Македонија
Спасовски: Македонскиот јазик го поставивме на еднакво рамниште со другите јазици во Европа и во светот
Претседателот на Владата, Оливер Спасовски, вечерва се обрати на свечената академија по повод 75-годишнината од наставата на македонски јазик во битолската гимназија „Јосип Броз -Тито“. Пред присутните во Народниот театар во Битола, премиерот Спасовски истакна дека овој настан и оваа свеченост по тој повод, е силна порака за негување, заштита и унапредување, афирмација и поддршка на употребата на нашиот македонски јазик.
„Седумдесет и петгодишнината од наставата на македонски јазик во гимназијата ‘Јосип Броз Тито’ во Битола е само еден од бисерите од низата од која е составена богатата историја, традиција и вредности на нашиот македонски јазик. Секој од тие бисери има свое длабоко и суштинско значење, па така и гимназијата ‘Јосип Броз Тито’ со овој свој јубилеј“, подвлече премиерот Спасовски.
Тој истакна дека Владата ја поддржува и ќе продолжи со поттикнување на секоја искрена иницијатива која оди во прилог на унапредувањето на современиот македонски јазик.
„Македонскиот јазик го поставивме на еднакво рамништето со другите јазици во Европа и во светот, треба да овозможиме доволен број негови познавачи кои ќе го употребуваат и афирмираат во европските и светските институции. Ова посебно го нагласувам, ако се имаат предвид очекувањата за исчекор во нашите европски перспективи и за потребата од службена употреба на македонскиот јазик во институциите на Европската Унија“, подвлече премиерот Спасовски.
Исто така претседателот на Владата информираше за иницијативата за обновување на некогашните лекторати и отворање нови лекторати по македонски јазик на странските универзитети, на високошколските и научни установи што се занимаваат со славистика. Притоа ова особено се однесува на соседните држави, Србија, Бугарија, Грција, Албанија, Косово, но и во земји од поширокото соседство како Хрватска, Словенија, БИХ, Црна Гора, Италија, Унгарија, Романија, Турција.
„Новиот предлог-закон за употребата на македонскиот јазик предвидува, меѓу другото, вработување лектори со завршен македонски јазик, во сите државни и јавни институции во државата, во сите субјекти во државниот и приватниот сектор во земјава, но и поактивна афирмација на македонскиот јазик во странство. Со предлог-законот утврдуваме и задолжително изучување македонски јазик на сите високошколски образовни установи во два семестри, што не беше практика досега“, наведе премиерот.
Спасовски ја потврди посветеноста кон формираниот Совет за македонски јазик при Владата, што, пак, покажува за сериозноста во заложбите да се унапредува употребата на македонскиот јазик.
Премиерот соопшти дека првпат се предвидуваат стипендии за студентите по македонски јазик и литература за сите три циклуси на високото образование и на сите универзитети во државата, а со измените исто така се предвидува македонскиот јазик да се изучува и во рамките на културните центри при нашите амбасади во странство, според изразениот интерес на Македонците во дијаспората.
На свечената академија пригодна реч одржаа и градоначалничката на Битола Наташа Петровска, директорката на гимназијата Фанија Наумовска и универзитетскиот професор Људмил Спасов.
Свеченоста беше проследена и со проекција на краток документарен филм за Петре М. Андреевски, изработен од ученици на гимназијата, а членовите од Драмската секција ја одиграа театарската претстава „Како се чуваше зборот“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Силјановска: Како никој не се сети да им каже во ЕУ дека самите во член 4 гарантираат немешање во внатрешните работи и почитување на уставните структури
Како може некому да ветите дека ќе го смените Уставот, кога Уставот може да го сменат само пратениците во Уставот. Како знаете, дека вие можете однапред да ветите нешто што не е ваша надлежност?, му порача кандидатката за претседателка од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова на нејзиниот опонент Стево Пендаровски во телевизиско соочување вечерва.
„Деновиве Макрон даде изјава дека ЕУ не е само територија, туку е концепција на човештвото и правото. Е, од тоа тргнувам и јас кога размилувам за ЕУ. За нејзините темелни вредности и принципи без кои таа не е политине заедница туку е само машинерија. Значи таа не е догма. Што ќе направам јас? Најпрво ќе направам регионални чекори. Штом ќе завршат изборите јас сакам да разговарам со моите соседи и заради регионалната политика и заради очекуваната поддршка од нив. Сакам да објаснам дека и кога има една преговарачка рамка не е логична заканата со вето. И дека може, дури и кога преговарачката рамка е ваква, низ интерпретација поинаква да се примени. Од типот, ако вие речете дека нема да употребувате вето за идентитески прашања, за историските дилеми и слично, протоколите, туку за Копенхагенските критериуми, јас ќе бидам сосема согласна. Значи, мислам дека е време кога ќе се смени власта, да чуе што мислиме и ние. Оти тоа е дијалогот што е нужен за добрососедски односи. Ако некој не го кажувал и ова досега, веројатно и тогаш било се во нивни раце“, рече Силјановска-Давкова.
Понатаму, како што додаде, како никој не се сетил да им каже на оние од Советот и од Европската комисија и сите останати со тоа се рушат темелните вредности на ЕУ? Бидејќи ЕУ гарантира во членот 4 почитување на уставните и политичките структури, немешање во внатрешните работи, почитување на дигнитет и интегритет, различности, неставање на билатерални спорови во рамката. Ако тоа не го кажете, вие ќе останете на прагматичните решенија.
Доаде и дека ниту еден од темелите на кои почивала програмата на Пендаровски во 2019 година не останале. Сите се урнале и ништо не е остварено.
Македонија
СДСМ за Димитриевски: Ароганција е кога човек-партија одработува против своите довчерашни сопартијци
Ароганција е кога човек-партија одработува против своите довчерашни сопартијци и во тоа нема ништо социјалдемократски ниту вредносно туку единствено и само личен интерес, реагира СДСМ по обвинувањата кои ги упати Максим Димитриевски од ЗНАМ, дека дозволиле отварање на бугарски клубови во Македонија и нивната ароганција е ненадминлива.
„За тоа кој ги отвораше клубовите со имиња како Ванчо Михајлов адресата е Белиот дворец на ДПМНЕ. Многу позната адреса каде ЗНАМ ги договара идните чекори за соработка заедно со поддршката на Гордана Силјановска Давкова.
Освен сликите на Ванчо Михајлов по штабовите на ДПМНЕ доволно говорат сликите на Мицкоски со основачите на тие клубови по манастирите низ државава за кои не слушнавме ниту збор од ЗНАМ.
Дали е тоа поради враќање на стари долгови за локалните избори 2021 година во Куманово или нови долгови јавноста ќе види многу скоро“, се вели во реакцијата на СДСМ.
Македонија
Утревечер и во петок нестабилно време со пороен дожд и грмежи
Времето утре ќе биде променливо облачно.
Од пладневните часови на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, локално во форма на краткотрајно невреме со засилен ветер и услови за изолирана појава на град. Услови за пороен дожд ќе има во текот на ноќта. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12, а максималната ќе достигне од 18 до 25 степени.
Во Скопје променливо облачно. Од пладневните часови во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и услови за изолирана појава на краткотрајно невреме. Минималната температура ќе се спушти до 12, а максималната ќе достигне до 23 степени, јавува УХМР.
Во наредните денови, следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Утре, во ноќта кон петок и во петок на повеќе места ќе има развој на нестабилна облачност проследена со пороен дожд и грмежи, локално во форма на краткотрајно невреме со засилен ветер и услови за изолирана појава на град.
Дневната температура од утре до сабота ќе биде во постепено опаѓање, а во недела ќе се покачи за 2 до 4 степени..