Македонија
Спасовски: Позитивна одлука за почеток на преговорите ќе го врати кредибилитетот на ЕУ
Претседателот на Владата, Оливер Спасовски, придружуван од заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, и од министерот за локална самоуправа, Горан Милевски, се сретна со претседателот на парламентарната група Renew Europe, (Рињу Јуроп) во Европскиот парламент, Дациан Циолос, придружуван од Илxан Кјучук, европратеник и известувач за Република Северна Македонија во Европскиот парламент и од Самуел Жбогар, шеф на делегацијата на ЕУ во нашата држава.
Пренесена е силна порака за јасна поддршка на очекуваното отворање преговори на Република Северна Македонија со Европската Унија – и на билатералната средба помеѓу двете делегации и на заедничката прес-конференција што ја имаа премиерот Спасовски и претседателот на Renew Europe (Рињу Јуроп), Циолос.
На прес-конференцијата претседателот на Renew Europe (Рињу Јуроп), Циолос, соопшти дека оваа парламентарна група, инаку трета по големина во Европскиот парламент со претставници од најголем дел од земјите членки на ЕУ, го поддржува процесот на проширување на Европската Унија и смета дека Република Северна Македонија е подготвена да ги почне преговорите со ЕУ, затоа што ги исполни сите побарани критериуми.
Исто така, беше пренесена и пораката за определеноста на Европскиот парламент да гради партнерски однос со нашата држава во пристапниот евроинтеграциски процес, на којшто се гледа како на можност за усогласување на законодавството со цел реформи што даваат резултати за граѓаните на нашата земја, но и како на достапност до пристапните фондови на ЕУ во интерес на квалитетот на живот на нашите граѓани.
Порачано е и дека од нашата држава се очекуваат мирни, фер и демократски избори и политичка кампања спроведена со позитивна реторика, што ќе биде значајно за извештајот што го подготвува Европската комисија за земјава.
Премиерот Спасовски и на билатералната средба и на прес-конференцијата изрази благодарност до претставниците на Renew Europe (Рињу Јуроп) и до Европскиот парламент за охрабрувачките поддржувачки пораки за европерспективите на земјава, по позитивните сигнали со поддршка за нашата земја од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, од еврокомесарот за проширување и соседска политика на ЕУ, Оливер Вархеји, и од другите европски претставници, при посетата, пред неколку дена, на Брисел.
„За нас е многу значајна поддршката што ја имаме од Европскиот парламент, кон којашто со ист интензитет е придружена и поддршката на парламентарната група Renew Europe (Рињу Јуроп).
Со нашите пријатели од Renew Europe (Рињу Јуроп) споделивме заеднички став дека очекуваната позитивна одлука на Европскиот совет за нашата земја, заедно со новата методологија, ќе го врати кредибилитетот на ЕУ и ќе обезбеди кохерентен и предвидлив процес на пристапување, што нема да ја загрози одржливоста на досега постигнатите реформски резултати на Северна Македонија. Тоа ќе ја потврди исправноста на нашата определба да бидеме полноправна членка на ЕУ, како што го заокружуваме полноправното членство во НАТО.
Затоа, и во оваа пригода, преку европските пратеници, упатив порака до сите земји членки на ЕУ да донесат позитивна одлука за отворање преговори“, рече премиерот Спасовски на прес-конференцијата.
Претседателот на Владата, Спасовски, ги истакна позитивните сигнали и охрабрувањето за нашата посветеност и доследност во спроведувањето на реформски потфати како мотивација за испорачаните нови аргументи, со цел приближување до почетокот на преговорите со ЕУ.
„Ние покажавме политичка зрелост и институционален капацитет за сериозни реформи, дури и во предизборниот период. Во наредниот период очекуваме исто таква зрелост од државите членки на ЕУ, за да не се даваат аргументи за зајакнување на националистичката и антиевропската реторика во земјава, што може да ги стави во ризик Договорот од Преспа и реформските процеси.
Владата на Република Северна Македонија остана доследна на реформскиот курс и на европските политики. Ги заокруживме реформите во правосудството со донесувањето на Законот за Јавно обвинителство и тоа е чекор поблиску до ефикасна борба со организираниот криминал и корупција. Распишани се избори и оваа Влада ќе направи сѐ за да се организираат и спроведат слободни, фер и демократски избори“, изјави премиерот Спасовски.
Тој соопшти дека со претседателот на парламентарната група Renew Europe (Рињу Јуроп), Циолос, е споделен ставот дека конкретната перспектива за пристапување на нашата држава во членство на ЕУ, е важна за стабилноста и безбедноста и во поширок регионален контекст, за преку носењето мудри одлуки да се прати порака дека преку дијалог може да се решат сите отворени прашања и конечно земјите да се посветат на развојот на економијата.
Во одговорите на новинарските прашања, претседателот на парламентарната група Renew Europe (Рињу Јуроп), Циолос, посебно ги нагласи како важни реформите во обезбедување владеење на правото, независно правосудство, транспарентна и позитивна изборна кампања, како и почитувањето на договорите со соседите, со што Република Северна Македонија ќе испрати порака дека ги почитува меѓународните договори, а со тоа и дека ќе биде добар партнер на државите во Европа.
Премиерот Спасовски во одговорите на новинарските прашања нагласи дека Владата е подготвена да спроведе фер и демократски избори и повика на позитивна кампања од страна на политичките партии, бидејќи и граѓаните не сакаат валкани кампањи туку позитивни пораки.
На билатералната средба на двете делегации, што се одржа пред прес-конференцијата беше разговарано за значајноста на моментумот за исчекор во евроинтеграциите на нашата држава, со цел мотивација на граѓаните и на институциите за продолжување на движечките реформи кон зајакнување на институционалните капацитети и на определбата кон европските конструктивни политики и вредности, во интерес на добрата иднина на земјава и на регионот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Наредена ексхумација на уште една жена, можна жртва на 25- годишникот од Малотино осомничен за сериски убиства
Во наредните денови ќе биде направена уште една ексхумација на жена за која постојат сомневања дека е жртва на 25-годишниот овчар Трајко Бојковски од селото малотино, Старо Нагоричане, осомничен дека е серириски убиец. Обвинителството ја прошири истрагата за уште едно кривично дело – убиство, за кое е предвидена казна доживотен затвор, извести денес обвинителот Љубомир Лапе.
Обвинителството веќе обезбеди докази за две убиства и еден обид за убиство со ДНК анализи кои посочуваат кон 25-годишникот, кој е во притвор. Сите жртви се од истиот регион и според Обвинителството, нема докази за сексуално насилство. Дадени се наредби за психијатриско вештачење на осомничениот и сè уште не е утврден мотивот за убиствата.
За расчистување на случајот дадени се наредби на МВР да ги извади сите можни пријави, поплаки, телефонски јавувања, очевидци за настаните поврзани со осомничениот кој од СВР Куманово веќе има кривична пријава за две тешки кражби.
Кумановската обвинителка Теута Рамдани потсети дека истрагата за Бојковски почна по пријава од 83- годишна жена која успеала да преживее напад од осомничениот.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Во минатото, географијата ги одредуваше можностите, а денес знаењето и храброста ги надминуваат границите
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на отворањето на 24-часовната виртуелна конференција на Women in Tech, глобална организација насочена кон поттикнување на инклузија, разновидност и еднаквост на жените во STEM професиите (наука, технологија, инженерство и математика).
Во обраќањето, Сиљановска-Давкова ја опиша конференцијата како „невидлива линија што го поврзува светот од една временска зона до друга, од еден континент до друг“, нагласувајќи дека ако некогаш географијата ги одредувала можностите, денес знаењето и храброста ги надминуваат границите.
Според неа, жените повеќе не се исклучок во технолошките процеси, туку нивни креаторки: истражувачки умови, основачки на стартапи, инженерки и визионерки, кои ја градат инфраструктурата на иднината.
Таа потсети дека секој напредок е плод на споделено знаење и солидарност и дека кога една жена успева, отвора простор за другите, а кога создава, ги проширува нивните хоризонти.
Обраќајќи им се на младите девојки, претседателката порача дека „иднината не е однапред напишан код“, туку се гради со љубопитност, креативност и визија.
На крајот, таа укажа дека технологијата мора да биде водена од етика, емоционална интелигенција и човечко достоинство, додавајќи дека вистинскиот напредок се мери не само со иновации, туку и со вредности.
Конференцијата, во траење од 24 часа, се одржа во текот на вчерашниот ден, поврзувајќи илјадници жени од различни континенти, кои преку знаење, искуство и солидарност испишуваат заедничка женска глобална приказна.
Македонија
Македонско-француското партнерство и ЕУ-перспективата во фокус на средбата Карапејовски – Ле Риголер
Координаторот на пратеничката група на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Бобан Карапејовски, оствари средба со амбасадорот на Француската Република, Кристоф ле Риголер и првиот советник Филип Маршето.
Амбасадорот Ле Риголер и советникот Маршето со Карапејовски разговараа за долгогодишното македонско-француско пријателство и соработка, особено на планот на културата.
Карапејовски го истакна придонесот на македонските образовни институции во промоцијата на францускиот јазик и култура и му се заблагодари на амбасадорот за поддршката што ја дава Франција во различните области на меѓудржавната соработка. Тој ги истакна приоритетите на ЗНАМ во Собранието, програмските заложби и специфичната функција на партијата и на пратеничката група како дел од владејачкото мнозинство, каде што функционира и како коректив на власта.
Во врска со евроинтеграциите, беше реафирмирана поддршката на Франција на патот на Македонија кон Европската Унија. Координаторот на ПГ на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија го истакна ставот на пратеничката група и силната заложба за исполнување на обврските од реформската агенда во процесот, како клучен чекор во пристапувањето.

