Македонија
Спасовски на средба со заменик-извршниот директор на ФРОНТЕКС
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, веднаш по пристигнувањето во Тирана по повод учество на министерскиот форум ЕУ – Западен Балкан за правда и внатрешни работи, се сретна со заменик-извршниот директор на Агенцијата за европската гранична и крајбрежна стража (ФРОНТЕКС), Ларс Гердес.
На средбата стана збор за повеќе теми, особено за заедничкиот успех со потпишувањето на договорот помеѓу Македонија и Европската Унија за оперативни активности спроведени од страна на Агенцијата за европската гранична и крајбрежна стража во земјата.
И двете страни заеднички се согласија дека со договорот се отвора вратата за поинтензивна соработка заснована на доверба и меѓусебно почитување во борбата против илегалната миграција поврзана со шверцувањето мигранти и трговија со луѓе како врвен приоритет и за РСМ и за ЕУ.
Притоа министерот Спасовски информира за следните активности во однос на договорот со ФРОНТЕКС: „Можам со задоволство да информирам дека, по ратификацијата на договорот во нашиот и во европскиот парламент, засилено течат активностите за негова брза и квалитетна имплементација преку изготвување оперативен план и ставање во функција на сите потребни капацитети“, истакна министерот Спасовски на средбата.
Според заменик-директорот Гердес, искуствата покажуваат дека заедничка карактеристика за спроведување на овој договор и во земјите членки и во оние што сè уште не се членки на ЕУ е меѓусебно споделување на знаењата и искуствата со цел обединување на силите.
Исто така, во текот на ноември годинава беше најавен тим експерти од ЕУ да пристигне во Република Северна Македонија со цел да се разгледаат можностите за идните заеднички активности за што Република Северна Македонија веќе собра искуства со заедничката седумгодишна меѓународна операција на нашата јужната граница.
Спасовски на средбата со заменик-извршниот директор на Агенцијата за европската гранична и крајбрежна стража (ФРОНТЕКС), Ларс Гердес, додаде дека фактот што Европската Унија ја препозна Македонија како посветен и стабилен партнер, со кој склучи договор за да обезбеди уште посигурни граници и поголема безбедност на граѓаните и на Македонија и на Европската Унија, е уште една потврда дека државата чекори по патот на напредокот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.
Македонија
(Видео) Филипче: Врските на Стоиљковиќ со Москва и кинеските кредити се сериозен сигнал
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, по обраќањето на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, оцени дека пораките упатени од највисоката адреса на Алијансата се јасни и недвосмислени и директно се однесуваат на актуелната влада. Филипче вели дека врските на вицепремиерот Иван Стоиљковиќ со структури блиски до Москва како и кинеските кредити претставуваат сериозен сигнал за загриженост.
„Фактот дека вториот човек во Владата има отворени контакти со лица и организации кои се во директна комуникација со Кремљ, во време кога Русија води агресија врз Украина, е нешто што не може да се игнорира“, нагласи Филипче.
Тој посочи и на финансиските аранжмани на Владата, потенцирајќи дека заемот од една милијарда евра преку Унгарија, за кој европските институции во свој извештај нотирале дека станува збор за средства со кинеско потекло, отвора сериозни прашања.
„Кога на тоа ќе се додадат и кинеските пари кои пристигнаа преку заемот од Унгарија, станува јасно дека станува збор за политики кои испраќаат погрешни сигнали во рамки на Алијансата. Нашиот одбранбен чадор знае точно какви политики води оваа влада и јасно укажува на нив“, истакна Филипче.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 17 степени
Утре претпладне времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди, информира УХМР.
Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.

