Македонија
Спасовски од Европската Комисија: Република Северна Македонија е подготвена и способна да го обезбеди своето место во Европската Унија
Денеска во Европската Комисија во Брисел, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, по завршувањето на Меѓународната конференција за глобален сојуз за борба против криумчарење мигранти, на која што учествуваше со свое обраќање на македонски јазик, упати видео порака до граѓаните на Република Северна Македонија.
Истакнувајќи го задоволството што на покана на еврокомесарката за внатрешни работи и миграции Илва Јохансон, е дел од конференцијата во Брисел, заедно со колегите министри од земјите членки на ЕУ, претставници од Европскиот парламент, од Агенциите за правда и внатрешни работи на ЕУ – ЕВРОПОЛ, СЕЛЕК и ЕУРОЏАСТ, и меѓународните организации, кои како рамноправни партнери учествуваа на заедничката средба која ја отвори претседателката на ЕК Урсула Фон дер Лајен, Спасовски се осврна на резултатот од партнерската дискусија на рамноправни основи, во која сите се повикани да се потпрат едни на други – заедничкиот Повик за акција на засилена соработка помеѓу сите партнери.
„Прва причина за тоа е што справувањето со шверцот на мигранти по клучните рути и чувањето на надворешните граници како врвен приоритет претставува ништо помалку од – заеднички предизвик. Второ, затоа што решавањето на овој предизвик ќе биде можно само со заеднички напор, колективна акција и продлабочена взаемна соработка на меѓународно рамниште. И трето, затоа што сето ова говори дека не може да зборуваме за стабилна и безбедна Европа, за сигурни европски граници, без стабилна и безбедна Северна Македонија, без силно гранично управување. Конечно, оваа Глобална алијанса е уште една потврда дека цврстата порта на нашата земја ја гарантира безбедноста на европските граници, а спречувањето на прекуграничниот криминал кај нас, ветува безбедност на европскиот граѓанин. Тоа е спрегата која означува дека сме ја поминале критичната точка за приближување кон ЕУ”, рече министерот Спасовски, додавајќи дека политиките коишто се спроведоа на дело во изминатиот период, поради кои годинава се обезбеди намалување на обидите за илегални преминувања за 50% во однос на лани, покажаа дека Република Северна Македонија е подготвена и способна да го обезбеди своето место во Европската Унија.
„Македонските граѓани природно припаѓаат кон европското семејство, ги заслужуваат европските вредности и тежнеат кон избраната перспектива за еднакви можности, за владеење на правото, слобода, пазарна економија, грижа на државата за секој граѓанин, за живот во стабилно општество во кое правилата и правата се константа како и за нивните идни сограѓани во ЕУ”, истакна Спасовски.
Говорејќи за денешниот состанок како дел од низата настани кои ја позиционираа државата и МВР како рамноправен партнер на меѓународната заедница, Спасовски рече:
„Овој денешен состанок, впрочем како и неколкуте историски настани наназад, во кои државата се востоличи како рамноправен партнер токму преку МВР, а јас како министер ја имав честа да бидам иницијатор и директен учесник – како што беше отпочнувањето на заедничката операција со Фронтекс во април годинава, или Договорот со ЕУ на македонски јазик, кој го потпишав половина година пред тоа, се моментумите кои ја означуваат точката од која нема враќање назад од европскиот пат. А штом стигнеме до целта на оваа маратонска трка – чии долги патеки со препреки не нѐ исплашија, туку нѐ мотивираа, во која сме длабоко навлезени и одиме кон целта – дури тогаш ќе можеме да бидеме потполно задоволни: со длабочината на реформите, со процесот на демократизација, со промените на вредностите, со резултатите од вградената енергија, визии и макотрпна работа. Затоа нашиот интерес е ЕУ! Затоа Европа е единствената алтернатива која нуди најдобра иднина за нашите граѓани, која сакаме, можеме и мора да ја достигнеме! Особено сега, кога сме на чекор до неа”, истакна Спасовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши и Бегај од Скопје порачаа: Заеднички кон ЕУ и подлабока регионална соработка
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска оствари средба со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај.
Гаши изрази големо задоволство од средбата и истакна дека очекува пријателството и соработката што постојат меѓу двете земји во иднина уште повеќе да се зајакнат и унапредат. На меѓународен план, двете држави имаат исти цели и интереси, а тоа се членството во Европската унија, меѓусебната поддршка како непосредни соседи и сојузници во НАТО и продлабочувањето на регионалната соработка.
Тој изрази очекување и надеж дека двете држави заеднички ќе го продолжат својот пат кон европската интеграција, бидејќи тоа е многу важно не само за Северна Македонија и Албанија, туку и за останатите земји од регионот на Западен Балкан. Во функција на промоција на парламентарната дипломатија и градење на билатералните парламентарни односи, претседателот Гаши истакна дека одржува редовни контакти со колегите од Парламентот на Албанија и дека посетите на највисоко парламентарно ниво се одржуваат речиси секоја година.
Претседателот Бегај истакна дека Република Северна Македонија и Албанија се две пријателски земји кои делат исти вредности, визии и предизвици и претставуваат пример за соработка во регионот. Тој посочи дека е унапредена соработката во многу сфери од заеднички интерес, што е во функција на подобрување на животниот стандард на граѓаните во двете држави. Останува определбата за уште поголема соработка, особено во економската сфера.
Двајцата соговорници ја потенцираа важноста и улогата на Македонците и Албанците кои живеат во двете земји и претставуваат мост за градење стабилни и пријателски односи. Патничкото, енергетското и железничкото поврзување меѓу двете земји во рамките на Коридорот VIII ќе придонесе за уште поголема размена на луѓе, стоки и услуги, за што постои огромен потенцијал.
Албанскиот претседател Бајрам Бегај се потпиша во Книгата на впечатоци и се обрати пред пратениците во Собранието.
Македонија
Движење ЗНАМ: Иницираме кратење на пратеничкиот состав од 120 на 90 во новото решение на Изборниот Законик
Потпретседателката на Движење ЗНАМ за Наша Македонија, Весна Бендевска, на првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство, ја потврди заложбата на Движењето во однос на неопходноста од суштински и системски измени на изборниот модел во Република Македонија.
„Заложбите на Движење ЗНАМ се за воведување на една изборна единица со изборен праг од 2 до 3 проценти, со што ќе се овозможи правична застапеност и на помалите политички субјекти и независните пратенички листи. Што всушност беше и барање во одлуката на Уставниот суд.“ – истакна Бендевска.
Дополнително, таа нагласи дека цврст став на Движењето е намалување на бројот на пратеници во законодавниот дом на 90, бројка што, како што посочи, ќе соодветствува на реалната големина на популацијата во државата.
„Го афирмирам односно реафирмирам ставот на Движење ЗНАМ за намалување на бројот на пратеници на 90 со што ќе се придонесе за рационализација на трошоците, материјални, финансиски и човечки и ќе значи значителна придобивка за Буџетот на државата. Воедно, ќе се добие пофункционално, поефикасно и поконсолидирано законодавно тело, кое ќе биде во служба на побрз, поквалитетен и посериозен законодавен процес.“ – потенцираше потпретседателката.
Во однос на гласањето на дијаспората, таа потсети дека воведувањето на ваквиот модел беше проследено со зголемување на бројот на пратеници на 123, што, како што нагласи, отвори низа прашања за финансиската оправданост и ефикасноста на изборниот процес во странство.
„Сведоци сме колку чини изборната постапка која подразбира испраќање избирачки одбори во дијаспората, при што бројот на гласачи во повеќе случаи не соодветствуваше со првичната намера и очекувањата.“ – изјави Бендевска.
ЗНАМ додава дека ќе продолжи да се залага за изборен модел што гарантира еднаква вредност на секој глас и институции што работат ефикасно, транспарентно и во интерес на граѓаните на Република Македонија.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.

