Македонија
Спасовски: Ако некој сака да печали на ситуацијата со коронавирусот, на крајот ќе изгуби
Не прифаќам никакво политичко профитерство на грбот и здравјето на граѓаните. Исто така и во економијата или профитерство во новинарството. Ако некој се одлучил на оваа ситуација да ја користи и сака на неа да печали поени, на крајот ќе изгуби, рече премиерот Оливер Спасовски.
Ако некому му се поважни политичкиот рејтинг или поените од здравјето на граѓаните, додаде тој, тогаш тоа не е лидерство.
„Нам ни треба да покажеме лидерство пред граѓаните. Има луѓе кои се одговорни за ситуацијата и во опозицијата, но некои од раководствата на партиите, иако излегуваат и тврдат дека ги поддржуваат мерките на Владата, сепак нудат некакви тимови за интервенција. Тимовите задолжени за ситуацијата може да се најдат исклучиво во болниците, не постојат партиски лекарски тимови. Ова не е вирус за едни или други, не постои партиски вирус, тој е опасен за сите нас подеднакво“ рече Спасовски во врска со најавите на некои партии, пред се ВМРО ДПМНЕ, дека тие имаат свои медицински екипи кои може да интервенираат.
Спасовски повика да надвладее разумот, кој во моментов е најнеопходен за да се зачува ситуацијата со вирусот под контрола.
„Да ги почитуваме институциите, а преку нив и граѓаните. Здравјето и животот се поважни од секоја политичка одлука и од секоја политичка цел. Затоа на лидерската средба зборувавме сите, а потоа зборував и на телеофн со сите лидери на партии. До 22 март партиите ги ставаат под мораторум сите активности за изборите и тоа треба да се испочитува. Пораката на политичките лидери која треба да ја испраќаме деновиве е порака на одговорност, порака која треба да ја следат следбениците на партиите, за да донесеме подобра иднина со надминување на оваа состојба. Секој аспект од кризата мора да се цени и во рамки на тоа да се носат одлуки за изборите и за другите прашања. Ако граѓаните и животот се најважни тогаш чија и која политичка цел може да биде поважна?“- праша Спасовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Фемицидот е еден од најтешките општествени проблеми со коишто сме соочени
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска се обрати на панел-дискусијата насловена „Од пријавување на насилството до спречување на фемицид – системски одговор“, организирана од мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Таа истакна дека и покрај бројните конвенции, закони, стратегии и проекти, рапидно расте родово-базираното насилство и бројот на убиените жени само затоа што биле жени. За неа, фемицидот е последица на насилство коешто се случувало во континуитет, а не било превенирано или санкционирано.
Според неа, борбата против фемицидот мора да започне дома, во градинка и во основното образование, да продолжи со правни акти и институционални механизми, вклучувајќи ги и јавно-обвинителските и судските.
Сиљановска-Давлова посочи дека ако фемицидот е системски предизвикан проблем, тогаш и неговото решавање мора да биде системско.
На првиот панел се обратија и амбасадорот Килиан Вал, шеф на мисијата на ОБСЕ во Скопје, Ѓоко Велковски, заменик-министер за социјална политика, демографија и млади и Муамет Реџепи, помошник на министерот за внатрешни работи, презентирајќи свои видувања, податоци и решенија за надминување на еден од најтешките општествени проблеми со коишто сме соочени.
Во вториот панел се обратија: Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет за човекови права, јавната обвинителка Фатиме Фетаи, судијката Габриела Гајдова, Светлана Цветковска од Mинистерството за социјална политика, демографија и млади и Елена Димушевска од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.
Секоја од нив, во рамките на својата работа ги детектираше најголемите слабости во справувањето со насилството врз жените, вклучувајќиго и фемицидот, оценувајќи ја позитивно воспоставената соработка со надлежните институции, како гаранција за позитивен исчекор во оваа битка. Сите ја поздравија нововоспоставената платформа Femicide Watch.
Сите учесници беа согласни дека покрај 16 дена активизам, потребно е 349 денови ангажман на сите во справувањето со фемицидот.
Македонија
Левица: Власта повторно го одби амандманот за изградба на домови за стари лица
На денешната седница на Комисијата за финансирање и буџет, пратеникот и потпретседател на Левица, Реџеп Исмаил – Хактан, образложи амандман за грижата за старите лица.
Амандманот беше со цел да се наменат средства со што би можеле да се изградат најмалку три државни домови онаму каде што потребата е најголема.
Тој предупреди дека државата целосно го запоставила овој сегмент на социјалната заштита.
„Државните домови имаат само 600 сместувачки капацитети, додека приватните имаат двојно повеќе – 1.200. Луѓето практично немаат избор, освен да посегнат по приватните домови, а пензионерите тоа едноставно не можат да си го дозволат,“ рече пратеникот од Левица.
Листите на чекање се долги, а времето за чекање е од пет до седум години.
„За човек над 65 години, тоа не е малку. Во меѓувреме може и да почине пред воопшто да добие сместување,“ додаде тој.
Исмаил потсети и на европските стандарди, според кои треба да има 20–30 легла на 1.000 стари лица, додека Македонија е далеку под минимумот.
„Оваа јавна услуга постои само на хартија. Ако не почнеме да создаваме капацитети сега, со забрзаното стареење на населението ќе западнеме во уште полоша состојба, со уште подолги листи, уште подолго чекање и уште помалку достоинствена грижа,“ предупреди тој.
Иако проблемот е драматичен, власта сè уште не дава образложение зошто не го прифаќа овој амандманот.
„Доколку овој амандман не се прифати, очекувам барем објаснување од министерот,“ побара Хактан, нагласувајќи дека грижата за старите лица мора да биде во приоритетите, а не заборавена ставка во буџетот.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Шпанија е принципиелен поддржувач на македонските евроинтеграции
Шпанија е наш важен партнер во НАТО, ООН и ОБСЕ и принципиелен поддржувач на македонските аспирации за членство во ЕУ, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на денешната средба со делегацијата на Комисијата за надворешна политика од Сенатот на Кралството Шпанија, во придружба на амбасадорот Рафаел Сориано Ортиз.
Ја поздрави посетата, оценувајќи ја како пресвртница во шпанско-македонските односи преку обнова и интензивирање на меѓупарламентарната соработка.
Сиљановска-Давкова укажа на потребата од создавање на мешовита Група пријатели во шпанскиот Сенат и Конгрес.
Таа препознава недоволно искористен потенцијал за економска соработка којашто може да се регулира со билатерален договор.
Претседателката детално ги образложи државните ставови по однос на интегративниот процес во ЕУ, реафирмирајќи ја посветеноста на земјата на исполнувањето на Копенхагенските критериуми.
Претставниците на шпанскиот Сенат се заблагодарија за разговорот и изразија подготвеност за понатамошно продлабочување на соработката, како и поддршка во евроинтеграцијата.

