Македонија
Според Груби, Русија е виновна за инфлацијата, нередите во Собранието, Коридорот, а поттикнува и меѓуетнички тензии и блокади
Вицепремиерот и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, денеска ја отвори годишната владина конференција упатувајќи низа критики и обвинувања на сметка на Русија за политичките состојби во Македонија.
Според Груби, во текот на годините државата се соочувала со повеќе предизвици, кои имаат само еден заеднички центар на нестабилност, а тоа е Русија, додавајќи дека денес сме партнери на НАТО, имаме отворени врати во секоја земја во светот, во секоја светска институција, а само Европскиот фронт става крај на руското влијание во нашата земја.
Груби ја обвини Русија за предизвикување проблеми од нередите во Собранието на 27 април до опструкции на Коридорот 8, мешање во работата на верските заедници, европските интеграции.
„За време на нередите во Собранието, таму имавме Русин, кој ја поттикна целата ситуација за линч на пратениците и новиот собраниски спикер. Имаше изјави и од Лавров, Путин и од Захарова. Путин дури поттикна и меѓуетнички тензии и конфликти во нашата земја. Со овие изјави се виде дека тие биле против договорот од Преспа, против каков било договор во корист на државата, затоа и не сакале да го затворат 10-годишниот спор со нашиот сосед Р. Грција. Кризата, агресијата и војната имаат само едно име, една адреса, а тоа е Русија. Русија со своите елементи поттикна протести и конфликтни ситуации кај нас“, рече Груби.
„Безбедносната криза, енергетската криза, ценовната криза и инфлацијата имаат само едно име – Русија и нивната воена агресија врз Украина и последната војна во Европа по Втората светска војна од тие размери. Имаше протести против договорот за добрососедство со Бугарија, кои беа поттикнати од руски елементи во нашето општеството. Можеби сите ќе помислите дека претерувам, но досега не испаднало нешто погрешно од тоа што сме рекле“, додаде.
Првиот вицептемиерот рече дека најголемиот инфраструктурен проект во земјата се коридорите 8 и 10 Д, проект што со години беше опструиран од Русија, од руски компании.
„Изгубивме една година токму поради руска компанија, која влезе во постапката и го наруши целиот процес. Дали има руско влијание во нашите верски заедници – одговорот пронајдете го сами. Дали има руско влијание во медиумите – одговорот го знаете, дали има руско влијание во невладините организации? Има руски елементи што прават сè што е можно за да нарушат прогресивно парламентарно мнозинство и коалиција, која сака да ја види оваа држава членка на НАТО и на ЕУ и е во вековно пријателство со САД“, рече Груби.
Денес, рече Груби, нашата заедничка држава е членка на НАТО, има отворени преговори со Европската Унија, е во стратешко партнерство со САД, има отворени врати во сите земји членки на ЕУ, претседава со ОПСЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Колку криминални шеми имаат издејствувано Заев, Филипче и Николовски, Обвинителството да отвори постапка
„Заев му помогнал со отпишување на жито за 800.000 евра, Љупчо Николовски возвратил со грант за „Мамас“ од 1,4 милиони евра. По камуфлирањето на кусокот на 2.000 тони жито вреден 800.000 евра на владина седница од страна на Заев и Филипче, Љупчо Николовски веќе следната година му возвраќа за услугата на кланот Заеви со грант од 1,4 милиони евра“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Во 2022 година Компанијата „Тргопродукт“, која е во сопственост на кланот Заеви, добила грант вреден 1,4 милиони евра. Тоа е истата фирма на кланот Зaеви препознатлива под брендот „Мамас“.
Вредноста на грантот е близу 87 милиони денари или 1,4 милиони евра, и овој грант во тој момент бил втор најголем грант во историјата откако се работи со ИПАРД програмата.
Колку вакви криминални шеми имаат издејствувано Заев, Филипче и Николовски за своето владеење и колку народни пари се злоупотребени?
Дали Љупчо Николовски како тогашен министер интервенирал и им ја возвратил услугата на кланот Заеви за да добијат неповратен грант од ИПАРД програмата вреден 1,4 милиони евра?
Дали ова е меѓусебен дил на Заев и Николовски и колку вакви злоупотреби со тендери и грантови во нивната коруптивна шема постојат?
ЈО да отвори постапка и да ги истражи случаите.
Николовски како и Филипче се дел од корумпирана структура и дел од криминалните шеми на Заев и се додека СДС не се ослободи од овие компромитирани кадри не може да биде конструктивна опозиција која ќе биде додадена вредност во демократските процеси во државата“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Муцунски ќе учествува на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО во Брисел
На покана на Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска ќе учествува на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО.
Министерскиот состанок претставува уште една можност министрите да разменат ставови во однос на донесените одлуки од Самитот на НАТО во Хаг, кои се важни за иднината на Алијансата, како и да разменат мислења за напредокот во зајакнувањето на индивидуалните способности и капацитети за овозможување ефективна колективна одбрана и безбедност.
Во фокусот на дискусиите се очекува да бидат разменети информации за заедничките напори за продолжување на континуираната поддршка за Украина, како и размена на ставови за одговор на актуелните безбедносни предизвици и закани, вклучително и дестабилизирачките активности на малигните актери и стратешките конкуренти, кои имаат за цел да ја нарушат воспоставената безбедносна архитектура и меѓународниот правен поредок, извести Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
На маргините на министерскиот состанок, предвидено е министерот Муцунски да оствари и повеќе билатерални средби, меѓу кои и со шефот на американската делегација, заменик-државниот секретар на САД, Кристофер Ландау, како и да учествува на тематски состанок посветен на Коридорот 8.
Македонија
Делови од Гази Баба и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.30 до 11.30 часот, дел од улица Коце Металец и Филип Филиповиќ (од улица Рударска до Трафиките за храна пред паркингот), без струја ќе останат и зградите на два Баќа градители и зградата на Ул.Коце Металец Бр2 (општина Гази Баба)
– во период од 09.00 до 15.00 часот, дел од корисниците на ул.Струшка (општина Карпош).

