Македонија
Спасовски на форум посветен на „Родовата перспектива и улогата на жената во реформата на безбедносниот систем“
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска во Скопје учествуваше на форумот посветен на „Родовата перспектива и улогата на жената во реформата на безбедносниот систем“, што во организација на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ и Програмската канцеларија на UN WOMEN се одржа во скопскиот хотел „Дабл Три Хилтон“.
Притоа, во поздравното обраќање на форумот, осврнувајќи се на работењето на МВР, министерот Спасовски акцентираше некои битни состојби во поглед на важноста и застапеноста на женската популација во безбедносниот сектор.
„Едно од клучните прашање во развојот на современите демократски и вредносни трендови, меѓу другото, е и прашањето околу родовата рамноправност и адекватната застапеност на женската популација, првенствено како суштински и активен чинител во севкупниот општествен развојот. Вклучително, и во сфери како што е безбедноста“, нагласи министерот Спасовски.
Нотирајќи ги реалните иницијативи за надминување на дискриминацијата или предрасудите од било каков вид, преку взаемно почитување на различностите и објективно вреднување на потенцијалите, што како крајна цел има конкретен придонес во создавањето подобра иднина за следните генерации, министерот Спасовски потенцираше: „Во годините зад нас беа направени низа, пред сѐ нормативни измени и решенија, со кои се создадоа фундаменти за порешителен и значаен исчекор во оваа област. Со тоа се отвори простор за посилно вклучување на жената во сите институционални и други структури, во процесите на креирање политики и носење одлуки, во процесите на проценување и решавање, така што и статистички и суштински драстично се измени состојбата во полза на вклучување на женската популација како рамноправен актер во сите општествени текови“.
Според министерот Спасовски, последните сондажи за половата структура на МВР покажуваат дека над четвртина од вработените во оваа институција се жени меѓутоа, по однос на систематизациската застапеност на овластените службени лица, полициски службеници, државни службеници и административен персонал, сѐ уште постојат извесни разлики, независно што жените заземаат некои од клучните позиции во управувањето со организициската структура на министерството.
„Оттаму, не треба да постои дилема дека улогата на жената во безбедносниот сектор е извонредно важна и, секако, нужна. Квалификативите, но и оној посебен сензибилитет, перцептивност и интуитивност, како препознатливи својства на женската популација, што според мојот впечаток се и тоа како неопходни, особено во процесите на креирање и донесување одлуки – а безбедносната реформа, меѓу другото, се содржи токму од тоа – претставуваат неспорен квалитет што мора да биде исползуван и којшто, бездруго, носи добар и посакуван резултат“, рече министерот Спасовски.
Инаку, Форумот имаше за цел да предизвика активна дискусија, во која фокусот ќе биде ставен на идните конкретни чекори и политики кои ќе се преземат во однос на предизвиците со кои се соочуваат жените професионалци во безбедноста, притоа имајќи ги превид меѓународните трендови и најдобрите практики, институционалните предизвици и мерките што се преземаат во насока на подобрување на работните услови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.
Македонија
Традиционална церемонија на свечено менување на државното знаме во претседателскиот кабинет
Повеќе од 170 основци од скопските училишта „Ѓорѓија Пулевски“ и „Кочо Рацин“ и од училиштето „Св. Наум Охридски “ од Охрид, денеска ја проследија церемонијата на свечено менување на државното знаме, којашто во Кабинетот се одржува секој втор петок во месецот во знак на оддавање почит кон државата.
Во присуство на бројни претставници на Армијата, учениците, заедно со своите наставници и образовни асистенти, најпрво внимателно го ислушаа командирот на почесната единица кој ги образложи причините и процесот на менување на знамето.
Потоа, нивните љубопитни очи се вперија кон јарболот на којшто постојното, беше заменето со ново државно знаме. Церемонијата заврши со интонирање на македонската химна од Воениот оркестар, пропратено со детскиот хор.
Во рамки на посетата, дечињата ја разгледаа свечената сала со двата импозантни мозаици на академик Глигор Чемерски, „Македонија-светла земја“ и „Македонија-земјата памети“.
Претседателката изрази радост за присуството на најмладите посетители и одговараше на бројните креативни прашања меѓу кои и: Кои и биле омилените книги на нивна возраст? Дали ѝ недостигаат студентите? Сонувала и посакувала ли некогаш да стане претседателка? Какви карактеристики треба да поседува еден лидер? Како се одвива еден нејзин работен ден и колку долго трае? Дали ги помни омилените наставници?
Таа, во својство на ученичка, ги именуваше саканите учители, истакнувајќи дека имале огромно влијание врз нејзината љубов кон учењето.
На крајот, Сиљановска-Давкова им порача дека вреди да се учи и дека нема подобар влог во иднината, од оној во знаењето.
Младите посетители, освен со убави спомени, од Кабинетот си заминаа и со автограм од претседателката Сиљановска-Давкова.
Македонија
Бугарија го ратификуваше договорот за тунелот на Коридор 8 – отворање на нова железничка врска Скопје-Софија
Бугарија го ратификуваше Договорот помеѓу Македонија и Бугарија за изградба на меѓуграничен железнички тунел на Коридорот 8, објави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил.
„Денес Народното Собрание на Република Бугарија го ратификуваше Договорот помеѓу Македонија и Бугарија за изградба на меѓуграничен железнички тунел на Коридорот 8.
Овој Договор во декември беше ратификуван и во Македонското Собрание.
Со ова се исполнети сите услови за доиадбзгра на железничкото поврзување помеѓу Скопје и Софија и Бургас.
Горд сум што овој Договор кој го потпишавме на 6ти Ноември со заменик претседателот на Владата на Бугарија Гроздан Караџов ќе значи поблиски економски врски помеѓу двете држави и двата народи, но покажува и силна посветеност на Македонија во реализација на Коридор 8 кој е исклучително значаен безбедносен коридор од висок интерес на НАТО и нашите стратешки партнери.
Паралелно го развиваме и Коридор 10 и Македонија ја правиме вистинска раскрсница на Балканот за добробит на сите македонски граѓани.
Продолжуваме да работиме“, напиша Николоски.

