Македонија
Спасовски: Воведувањето на европските стандарди ќе донесе поголема безбедност и благосостојба во општеството
Желбата да станеме дел од големото евро-атлантско семејство, конечно, постапно се трансформира во реалност и сега од нас се бара да покажеме подготвеност и, конечно, да го почнеме процесот на интегрирање преку исполнување на стандардите во клучните сфери, рече министерот за внатрешни работи и вицепремиер, Оливер Спасовски, на денешната конференција во организација на институтот „Прогрес“ во соработка со „Калеви Сорса фондација“ од Финска.
„Стратегијата за кредибилна перспектива за проширување и зајакнат ангажман на Европската Унија со Западен Балкан со акцискиот план претставуваат клучни документи на кои не гледаме како наметната обврска, туку се вистински патоказ како да продолжиме понатаму во остварување на стратешките реформи. Реформите се повеќе од неопходни со цел исполнување на обврските за членство во ЕУ, меѓутоа на реформите гледаме и како на неопходност која на институциите и општеството, преку нивниот континуиран развој и надградба, ќе им овозможи да ги гарантираат демократијата, човековите права и владеењето на правото“, рече Спасовски.
Тој додаде дека високо на агендата во новиот реформски план, планот 18, е реформата на безбедносниот сектор, елиминирањето на заканите од тероризмот, борбата против организираниот криминал и корупцијата.
„Приоритетите веќе се имплементираат во пракса. Во ноември годинава е етаблирана Оперативно-техничка агенција, исто така донесен е пакетот закони неопходни за реформа на системот за следењето на комуникациите. Активно работиме на реализација на следната приоритетна точка од нашата агенда – реформа на разузнавачките и безбедносните служби. На овој клучен реформски процес му претходеа низа компаративни анализи, дебати, споделување искуства со нашите стратешки партнери. И овој реформски процес се спроведува на транспарентен начин, со обезбедување инклузивност на сите релеватни фактори“, истакна министерот за внатрешни работи.
Спосовски исто така зборуваше и за глобалната закана од радикалниот тероризам и истакна дека потребата да се дејствува превентивно во спречувањето на насилниот екстремизам и радикализацијата налага јакнење на улогата на локалните совети за превенција, поблиска соработка со локалното население, верските заедници, образовните институции, казнено-поправните установи и младински организации.
Министерот во обраќањето се осврна и на ефикасната борба против организираниот криминал и корупција, што, како што посочи, е и еден од приоритетите утврден во стратегијата.
„Мотивирани од потребата од имплементирање на највисоките европски стандарди што ќе обезбедат спроведување неселективна борба против сите облици на организираниот криминал, го воспоставивме националниот координативен центар за борба против организираниот криминал, кој е единствен од ваков вид во регионот и има цел да ја олесни размената на информации и податоци помеѓу институциите што партиципираат во неговото работење, а со тоа и да ги идентификува во рана фаза преклопувањата помеѓу институциите при преземањето на активностите во согласност со нивниот законски делокруг на работа. Резултатите се веќе видливи, што нè уверува дека сме на вистинскиот пат“, рече Спасовски.
Тој нагласи дека, генерално, на полето на безбедноста земјата се движи во добра насока благодарение на одредниците дадени во стратегијата за кредибилна перспектива за проширување и зајакнат ангажман на Европската Унија со Западен Балкан и акцискиот план.
„Многу бргу очекувам дека ќе добиеме нови одредници преку долгоочекуваниот почеток на преговорите за пристапување во ЕУ, кои ќе придонесат кон континуирано реформирање, напредок и конечно усогласување со европските стандарди, со цел обезбедување поголема безбедност, а со тоа и подобар и поквалитетен живот за сите“, рече министерот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март не доби поддршка од пратениците од власта. Предлогот денеска беше на дневен ред на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта го одбила и предлогот за јавна расправа и разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.
Македонија
ДУИ обвинува за притисок врз судството: Изјавите на Филков за куќниот притвор се директно мешање во постапката
Демократската унија за интеграција (ДУИ) изрази длабоко незадоволство поради, како што наведуваат, заканите упатени кон судии и обвинители од страна на министерот за правда Игор Филков во неговото последно јавно појавување поврзано со куќниот притвор на поранешниот вицепремиер, Артан Груби.
Од партијата оценуваат дека извршната власт нема уставно право да сугерира како треба да функционираат судските органи и дека улогата на Министерството за правда е да го штити интегритетот и независноста на судството, особено во чувствителни случаи со засилена политичка поларизација.
„Министерот за правда, наместо да го заштити судскиот систем од партиска хистерија, дополнително го поттикнува тоа, создавајќи клима на однапред донесена пресуда и јавно испраќајќи пораки што вршат притисок врз обвинителите и судиите“, наведуваат од ДУИ.
Според нив, ваквите изјави претставуваат директно мешање во тековна постапка и сериозен удар врз правосудниот систем, со што се загрозува интегритетот на постапката и принципот на поделба на власта.
ДУИ го повикува министерот да се воздржи од понатамошно јавно мешање, а Министерството за правда, како што велат, преку јасна и одговорна комуникација да ја гарантира независноста на судството. Во спротивно, сметаат дека министерот треба да биде разрешен.
Партијата најавува дека ќе продолжи да го следи секое дејствие што, според нив, создава клима на линч и ќе ги информира своите стратешки партнери – САД, Европската Унија и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Реакцијата на ДУИ следува по прес-конференцијата на министерот за правда Игор Филков, кој побара отчетност и детално образложение за одлуката за замена на мерката притвор со куќен притвор во случајот со Груби, кој е под истрага за криминал вреден 8 милиони евра во Државна лотарија.
Филков посочи дека станува збор за лице кое 14 месеци било во бегство, за кое претходно бил утврден ризик од бегство, и јавно ги повика судскиот и обвинителскиот совет да утврдат дали има одговорност кај судијата и јавниот обвинител за одлуката за куќен притвор.

