Македонија
Средба на Мекилван и Поповски: Македонија е позитивен пример во регионот на Западен Балкан
Министерот Роберт Поповски задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност во Лондон имаше официјална средба со Фиона Мекилван, раководител за Западен Балкан во Министерството за надворешни работи на Велика Британија. На средбата е утврдена чистата и недвосмислена поддршка на британската влада кон реформските процеси во Република Македонија.
Реформскиот процес што го почна Македонија е оценет како исклучителен, а утврдено е дека истиот ќе продолжи и во наредниот период. На состанокот беше дискутирано за тоа дека реформите се долг процес кој мора да се спроведе соодветно со цел да не се повторат грешките од минатото.
Поповски на средбата ги издвои реформските процеси спроведени од планот 3-6-9, со најава на планот 18, а посебно ги посочи концептот за отворена влада, транспарентност и отчетност како принципи кои ги практикува владата. Како што рече Поповски, Владата на Република Македонија поставува стандарди како за постојната администрација, така и за сите следни влади.
Заеднички е констатирано дека заробената држава е состојба од минатото која интензивно се менува, за што е неопходно реформите да продолжат со ист силен интензитет.
Според Мекилван, Македонија е добар пример за Западен Балкан и покажува дека со храброст и политичка посветеност промените се реалност.
Раководителката за Западен Балкан Мекилван, министерот Поповски, советникот на премиерот, Марјан Забрчанец, и портпаролот Миле Бошњаковски на средбата изразија задоволство од поддршката која Сервисот за комуникации на Велика Британија ја обезбедува за Комуникацискиот сервис на Владата на Република Македонија и заеднички заклучија дека владините односи со јавност во Македонија се во функција на транспарентноста, градење сервисни комуникациски алатки, како и социјалните промени кои се неопходни за општеството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.
Македонија
Дожд и облаци утре, постудено на почетокот на следната седмица
Времето утре ќе биде променливо облачно. Во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени, најавува УХМР.
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.

