Македонија
„Срамно, Јаневска направи хаос со образовните асистенти на сметка на најранливите ученици“, велат од СДСМ
„Министерката Весна Јаневска свесно направи хаос со образовните асистенти – директно на штета на учениците со попреченост и нивните семејства. Наместо да ги продолжи ангажманите на едуцирани, обучени и искусни образовни асистенти кои со години посветено работеа со децата, Јаневска ги избрка и ги замени со партиски кадри. Единствената „квалификација“ на новите асистенти е партиска книшка на ВМРО-ДПМНЕ!“, велат од СДСМ.
„Со промени во правилниците, Јаневска го поништи значењето на работното искуство, обуките, знаењето – и отвори врата за политички вработувања. Ова е најгруб пример на партизација на образованието, на сметка на најранливите.
Ова е одраз на погрешниот приоритет на ВМРО-ДПМНЕ – наместо грижа за децата, грижа за партиската војска! Јавно ја прашуваме министерката Јаневска – како можете мирно да спиете знаејќи дека на 1 септември стотици деца со попреченост нема да го добијат својот асистент, лицето со кое учеа, се смееја и напредуваа?
СДСМ бара итна:
Ревизија на огласот за образовни асистенти,
Враќање на професионалците со искуство и едукација,
Целосна департизација на образовниот систем.
Образованието мора да биде надпартиска и хумана мисија. Ова не е борба за функции – ова е борба за достоинство, за децата и за нашата иднина“, соопшти СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Јавното обвинителство мора да отвори предмет за тендерот од 1,2 милиони евра“, бара СДСМ
„Јавното обвинителство не смее да молчи за криминалните тендери туку да делува. Обвинителството мора веднаш да отвори предмет и да започне истрага за скандалозниот тендер од 1,2 милиони евра во АД Пошта, доделен на фирма на советник од ЗНАМ“, велат од СДСМ.
„Антикорупцискиот тим објави конкретни наводи и докази од свиркач, вработен во Пошта за организирано испумпување јавни пари и системска кражба на пари од граѓаните.
Постојат основани сомнежи дека над 300.000 евра годишно, пари на граѓаните, се вадат преку корупциски шеми.
Како? Според наводите, недостасуваат постојано околу 14 хигиеничари а други работата со половина работно време и покрај тоа што за сите нив се исплаќа целосен износ, како да се вработени и присутни цел ден.
Како се прикрива сето ова?
Со потпишување лажни дневници за отсутни хигиеничари, лажни извештаи за наводни генерални чистења кои никогаш не се реализираат.
Ако институциите не постапуваат значи дека се заштитници на криминалот на ВМРО и ЗНАМ.
Бараме Јавното обвинителство да отвори предмет и итно да покрене истрага.
Секој што го прекршил законот мора да одговара“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Македонија
Делови од Карпош и Кисела Вода денеска без вода
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради отстранување дефект на водоводна мрежа со пречник од ф-100 мм на ул. Нобелова крстосница со ул. Хелсинки, од 09:00 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улиците: Нобелова, Виенска, дел од ул. Хелсинки и дел од ул. Лондонска. (Општина Карпош)
· поради изведување приклучок на водоводна мрежа со пречник од ф-100 мм на ул. Жил Верн бр. 10, од 10:00 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од ул. Жил Верн и ул. Есенинова. (Општина Кисела Вода)
Македонија
Делови од неколку скопски општини денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:00 до 14:00 часот, корисниците од дел од с. Ќојлија. (Општина Петровец)
· од 08:30 до 09:30 часот, корисниците од селата: Драчевица и Цветово. (Општина Студеничани)
· од 08:55 до 09:55 часот, корисниците од селата: Горно Соње, Долно Соње , Чифлик и Света Петка. (Општина Сопиште)
· од 09:00 до 14:00 часот, корисниците од дел од ул. Веле Марков. (Општина Ѓорче Петров)
· од 12:30 до 14:30 часот, корисниците од дел од улиците: Димо Хаџидимов и Христо Татарчев. (Општина Кисела Вода)

