Македонија
Спасовски: Со измената на Законот за внатрешните работи ќе овозможиме праведност за полициските службеници
„Ако сакаме да имаме праведност во нашето општество, тогаш мораме да влечеме и конкретни потези, потези што би придонеле таа праведност да се види на дело“, истакна денеска министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, одговарајќи на пратеничко прашање во врска со несразмерните пензии на одредени пензионирани полициски службеници во однос на други за што причината се законските измени направени во 2010 година.
Имено, во Законот за внатрешните работи, донесен во 2010 година, утврдени се критериумите врз основа на кои полициските службеници може да се пензионираат со 40 години стаж, без разлика на возраста, а со измената на законското решение во 2014 година се овозможува продолжување до плус три години, што е во согласност со Законот за работните односи.
„По 2010 година, со новиот закон, методологијата според која се пресметува основицата за пензија се заснова на десетте најдобри години во работниот стаж од 40 години, односно десетте години најдобра плата е основица за утврдување на пензијата. Кај полициските службеници што се пензионирале пред донесувањето на овој закон,ж како основица се зема платата од сите 40 години и се утврдува просекот, па врз основа на тој просек се пресметува пензијата поради што се создава сериозна разлика во пензиите“, објасни министерот Спасовски.
Тој нагласи дека ова прашање е веќе иницирано, разговарано е со Здружението на пензионираните полициски службеници, а во координација со Министерството за труд и социјална политика направени се средби и анализи за фискалните импликации, за бројката на засегнати лица и за правниот модел за изнаоѓање соодветно решение.
„Како резултат на тоа веќе се подготви предлог за измена на законот, која ќе им овозможи на овие полициски службеници пензионирани пред 2010 година, со измена или анекс на решението за пензионирање, да добијат пензија во иста висина како и нивните колеги што се пензионирале по донесувањето на законот. Очекувам многу бргу ова законско решение да се најде во собраниска процедура и се надевам дека пратениците ќе имаат разбирање што побргу да се усвои, а полициските службеници да добијат еден вид сатисфакција. Тие биле на браникот на државата, поднесувале разни ризици да ги сочуваат безбедноста и стабилноста на државата и како човек се чувствувам обврзан да најдам решение за нив. И јас сум задоволен и Владата може да биде задоволна што ќе понудиме законско решение на задоволство на граѓаните, а ќе се применува од моментот на донесување на законот, па во иднина“, истакна министерот за внатрешни работи од собраниската говорница.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одронот е исчистен, сообраќајот на автопатот Скопје – Велес се одвива нормално
Во 20:38 часот на патниот правец Скопје-Велес, тунел Бадар, одронот е исчистен и сообраќајот се одвива нормално, информира АМСМ.
Претходно, од таму информираа дека сообраќајот се одвива по една лента поради одрон во тунелот.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Одлуката за домашен притвор на Груби е на обвинителството со 2 отсто доверба
Правда мора да има и таа мора да биде неселективна и конечна. Одлуката за домашен притвор е на обвинителството. Истото она со 2 посто доверба и за кое СДС се бореше да биде несменето до последниот здив. Сите забелешки може да ги испратат до таа адреса, и до омилените на Венко обвинители, велат од ВМРО-ДПМНЕ, по одлуката на скопското обвинителството да побара замена на мерката притвор со куќен притвор за Артан Груби.
„СДС треба да се договори со себе бидејќи се исклучително недоследни. Изутрина тврдат дека ДУИ одработува за ВМРО-ДПМНЕ, а сега дека е обратно. А всушност СДС се вистински во паника затоа што нивниот криминоген другар Артан Груби може да проговори за сите ортачки криминали на владите на Зоран и Вице, на Венко и Ковачевски, за бизнисите на Зечевиќ. Зошто врхушката на СДС денес заседаваше и “вртеше” телефони интересирајќи се за исказот на Артан Груби во обвинителство. Ова е и причината зошто СДС во случајот со Груби се однесува по логиката иста на онаа: “лопов вели држете го лоповот”. Црната кутија за криминалите на СДС и ДУИ падна. Прашање на време е кога “исплашените” од СДС ќе му прават на судските клупи друштво на Артан Груби“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Куќниот притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, велат од СДСМ
Одредувањето куќен притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, сметаат од СДСМ. Според партијата, затоа судството и обвинителството се ставени под директна контрола на Мицкоски и ВМРО-ОКГ.
„Дилот ВМРО–ДУИ се спроведува пред очите на јавноста. Прво со договореното враќање и режираното снимање на граничниот премин. Не работеа камерите кога Груби си замина преку граница, слободно, со пасош, иако бил на стоп-листата. Но, за договореното враќање на Груби камери има на секој чекор – од граница, пречек, па сè до Обвинителството и Судот. Потоа следуваше веќе подготвената кампања по медиумите под контрола на Орбан, а сега и одлуките за куќен притвор. Ако некој еднаш избегал од државата, зошто му се одредува куќен притвор?“, прашуваат од СДСМ.
Од таму велат дека ништо не е случајно и останува само да видиме која е цената.
„Пеш преминал преку граница и побегнал. А бил на стоп-листа. Сега, после 14 месеци бегство – се враќа и му се одредува куќен притвор. На кого уште не му е јасно ова сценарио? Ништо не е случајно. Ова е дел од договорот меѓу ДУИ и ВМРО-ОКГ. Останува само да видиме која е цената“, велат од СДСМ.

