Македонија
Поддршка за референдумот на средбата на Заев со пратениците од германскиот Бундестаг и претставници на „Фридрих Еберт“
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска се сретна со двајца пратеници од германскиот Бундестаг, Јосип Јуратовиќ и Мартин Росеман, и нивните соработници, како и со претставници од Фондацијата „Фридрих Еберт“, придружувани од амбасадорот на Сојузна Република Германија во Република Македонија, Томас Герберих.

На средбата е изразена поддршка за успешна реализација на претстојниот рефередум, како за европската и атлантската иднина што се отвора со него за Македонија и граѓаните.
На состанокот беше нагласено дека демократските вредности се придобивка и важно е да ја практикуваат сите политички субјекти во државата и беше изразена надеж дека постои потенцијал за тоа кај политичките партии независно од нивната идеолошка определеност.
Патриотите сакаат и мислат на народот, а националистите мразат и мислат на личните интереси, сега е време да го кренат гласот вистинските патриоти и да ги осигурат евро-атлантските перспективи на Македонија и економскиот стандард на граѓаните, е пораката што беше нагласена на средбата од страна на германската делегација.
Премиерот Заев рече дека во тек се фер, транспарентни и едукативни подготовки за гласањето на претстојниот референдум.
„Македонија и граѓаните се пред историски момент и јас сум убеден дека мнозинството граѓани ќе дадат поддршка за светла иднина на Македонија во Европската Унија и НАТО. Верувам во граѓаните дека ќе најдат сила да си ја обезбедат својата иднина и иднината на младите, кои ќе бидат мотивирани да останат да живеат, учат и да работат во Македонија наместо да си ја напуштаат родната земја“, рече премиерот Заев.
Претседателот на Владата, Заев, ѝ се заблагодари на Германија за принципиелната поддршка во обновата и практикувањето на демократијата, како и за важното стратешко партнерство на економски план како еден од најголемите инвеститори во Македонија.
Премиерот Заев им се заблагодари и на претставниците на Фондацијата „Фридрих Еберт“, која ги помагаше демократските процеси во Македонија во најтешките години изминатата деценија.
Претставниците на Фондацијата „Фридрих Еберт“ најавија дека и понатаму ќе го помагаат дијалогот и ќе ги поддржуваат демократските вредности значајни за граѓаните.
На средбата од страна на премиерот Заев и Ева Елерајт од Фондацијата „Фридрих Еберт“ беше потпишан и меморандум за соработка помеѓу Владата на Република Македонија и Фондацијата „Фридрих Еберт“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на Националниот молитвен појадок во САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, учествуваше на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast) во Вашингтон.
Се работи за традиционален и значаен настан што ги обединува политичките, верските и општествените претставници, истакнувајќи ги вредностите на дијалогот, взаемното почитување и моралната одговорност во лидерството.
На оваа церемонија се обрати и претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Од Собранието велат дека учеството на Гаши претставува можност за зајакнување на пријателските односи и за афирмирање на улогата на Република Северна Македонија како активен, присутен и почитуван партнер во меѓународната соработка.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.

