Македонија
Спасовски на Националната конвенција за ЕУ во Република Северна Македонија
„Доколку тргнеме од општото гледиште дека под критична инфраструктура се подразбира сè она што е од витално значење за функционирањето и опстанокот на една заедница или општество, неминовен e заклучокот дека таа е суштински сегмент на националната безбедност, a нејзината заштита претставува еден од приоритетите на секоја држава“, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во своето воведно излагање на Десеттата сесија на Работната група 4 – Правда, слобода и безбедност, во рамки на Националната конвенција за Европската Унија на Република Северна Македонија што се одржа денеска, а којашто тематски беше посветена на „Спречување и борба против тероризмот: Националната и европската перспектива во идентификувањето и заштитата на критичната инфраструктура“.
На настанот, чијшто копретседавач беше државната секретарка при Министерството за внатрешни работи Магдалена Несторовска, министерот Спасовски се осврна на потребата од сеопфатно концепциско решавање на заштитата на критичната инфраструктура, потенцирајќи ја потребата од интегриран пристап, односно изградба на системски и целосен концепт на заштита на критична инфрастуктура, со идентификување на сите релевантни капацитети во јавниот и приватниот сектор.
„Земајќи ја како основа директивата на Европската Унија од 2008 година при конципирање на идното решение, а притоа следејќи ги основните принципи на Европскиот концепт за заштита на критичната инфраструктура, ефикасната заштита ја наметнува потребата од континуирана комуникација и координација на сите релевантни субјекти. Тоа подразбира навремена и постојана размена на податоци за ризиците, заканите и ранливоста на критичната инфраструктура, притоа создавајќи средина на доверба и обезбедена заштита на споделените податоци“, нагласи министерот Спасовски.
Според министерот Спасовски, заштитата на критичната инфраструктура е пред сè национална одговорност, конкретизирана преку начелото на супсидијарност на кое се заснова и Европската програма за заштита на критичната инфраструктура. „Меѓутоа, не смееме да ја ставиме во втор план и надворешната димензија. Таа се согледува преку заштитата на критичната инфраструктура која се наоѓа на територијата на една држава, но чие загрозување или евентуално уништување може да има значително влијание на повеќи држави. Во насока на јакнење на прекуграничната соработка и споделување на исти вредности, од особено значење е донесувањето на заеднички методологии за идентификација и класификација на ризиците, заканите и ранливоста на наведената инфраструктура“, подвлече Спасовски.
Покрај ова, министерот Спасовски истакна дека согласно анализите на националните стратегии на повеќето држави членки на ЕУ, во однос на заштитата на националната и европската критична инфраструктура, како и преземените чекори на оние земји кои се веќе дел од процесот на пристапните преговори со унијата, се наметнува заклучокот дека повеќето држави наведените прашања ги уредуваат преку донесување на посебни закони за заштита на критичната инфраструктура.
„Потребата од донесувањето на посебен закон за заштита на критичната инфраструктура е веќе предвидена како наша обврска во Заедничкиот акциски план за борба против тероризмот, кој во октомври 2019 година го потпишавме со Европската комисија и со кој преземавме обврска да го изготвиме и донесеме наведениот закон. Меѓутоа, тоа не е само обврска на нашиот пат кон Европската Унија, туку должност пред нас самите, одговорност кон државата и нашите граѓани“, заклучи министерот Спасовски во своето излагање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Аеродром објави јавен повик за доделување признанија за особени достигнувања
Општина Аеродром објави јавен повик за доделување признанија за особени достигнувања во областа на науката, уметноста, спортот, образованието и заштитата на животната средина.
Признанијата се доделуваат за остварувања во претходната и тековната година, како и за подолг период на работа и творештво, вклучително и постхумни награди.
„Кандидатите можат да се пријават лично или да бидат предложени од правни и физички лица.
Рокот за поднесување пријави е седум работни дена од денот на објавувањето на повикот.
Пријавите се доставуваат по пошта на адреса: Општина Аеродром, бул. „Јане Сандански“ 109Б, 1000 Скопје, или лично во архивата на Општината, секој работен ден од 9:00 до 15:00 часот.
Подетални информации и потребните обрасци се достапни на: http://aerodrom.gov.mk/vest/9566“.
Македонија
Сè уште не се препорачува евакуација по копнен пат за граѓаните кои се наоѓаат во Катар и Обединетите Арапски Емирати, велат од МНР
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, согласно последните податоци, од почетокот на конфликтот до денес вкупно 473 македонски државјани контактирале со дипломатско-конзуларните претставништва на Република Северна Македонија во Тел Авив, Доха и Абу Даби.
Од нив, 19 лица се пријавени од Израел, 106 од Катар, додека 348 граѓани се обратиле до ДКП Абу Даби. Во оваа бројка се вклучени и 18 лица од Кувајт, како и 12 лица од Бахреин.
Согласно информациите добиени од надлежните власти, сè уште не се препорачува евакуација по копнен пат за граѓаните кои се наоѓаат во Катар и Обединетите Арапски Емирати. Евакуацијата ќе биде отпочната во првата безбедна прилика, при што веќе се разгледуваат можностите за нивно безбедно извлекување веднаш штом се создадат соодветни услови.
Во однос на македонските државјани кои се наоѓаат во Тел Авив, Министерството активно ги разгледува можните алтернативи за нивно безбедно извлекување од државата.
„Уште еднаш апелираме до македонските државјани редовно да ги следат предупредувањата и насоките на локалните надлежни органи. На 24-часовно располагање остануваат дежурните телефонски броеви на кризниот штаб при Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, како и контактите на дипломатско-конзуларните претставништва“, велат од МНР.
Македонија
Едно лице задржано по трагедијата во Карпош: распити на повеќе лица, детален претрес на станот, екстракција на податоци од телефони, се обезбедуваат снимки
Основното јавно обвинителство Скопје ги издава сите потребни наредби и насоки за целосно расчистување на вчерашниот случај во Карпош, кога при пад од висококатница починаа мајка и дете.
Едно лице е задржано во полициска станица и по наредба на јавниот обвинител се преземаат дејствија за испитување на евентуална кривична одговорност.
Обезбедена е наредба од судија на претходна постапка и во текот на денот ќе се врши детален претрес на станот, кој веднаш по увидот е запечатен и обезбеден. Според првичните сознанија, во моментот на настанот, починатата и малолетното девојче биле сами во станот, заклучени од внатрешната страна.
Денеска по наредба на јавниот обвинител се вршат распити на повеќе лица кои имаат определени сознанија, се врши екстракција на податоци од мобилни телефони и се обезбедуваат снимки од видео надзор и други снимки од неколку локации.
Во текот на вчерашниот ден беше наредена и обдукција на починатите.
Во однос на претходното постапување, јавниот обвинител побара детално известување од МВР и од Центарот за социјални работи со сите евентуални претходни пријави и поплаки од оштетената, а ќе нареди и внатрешната контрола на МВР да го испита постапувањето по тие пријави.

