Македонија
Спасовски: Какви одлуки ќе се носат за време на вонредната состојба, ќе зависи од сите нас
Во вонредна состојба државата и општеството продолжуваат да функционираат, а правата и слободите не се ограничуваат по автоматизам, истакнува премиерот Оливер Спасовски во објавата на „Фејсбук“.
Тој посочува дека вонредната состојба што ја прогласи претседателот Стево Пендаровски ѝ дава можности на Владата да обезбеди услови за брзо и ефикасно спроведување на мерките за превенција и заштита на здравствената состојба на граѓаните, како и услови за стопанството и економијата нормално да функционираат.
Оваа одлука не значи никаков застој во слободниот транспорт, ниту во делот на прехранбените потреби на граѓаните, ниту во делот на снабдувањето на болниците и аптеките. Утре сè продолжува да функционера во секојдневниот живот исто како и денес.
Нема одлука за нови рестрикции во движењето и извршувањето на професионалните обврски на граѓаните. Исклучок од ова, засега, се само подрачјата на општините Дебар и Центар Жупа, бидејќи тие региони се утврдени жаришта на вирусот и таму имаме кризна состојба. Ќе направиме сè оваа состојба колку што може побргу да се смени на подобро.
Остануваат мерките со кои се забранети сите јавни собири на отворено и во затворени објекти. Сега ќе се засилат контролите спроведувањето на овие мерки за доброто на граѓаните.
За секоја нова одлука што ќе се носи и што ќе биде поврзана со вонредната состојба јавност ќе биде информирана на редовна дневна основа, а за спроведување на тие одлуки ќе бидат донесени соодветни упатства и врз основа на тоа ќе биде многу јасно кој и како треба да се однесува.
Какви одлуки ќе се носат, ќе зависи од сите нас. Од тоа како се однесуваме. Ако почитуваме мерки, ако ги следиме препораките, за заштитата на нашите семејства и за наша лична заштита и за заштита на околината во која живееме, тогаш ќе поминеме многу полесно, порачува премиерот Оливер Спасовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.

