Македонија
Спасовски на средба со словенечкиот колега Поклукар: Соработката на полициите од двете држави на извонредно високо ниво
„Соработката на полициите на Република Северна Македонија и Република Словенија е на извонредно високо ниво, а во наредниот период продолжуваме во ист правец“, рече министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, на прес-конференцијата по денешната средба со словенечкиот министер за внатрешни работи, Боштјан Поклукар, во Љубљана.
„Сакам да се заблагодарам на Република Словенија и Министерството за внатрешни работи за несебичната помош за нашата полиција во справувањето со мигрантската криза. Тоа беше еден од најголемите предизвици за нашата држава, со кој можевме да се справиме само преку заемна соработка меѓу државите од регионот, поткрепена со силната поддршка на нашите пријатели“, рече Спасовски.
Министерот упати благодарност и до контингентите на словенечките полициски службеници, кои спроведуваа и продолжуваат да учествуваат во заедничките активности со македонските полициски службеници за зајакнат надзор и контрола на нашата јужна граница. Нивниот професионализам и искуство, истакна Спасовски, кои несебично ги споделуваат со нашите полициски службеници, заслужуваат голема почит и за нас се од непроценливо значење.
„Оваа средба е доказ за нашата посветеност на соработката, особено на полето на справување со нелегалната миграција, сузбивањето на организираниот криминал и најголемата закана на денешницата- тероризмот. И на оваа средба ги потврдивме нашите заложби за дополнителен инпут во меѓусебната соработка на двете полиции, која уште поцврсто ќе продолжи да се развива и во иднина“, рече министерот.
Словенечкиот министер за внатрешни работи, Боштјан Поклукар, по средбата истакна: „Ние сме партнери и целосно ја имате нашата поддршка. Говоревме и за миграциите и соработката на државите од Западен Балкан. На полицијата на РСМ ѝ благодарам за спречувањето на нелегалната миграција и ме радува што и словенечките полицајци имаат придонес за тоа. Соработката меѓу двете полиции е одлична и овие средби се одлична можност за директна размена на информации“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места со мали остатоци од кашест снег на коловозот
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места во западните и југозападните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП Македонијапат.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Мицкоски е во паника, опозицијата освои двојно повеќе гласови од власта, велат од СДСМ
„Мицкоски мора да е во голема паника штом свика прес конференција да се пофали дека опозицијата освоила повеќе гласови од владејачките партии“, велат од СДСМ.
„Дури и со сите можни злоупотреби на институциите и притисоци, кандидатите за градоначалници од опозициските партии освоија двојно повеќе гласови од кандидатите на владејачките партии.
Опозицијата освои двојно повеќе гласови, 21.394 гласови а власта само 12.534 гласа. Заклучокот е едноставен, власта на ВМРО, ВЛЕН и ЗНАМ загуби вечерва и тоа убедливо“, соопшти СДСМ.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Прилеп и околината
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, ноќеска во 01 часот и 14 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 116 км југоисточно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML2.9
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Прилеп и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.

