentski-obrok-za-akademskata-20252026-godina
-За поддршка при аплицирањето, контактирајте преку е-пошта: [email protected] Студентите на кои им било прекинато правото на субвенциониран оброк, а сметаат дека ги исполнуваат условите, може повторно да аплицираат. Овој рок е, исто така, отворен за студентите кои не аплицирале во претходните активни рокови, информира Министерството за образование и наука.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар – Стража – Кичево
Забраната за сообраќај на тешки товарни возила на патниот правец Гостивар – Стража – Кичево се укинува од 14.30 часот, соопшти ЈП „Македонијапат“. Забраната беше воведена денеска од 9.40 часот во двата правца на патот поради врнежи од снег.
Забрана за сообрачај на камиони и автобуси од 9.20 часот е воведена за камиони и автобуси на патниот правец крак Шипковица – Попова Шапка и од 5.45 часот за тешки товарни возила на патниот правец крак Маврово – Дебар.
Како што информира ЈП „Македонијапат“, врнежи од снег има во Крушево, на Попова Шапка и во Маврово и на планинските превои Стража, Пресека, Буково и Ѓавато.

