Македонија
Спасовски од Куманово: Градиме за да обезбедиме силен локален економски развој
Премиерот Оливер Спасовски денеска оствари работна посета на Куманово и беше на увид во работите на спортската сала при средното училиште „Наце Буѓони“.
„Куманово во времето на режимот беше целосно запоставено и воопшто не постоеше на агендата за проекти од страна на тогашната режимска власт. Така беше и во делот на инвестициите во капиталните проекти во образованието. Оваа Влада ја направи видлива разликата и на овој план на ниво на целата држава. Завршена е изградбата и рехабилитација на повеќе од 13 основни и средни училишта, во вредност од речиси 70 милиони денари. Во тек е рехабилитацијата на уште 8 основни и средни училишта во вредност од речиси 12 милиони денари (11.781.989,00 ). Само со правилен раст и развој може да успееме да и дадеме шанса на нашите млади да чекорат по патот на напредокот на успехот“, потенцира премиерот Спасовски.
Тој објасни дека Владата предводена од СДСМ и коалицијата инвестирала во изградба и реновирање на 25 спортски сали на територијата на целата држава, а од нив 2/3 се веќе завршени и функционални.
„Денеска сме сведоци на завршените работи на надворешниот објект на спортската сала на Средното техничко училиште ‘Наце Буѓони, овде во Куманово. Во моментот се работи на уредување на внатрешноста на салата. Салата ќе биде опремена со сите реквизити и справи за мали спортови, кошарка, ракомет, мал фудбал и за одбојка. Средствата за нејзината изградба во висина од 27 милиони денари ги обезбеди Владата, а Општина Куманово вложи 1,5 милион денари. Спортската сала почна да се гради минатото лето, а наесен, со почетокот на новата учебна година, се очекува да биде пуштена во употреба кога ќе се заврши нејзиното внатрешно уредување, кое е во тек. Средното техничко училиште ‘Наце Буѓони’ постои од 1960 година. Наставата се одвива во 72 паралелки со околу 2.000 ученици на македонски и албански наставен јазик и до сега наставата по физичко и здравствено воспитување се одвиваше во импровизирани услови. Од септември оваа и сите идни генерации ученици ќе имаат соодветни услови за реализирање на физичкото образование“, ги презентира премиерот Спасовски работите за салата.
Спасовски кажа дека во Куманово и во поширокиот регион е во полн ек градежната офанзива на разни капитални инфраструктурни проекти.
„Речиси сите регионални патишта околу Куманово, кои повеќе од 40 години и не биле реконструирани, сега се реконструирани, а одреден дел е во фаза на реконструкција. Дури 8 патни правци во должина од 102 километра, со вкупна вредност од 12,3 милиони евра, се опфатени со оваа градежна офанзива. Патните делници Опае – Белановце – Станчиќ; Куманово – Миладиновци; рехабилитацијата на регионалниот пат Куманово – Свети Николе; реконструкцијата на регионалниот пат Куманово – Опае; рехабилитацијата на регионалните патни правци Куманово – Никуштак и Куманово – Пелинце. Се поврзуваат сите изградени, реконструирани или рехабилитирани делници од Коридорот 8. Градиме за да обезбедиме силен локален економски развој, особено во овој дел на земјата, кој еден подолг период беше запоставен. Инвестициите во инфраструктурата, во патиштата се инвестиции за подобрата поврзаност на локалните заедници со големите економски центри. Тоа се инвестиции за можности за новата развојна македонска економија“, рече Спасовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Меѓународните односи, реформите и борбата против корупција во фокусот на разговорите меѓу Сиљановска-Давкова и Варнс
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Никол Варнс, вршителка на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД.
Таа изрази подготвеност за понатамошна соработката со истата динамика и посветеност како со претходната амбасадорка.
Разговорот започна со осврт на меѓународните односи, состојбите во НАТО, ЕУ и регионот.
Потоа соговорничките се фокусираа на македонските работи: реформските процеси во судството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реализацијата на инфраструктурните проекти.
За нив, инклузивниот модел на одлучување и меритократијата во сите сфери на општествениот живот, а особено во образовниот систем и во регрутирањето на државната и јавна администрација на највисоко ниво се клучни не само за нашата евроинтеграција, туку и за просперитетот на државата.
Во време на безбедносни предизвици и ризици, за обете, американско-македонското стратешко партнерство, како и сојузништвото во НАТО се важни за стабилноста.
Амбасадорката ја потврди американската подготвеност за унапредување на пријателските односи, поздравувајќи ја неодамна усогласената заедничка изјава за рамката за идниот Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, како значаен чекор во зајакнувањето на економската соработка.
Сиљановска-Давкова и Варнс очекуваат со Акцискиот план да се конкретизираат низа проекти во интерес на граѓаните.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар-Стража-Кичево
Од 17:20 часот укината е забраната за ТМВ на патниот правец Гостивар-Стража и обратно.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Врнежи од снег има на Пониква и на патниот правец Штип-Неготино кај с.Лесковица, кој во моментов не претставува пречка за одвивање на сообракајот, јави АМСМ.
Македонија
Повредата на данскиот скијач не се случила на патека под наша надлежност, велат од Ски центарот „Попова Шапка“
Повредата на скијачот од Данска не се случила на официјална патека администрирана од „Попова Шапка“, бидејќи ски-лифтот „Церипашина“ не бил во функција поради силните ветрови и неповолни временски услови, информираат од Ски Центарот.
Се додава дека скијачот бил гостин на приватен оператор кој работи надвор од патеките управувани од овој центар.
„Ски центарот сноси одговорност исклучиво за патеките и просторот што се под наша официјална администрација и управување, а не и за зоните каде што оперираат трети страни надвор од овие патеки“, се наведува во соопштението на Ски Центарот Попова Шапка..
И покрај тоа, веднаш по добивањето на информацијата за повредата, спасувачката единица излегла на терен за да обезбеди помош и да асистира при транспортот и третманот на повредениот.
Од Центарот посочуваат дека безбедноста на посетителите останува врвен приоритет и му се заблагодаруваат на спасувачкиот тим за брзата и професионална реакција.
„Макфакс“ претходно објави дека 24-годишниот скијач од Данска бил пронајден на Попова Шапка, а според информациите од полицијата тој бил повреден од снежна лавина и со повреди пренесен во болница во Скопје.

