Македонија
„Со сите демократски и парламентарни методи ќе го спречиме донесувањето на законот за амнестија“, велат ВМРО-ДПМНЕ

„Оваа власт на Ковачевски е во очај. Затоа во рок од 6 години подготвуваат нова амнестија со која треба на слобода, а со тоа и на улиците, стотици криминалци на кои веројатно им било ветувано ослободување за да може да им работат во изборна кампања“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Овој закон за амнестија како и скорешната измена на КЗ значат упад во правната држава и се прават шверцерски, интерно само внатре во владината коалиција без јавна расправа и консултации со експертите, што само говори дека се работи за партиско – политичка операција.
Информациите во јавноста кои говорат дека со оваа амнестија се ослободуваат учесници во тешки кривични дела, како учесници во странски боишта или осудени за случајот со убиството кај Смиљковци, само покажуваат зошто власта се обидува сето ова да го протурка кришум и набрзина.
ВМРО-ДПМНЕ ваков закон нема да поддржи и со сите демократски и парламентарни средства ќе го блокира неговото донесување, бидејќи овој закон не е ништо друго туку исполнување на одредени концесии кои коалицијата на Ковачевски ги давала кон одредени структури. ВМРО-ДПМНЕ има јасна намера да се пресмета со криминалот од каков било облик, вклучително и со подземјето кое шурува со владеачките партии, но и со нивните наредбодатели кои креираат хаос за евентуално да се спасат од одговорност. Пораката е јасна, правната држава и владеењето на правото се врвен приоритет на ВМРО-ДПМНЕ како одговор на тоталниот криминалитет и распад на системот кој го спроведува власта на Ковачевски“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“.
На средбата, таа уште еднаш ја потврди својата определба за формирање на Совет за дијаспора, како политички исчекор во соработката меѓу државата и дијаспората. Во Советот, претседателката гледа институционален одговор на потребата од засилена и продлабочена комуникација со нашите иселеници во сите области.
Дурловски истакна дека примарна цел на Организацијата останува да биде промоцијата и заштитата на правата на Македонците во Канада, како и нивната интеграција во канадското демократско општество. За него, македонските корени се силна мотивација за поддршка на македонските национални интереси.
Соговорниците се согласија дека бројната македонска дијаспора може да биде фактор на зајакнување на канадско-македонските политички, економски, културни и други односи.
Македонија
Од утре авионско и терестрично прскање против комарци во Скопје

Градот Скопје ги известува граѓаните дека утре ќе започне авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, а на 16 септември терестрична дезинсекција против возрасни форми на комарци и ларви од комарци, односно:
1. Авионската дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, ќе се одвива на 12.09.2025 (петок) и на 13.09.2025 (сабота), во раните утрински часови.
2. Терестричната дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци и ларви од комарци ќе се одвива од 16.09.2025 (вторник) до 19.06.2025 (петок), во период од 22.00 до 03.00 часот, наредниот ден
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши во истиот термин првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, додаваат од Градот Скопје.
Исто така се известуваат пчеларите навремено да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на Табановце за излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На ГП Табановце за излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање е околу 30 минути.
На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, додаваат од АМСМ.