Македонија
Спасовски: Заканата од пандемијата ја покажува важноста на меѓународната соработка
Северна Македонија ги негува вредностите на ЕУ за просперитетни, безбедни, мирни и слободни општества и нема да дозволиме тие вредности да бидат доведени во прашање пред ниту една закана. Ова го изјави премиерот Оливер Спасовски на видеоконференцијата на самитот за Западен Балкан 2020, под покровителство на канцеларот на Австрија, Себастијан Курц.
Спасовски на конференцијата беше придружуван од заменикот на претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, и министерот за надворешни работи, Никола Димитров. На видеоконференцијата учествуваа премиерите од земјите на Западен Балкан и еврокомесарот за европска соседска политика и преговори за проширување на ЕУ, Оливер Вархељи, и дискутираа за соработката на актуелните прашања од интерес на граѓаните од регионот и за проширувањето на ЕУ, како и за справување со коронавирусот.
Спасовски информира за состојбата со коронавирусот во земјата потенцирајќи дека е прогласена кризна состојба во две општини, затворањето на двата аеродрома и бројот на заболени во моментот.
„Донесовме одлука да ги затвориме границите за сите странски државјани. Во функција се само пет копнени гранични премини, само за нашите државјани и за товарните возила за кои е воведен посебен безбедносно-санитарен и здравствен режим. Ги поставивме работите на највисоко и најодговорно институционално рамниште и такви ќе останат во секоја наредна фаза. Сметаме дека сме подготвени како општество за институционален одговор на оваа ситуација“, рече Спасовски.
Тој додаде дека заканата од пандемијата со која се соочуваме ја покажува важноста на меѓународната соработка.
„Затоа, сега е исклучително важно и за заеднички решенија за заедничкиот предизвик. Заедно, сите влади во светот, да работат на заштита на економиите, на проширување на јавните инвестиции и на обезбедување поддршка за најранливите. Ниту една земја не може да го стори тоа сама. Секако, сега е најважно пандемијата да се стави под контрола, а потоа и да се запре“, рече Спасовски.
Во врска со почетокот на пристапните приговори, премиерот истакна дека Република Северна Македонија ги прифати и ги практикува европските вредности, што е потврдено со мини извештајот на Европската комисија.
„Неопходно е сите земји членки да разберат дека сите натамошни одложувања и дополнителни услови дадени на процесот се еднакви на драгоцено изгубено време во однос на реформите во ЕУ за целиот регион. Прифаќањето на новата методологија и усвојувањето на одлуките за пристапување, без натамошно одложување, сега во март може да ни обезбеди на сите нас сценарио за успех. Успех и на Северна Македонија, но успех и на ЕУ. Отворањето на пристапните преговори ќе биде во согласност и со новата методологија за проширување како стратегија на Европската комисија за зајакнување на процесот на пристапување и за кредибилна перспектива на ЕУ за Западен Балкан“, додаде Спасовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Претежно облачно, попладне и кон крајот на денот повремен дожд
Променливо облачно, попладне и во текот на ноќта ќе има повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини врнежи од дожд и снег. Ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 6, а максималната ќе достигне од 6 до 12 степени.
Во Скопје, претежно облачно, попладне и кон крајот на денот ќе има повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува период на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. На повисоките планини врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Ќе дува умерен, повремено засилен јужен ветер што ќе услови до недела релативно високи температури. Од недела попладне ќе започне да дува северен ветер и температурите ќе бидат во опаѓање.
Македонија
Магла на неколку патни правци, слаб снег на Попова Шапка
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози. Слаби врнежи од снег на Попова Шапка без задржување на коловоз. Намалена видливост поради појава на магла има на планинските премини Плетвар до 100 метри, Стража до 80 метри и кај Крушево до 30 метри, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Силен земојтрес почувствуван во Македонија
Силен земјотрес беше почувствуван вечерва во 22:05 часот во Македонија.
Според информациите на ЕМСЦ, потресот бил регистриран во Косово, на 15 километри од Тетово, со магнутуда од 4,6 степени.
Земјотресот бил на длабочина од 5 километри.
Засега нема информации за штети.

