Македонија
Средба Мицкоски – Бартол: Македонија може да даде голем придонес во НАТО
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска оствари средба со делегација на НАТО, предводена од Горазд Бартол, шеф на канцеларијата за врски на НАТО во земјата. На средбата се разговараше за стратешките приоритети на Република Македонија, како што е побрзата интеграција во НАТО, и други теми важни за регионот и за актуелната економска и политичка состојба во државата.
Мицкоски го информирал Бартол дека во земјата сериозно е загрозена демократијата преку политичкиот прогон на неистомислениците и постојаниот притисок врз институциите од страна на власта. На полето на економијата Мицкоски изразил загриженост за катастрофалните економски политики на власта, чија неспособност ја смести државата убедливо на европското дно.
На средбата Мицкоски ги афирмира ставовите на ВМРО-ДПМНЕ дека стратешка определба на земјата е полноправно членство во ЕУ и НАТО. Мицкоски истакна дека ВМРО-ДПМНЕ останува цврсто на својот став дека е потребно зачленување во НАТО. Тој посочи дека Република Македонија може да даде голем придонес во НАТО како гарант за безбедноста на регионот. ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржи секој процес што е во насока на јакнење на демократијата и е од интерес на граѓаните“, се вели во партиското соопштение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Началник во МВР нападнал лице и со службен пиштол го удирал по глава – поднесена е кривична пријава
Полицијата поднесе кривична пријава против С.Б. – началник во Одделение за прекуграничен криминал, миграции, странци и реадмисија, поради постоење основи на сомнение дека сторил кривични дела „загрозување на сигурноста“ и „затајување“.
„На 12 јануари во Кавадарци, пријавениот физички нападнал едно лице и со службен пиштол неколку пати го удрил по главата. Исто така, на 13 јануари, противправно присвоил една рамка и пет куршуми и не ги вратил, а кои се сопственост на Министерството за внатрешни работи“, соопшти МВР.
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди ќе поднесе Предлог за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност против пријавениот ќе изрече задолжителна мерка за отстранување од работното место – суспензија до завршување на дисциплинската постапка.
Македонија
Нормализирана испораката на топлинска енергија
Нормализирана е испораката на топлинска енергија откако утрово повеќе скопски општини останаа без парно греење поради зголемени загуби на вода во топлификациската мрежа.
Кај приклучените потрошувачи на системот за централно греење од овој реон испораката на топлинска енергија се реализира согласно мрежните правила кај сите станбени и деловни објекти каде што утрово после 10 часот беше намален квалитетот на испорака, со исклучок на дел од потрошувачите во Општина Центар, велат од ЕСМ.
Оттука додаваат дека продолжуваат со работа, со вложување на максимални напори за што побрзо отстранување на дефектот во близина на Олимписки базен, по што ќе следи нормализирање на испораката на топлинска енергија за потрошувачите кои се снабдуваат со топлинска енергија од тој магистрален вод.
Станува збор за интервенција врз магистрален вод А во општина Центар што поминува преку булеварот Кочо Рацин, на потегот помеѓу Веро Центар и Олимписки базен.
Директорот на ЕСМ, Петар Милетиќ ја обвини претходната власт за двегодишна целосна негрижа и неодржување на дистрибутивната мрежа.
„Претходното раковоство кадри на СДСМ и на ДУИ кои несовесно и неодговорно раководеа со системот за дистрибуција на топлина придонесуваат за појава на неочекувани дефекти. Екипите на ЕСМ Дистрибуција на топлина продолжуваат со работа, со вложување на максимални напори за што побрзо отстранување на дефектот, по што ќе следи нормализирање на испораката на топлинска енергија за потрошувачите кои се снабдуваат со топлинска енергија од тој магистрален вод. Некоректно е дефект на топлификациската мрежа кој е последица на негрижата на претходното раководство, да се користи за паника и вознемиреност кај граѓаните на Град Скопје во функција на добивање ситни дневнополитички поени“, вели Петар Милетиќ.
Македонија
Мицкоски во САД разговарал со Такер Карлсон кој лани го привлече вниманието на светската јавност поради интервјуто со Путин
Премиерот, Христијан Мицкоски, на социјалните мрежи објави фотографии од повеќе средби кои ги остварил во Вашингтон, пред инаугурацијата на претседателот на САД, Доналд Трамп.
Македонскиот премиер сподели дека разговарал со новинарот Такер Карлсон, кој лани беше во центарот на светските случувања кога одлучи да направи со интервју со рускиот претседател, Владимир Путин.
„Разговарав со еден од највлијателните американски новинари, Tucker Carlson. Тој е познат по своите десни конзервативни ставови и со огромно влијание во американското општество. Пријатна средба и можност за размена на мислења и ставови за Македонија и регионот. Го поканив да ја посети нашата земја“, напиша Мицкоски.
Карлсон е првиот западен новинар што интервјуирал руски претседател од почетокот на руската воена операција во Украина во февруари 2022 година. Двочасовното интервју беше објавено ноќта на 9 февруари и имаше повеќе од 170 милиони прегледи на социјалната мрежа „Икс“ и повеќе од 10 милиони на „Јутјуб“.
Мицкоски сподели и дека во Вашингтон разговарал со една од најпрепознатливите телевизиски, новинарски и медиумски лица во американската јавност, Меган Кели.