Македонија
Средба Иванов – Дуда: Разменети информации за бегалската криза со Полска
Претседателот Ѓорге Иванов, во рамки на учеството на Самитот за климатски промени COP 24, што се одржува во Катовице, одржа билатерална средба со претседателот на Република Полска, Анджеј Дуда.
На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу Република Македонија и Република Полска, при што беше констатирано дека двете земји негуваат пријателски и конструктивни односи, со стабилен политички дијалог.Претседателот Иванов изрази благодарност за целокупната поддршка на Република Полска од воспоставувањето на дипломатските односи кои годинава одбележуваат 25 години, како и за употребата на нашето уставно име во билатералните односи.
Истакнувајќи дека Република Полска е важен и докажан партнер и поддржувач на македонската интеграција во ЕУ и во НАТО, македонскиот претседател го изрази интересот за натамошно продлабочување на билатералната соработка преку размена на посети на највисоко ниво.
На средбата беа разменети мислења и информации за мигрантската и бегалска криза, при што претседателот Иванов се заблагодари за досегашната помош од страна на Република Полска. Во тој контекст, македонскиот претседател нагласи дека полскиот контингентот како дел на странските полициски сили дава значајна поддршка на македонските безбедносни сили во контролирањето и сузбивањето на обидите за илегални премини на нашата јужна граница.
Претседателот Дуда посочи дека полската поддршка за Република Македонија како во однос на нашите евроатлантски интеграции така и за мигрантската криза ќе продолжи и во иднина.На средбата беа разменети мислења за севкупните состојби во регионот, во контекст на неговата европска и евро-атлантска перспектива.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре почнува собирањето потписи за независни кандидати за градоначалници во четири општини
Утре, 21 ноември 2025 година, започнува постапката за собирање потписи за кандидирање независни кандидати за градоначалници на општините Гостивар, Врапчиште, Маврово и Ростуше и Центар Жупа, соопшти Државната изборна комисија.
Потписите ќе се собираат пред службените лица во надлежните подрачни одделенија и канцеларии на ДИК, како и пред нотар, секој работен ден од 8:30 до 16:30 часот. Последниот ден, 30 ноември, постапката ќе трае до 24 часот.
Подрачното одделение на ДИК во Гостивар е надлежно за собирањето потписи за кандидатите за градоначалници на Гостивар, Маврово и Ростуше и Врапчиште, додека канцеларијата на ДИК во Дебар е надлежна за општина Центар Жупа.
Постапката за собирање потписи завршува на 30 ноември во 24 часот.
Повторените избори за градоначалници во општините Гостивар, Врапчиште, Маврово и Ростуше и Центар Жупа се закажани поради непостигнат цензус на локалните избори од 19 октомври 2025 година, по што во овие општини не беа избрани градоначалници.
Скопје
Се санира паркот во близина на црквата „Св. Ѓорѓија“ во Кисела Вода
Во завршна фаза е санацијата на паркот во близина на црквата „Св. Ѓорѓија“, проект што се реализира преку партнерство меѓу Општина Кисела Вода и компанијата „Пелистерка АД Скопје“. Станува збор за значајна интервенција на простор кој долго време се наоѓаше во незавидна состојба и бараше целосно обновување.
Во рамките на активностите извршено е целосно поплочување со нови павер елементи на површина од 420 м². Изградени се две нови пешачки патеки, санирани се скалите од амфитеатарот, обновен е споменикот, поставена е нова водоводна инсталација на која ќе бидат монтирани нови чешми, а во тек се работите на новата фонтана.
Паралелно со овие зафати, Општина Кисела Вода постави нови даски за седење кај амфитеатарот, го оплеменува просторот со ново зеленило, поставува ново парковско осветлување и современа урбана опрема, со што паркот добива попријатен изглед.
Очекувањата се дека за три седмици целиот простор ќе биде целосно готов и ставен во функција.
Скопје
Ново детско игралиште и реконструиран спортско-рекреативен центар во општина Бутел
Во општина Бутел е изградено ново детско игралиште со површина од 400 метри квадратни во рамки на спортско-рекреативниот центар „Македонија“. Покрај игралиштето, целосно е реконструиран и малиот плоштад, а поставени се нова урбана опрема, ограда и осветлување. Просторот што долго време беше запуштен и со руинирани содржини денес претставува модерен спортско-рекреативен центар со вкупна површина од 6.000 м².
Општината информира дека во населеното место Радишани е изградено ново корито на реката Серава, пешачка патека, фудбалско игралиште со висококвалитетна вештачка трева, баскет игралиште со специјална подлога, детско игралиште со мека подлога, фитнес-зона, нов парк, како и дополнителни паркинг места.
Од општината порачуваат дека Бутел продолжува да се развива, вложувајќи во подобрување на условите за спорт и рекреација, со цел да обезбеди здрава иднина за младите генерации и можности за редовно практикување спорт за сите граѓани.

