Македонија
Според грчкиот министер „преспанскиот“ за пасошите мора да се почитува, а меморандумите во Грција ќе бидат ратификувани кога ќе им дојде времето
Грчкиот министер за надворешни работи, Јоргос Герапетритис, се осврна на Преспанскиот договор, одговарајќи на прашање на СИРИЗА за ратификување на трите меморандуми за соработка со Северна Македонија кои од 2019 година сè уште не се донесени во грчкиот парламент.
Герапетритис говорејќи за пасошите со новото име рече дека тоа е обврска што Северна Македонија имала време да ја заврши во изминатите пет години, а за ратификациите на меморандумите од грчка страна дециден е дека не е дојдено времето да се направи тоа.
„Тие ќе дојдат на ратификација во време што грчката држава ќе го смета за соодветно и секогаш во врска со правилното спроведување на Договорот . Навистина, има специфични рокови како 12 февруари за Северна Македонија кои не беа исполнети “, рече Герапетритис и додаде дека постојат специфични потешкотии за спроведување на обврските за патните исправи и за други прашања, меѓу кои табличките на автомобилите споменати во Договорот.
Шефот на грчката дипломатијата истакна дека Скопје не ја завршило навремено обврската за личните докумети, па затоа Грција ги направила сите неопходни дејствија, односно ги информирала властите во странство, за да постои целосно разбирање на имплементацијата на Договорот од Преспа.
„Грција очигледно е за формална имплементација на Договорот од Преспа и не може да биде поинаку. За да има напредок, мора да се исполнат условите предвидени во договорот. Усогласувањето на патните исправи е поврзано со рокот од 5 години што го имаше Северна Македонија “, рече тој и додаде: „тоа не е направено, не поради грчката држава, туку затоа што имало бирократски или други проблеми во Северна Македонија“.
Додаде и дека почитувањето на Преспанскиот договор спречува „други непријателски сили да побрзаат да воспостават динамична стратешка соработка со соседот, како што е Турција“.
Според министерот, безразлика дали некој се согласува или не со одредени поглавја од Договорот на Преспа, веќе се работи за законски текст кој не може да се модифицира.
Грчките меморандуми на чијашто ратификација се чека се однесуваат за забрзување на процесот на интеграција на Македонија во ЕУ, за формирање на координативен комитет за економска соработка и техничка спогодба за надгледување на летовите. Грчките власти до сега не ги сменија ниту патните табли кои водат кон Северна Македонија, а на некои од нив се уште може да се забележи референцата БЈРМ или пишува Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Подрачјето на Велес ќе биде зафатено од поројни врнежи, грмежи и засилен ветер
ЦУК информира, според известувањето на УХМР, дека подрачјето на Велес ќе биде зафатено од пообилни поројни врнежи со грмежи и засилен ветер.
Правец на движење на оваа нестабилна маса се предвидув дека е кон исток и североисток, додаваат од ЦУК.
Македонија
Министерството за животна средина отстапи движни ствари на повеќе општини, за потребите на училиштата вклучени во ГЛОБЕ програмата
Владата, на предлог на Министерството за животна средина и просторно планирање, донесе одлука со којашто движни ствари во сопственост на министертството, се даваат на трајно на повеќе општини во државата, за потребите на повеќе основни училишта и тоа во Гевгелија, Неготино, Валандово, Битола, Прилеп, Тетово, Куманово, Пробиштип, Ранковце, Велес, како и на училишта во скопските општини: Центар и Карпош.
Целта е спроведување на ГЛОБЕ програмата во Република Северна Македонија, а Министерството за животна средина и просторно планирање, како што е посочено, е носител на активностите на ГЛОБЕ програмата и со владина одлука е задолжено да обезбеди хемикалии и инструменти за вршење на мерењата и да ги пренесе на користење на вклучените училишта во програмата.
Станува збор за движни ствари што ќе им бидат од полза на училиштата во спроведувањето на проектот, а коишто, по пат на јавна набавка ги обезбедило ресорното министерство.
Македонија
Одлука за учество на Армијата во НАТО операцијата „КФОР“ во Косово
Владата, на предлог на Министерството за одбрана, донесе Одлука за определување на бројот на кандидати кои се запишуваат на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“- Скопје, во студиската учебна 2024/2025 година, чие образование се финансира од Буџетот на Република Северна Македонија.
Со одлуката е определено, во студиската учебна 2024/2025 година да се запишат 44-ца студенти/питомци како редовни студенти, од кои 25-мина студенти/питомци за потребите на Министерството за одбрана – Армијата на Република Северна Македонија; како и тројца студенти/питомци за потребите на Војската на Црна Гора; шестмина студенти/питомци за потребите на вооружените сили на Босна и Херцеговина; петмина студенти за потребите на управување со кризи и петмина студенти за потребите на заштита и спасување.
Согласно Законот за Воената академија, како што е образложено од ресорното министерство, на Академијата можат да студираат и припадници на вооружените сили на странски држави и странски државјани.
Владата, на предлог на Министерството за одбрана, донесе и Одлука за испраќање припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во НАТО операцијата „КФОР“ во Република Косово.