Македонија
Спасовски: Борбата против недозволената трговија со оружје е стратешки приоритет
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, се обрати на 17. регионална средба на мрежата на експерти за огнено оружје во Југоисточна Европа – СИФЕН, при што истакна дека борбата против недозволената трговија со оружје е издигната на ниво на стратешки приоритет на МВР.
На почетокот од своето обраќање министерот Спасовски се заблагодари за поддршката што Европската Унија ѝ ја дава на Агенцијата за контрола на мало и лесно оружје во Југоисточна и Источна Европа – СИСАК (SEESAC) во делот на активностите за разоружување и контрола на оружјето, што од 2013 година во континуитет ја помага мрежата SEEFEN да ги реализира овие значајни средби по целиот регион.
„Уверен сум дека состаноците на SEEFEN поттикнуваат не само продлабочување на регионалната соработка во развојот на вештини и координација во борбата против недозволена трговија и нелегално поседување огнено оружје туку и посилната соработка со Европската Унија, нејзините земји членки и специјализираните агенции на Европската Унија, како и клучните меѓународни актери во областа, кои се редовни учесници на настанот“, истакна министерот Спасовски. Тој додаде дека сите присутни на конференцијата, особено високите полициски истражители, балистичките експерти, претставниците на граничната полиција, обвинителите и царинските службеници од целиот регион, тежнеат кон истакнување на добрите пракси, размена на знаење од научените лекции, споделување информации за новиот модус операнди и патот напред како директен придонес кон спроведувањето на патоказот за одржливо решение за нелегалното поседување, злоупотреба и трговија со мало и лесно оружје и нивна муниција во Западен Балкан.
Истакнувајќи ја важноста на глобалните и националните активности, здружени со добро координираната национална и регионална соработка на сите агенции за спроведување на законот, министерот Спасовски информира дека Република Северна Македонија во изминатите години активно работеше на спроведување активности во процесот на воспоставување систем на сеопфатна контрола на оружјето во согласност со целите утврдени во Националната стратегија за мало и лесно оружје и акцискиот план.
„Во рамките на спроведување на целите од патоказот, Националната комисија за мало и лесно оружје, односно Министерството за внатрешни работи и другите надлежни институции, активно работат на усогласување на законската регулатива од областа на мало и лесно оружје и експлозивни материи со европската регулатива. Активно се работи и на спроведување сите планирани активности во насока на остварување поголеми резултати во подигнувањето на јавната свест за опасностите од злоупотреба на огнено оружје, спречување на трговијата со оружје, како и воспоставување ефикасни системи за размена на информации“, рече министерот Спасовски.
„Борбата против недозволената трговија со оружје е издигната на ниво на стратешки приоритет на Министерството за внатрешни работи и како резултат на плански и насочено интензивирани активности во областа, постигнати се значајни резултати за што доказ се зголемениот број откриени кривични дела и зголемување на вкупните количини заплени со оружје, муниција и распрскувачки материи, а позитивни резултати се постигнати и во делот на сузбивањето на организираните облици, кои се поврзани со недозволената трговија со оружје“, го заокружи своето обраќање министерот Спасовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Паркинзи“ на Општина Центар продолжува со акцијата за отстранување на хаварисани возила од јавните површини
Во изминатата година, ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ успешно отстрани над 120 хаварисани возила од јавните површини на територијата на oпштина Центар. Со оваа акција, претпријатието продолжува да придонесува кон создавање на почиста, побезбедна и поурбана животна средина за сите граѓани.
„Нашата цел е целосно да го ослободиме Центар од хаварисани возила кои ја нарушуваат урбаната слика и зафаќаат паркинг места и јавни површини. Апелираме до сите сопственици на хаварисани возила да се приклучат кон нашата акција и да ги пријават своите возила за отстранување,“ изјави директорот на ЈП Паркинзи на Општина Центар, Душко Коцевски.
За повеќе информации или пријава на хаварисано возило, граѓаните можат да контактираат со ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ на телефонскиот број: 076 350 767
Преку оваа акција, ЈП ПОЦ бесплатно ги транспортира хаварисаните возила до отпад, а средствата од откупот директно се префрлаат на сметката на сопственикот. На овој начин, секој граѓанин кој ќе се вклучи во акцијата придонесува за поуреден, побезбеден и пофункционален Центар.
Македонија
Компанијата „Зегин“ и фондацијата д-р Верица Механџиска со значајна донација за ГОБ „8 Септермври“ – Скопје
Компанијата Зегин и Фондацијата, Верица Механџиска, вчера донираа медицинска опрема на одделот за физикална медицина и рехабилитација во ГОБ „8 Септември” во Скопје со што остварија значаен придонес за македонското здравство и уште еднаш покажаа пример за општествена одговорност. Вкупната вредност на оваа значајна донација изнесува околу 140.000 евра.
Станува збор за хипербарна комора која ќе го подобри квалитетот на здравствените услуги, особено во третманот на пациенти со изгореници, за третман и лекување на пациенти со хронични рани кои тешко заздравуваат, дијабетично стапало, како и за постоперативни третмани но и за спортисти при спортски повреди, за зајакнување на нивните спортски перформанси, а ќе им биде на располагање и на одделите за пластичната хирургија, пулмологија, дерматологија и останатите оддели.
Дополнително се донира и нов клима уред , две мултифункционални маси за физикална рехабилитација кои се применуваат при невролошка рехабилитација, ортопедска рехабилитација, детска рехабилитација, рехабилитација за лица со попреченост, геријатриска рехабилитација, рехабилитација по спортска медицина, ментална рехабилитација итн, како и лента за трчање.
На проектот за хипербарна комора се работеше пет месеци, а крајната цел е создавање на подобри услови за поквалитетно и поблиско здравство до сите граѓани кои имаат потреба од овие третмани.
(ПР)
Македонија
Касами: Тетово ја заслужува оваа трансформација – продолжуваме уште посилно со Второто поглавје за развој
Градоначалникот на Тетово и кандидат за нов мандат, Билал Касами, порача дека големата поддршка што ја добил на 19 октомври покажала дека Тетово е на вистинскиот пат, дека градот се менува, трансформира и се развива.
„Тетово докажа дека ја цени работата и сака овој развој да продолжи уште посилно. Ние возвраќаме на ова признание со уште повеќе работа,“ изјави Касами.
Тој денес беше на улицата Поточка, заедно со улиците 134 и Прохор Пчински, кои, како што истакна, биле целосно асфалтирани според современи стандарди.
„Изградивме нова современа улица со должина од речиси еден километар и асфалтирана површина од околу 5.000 квадратни метри. Со инвестиција од приближно 200 илјади евра, односно околу 12 милиони денари, ја трансформиравме оваа населба во близина на градинката кај Поточка, давајќи ѝ европски изглед,“ нагласи Касами.
Тој додаде дека Тетово ја заслужува оваа трансформација и модерни патишта, училишта, градинки, базени и услови за функционален и чист град.
„Добрите дела за Тетово мора да продолжат уште повеќе, уште подобро, уште посилно — со Второто поглавје за развој,“ порача градоначалникот Касами.

