Македонија
Средба на Османи со Фаисал Ф. Алибрахим, министер за економија и планирање на Кралството Саудиска Арабија

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес оствари средба со министерот за економија и планирање на Кралството Саудиска Арабија, Фаисал Алибрахим.
На средбата беше констатиран досегашниот позитивен развој на односите меѓу двете земји и се истакна заложбата за натамошно продолжување на политичкиот дијалог и интензивирање на соработката во сите области од заеднички интерес.
Особено внимание беше посветено на економската соработка и трговската размена помеѓу двете земји, при што беше истакната потребата од продлабочување на односите во овој поглед. На состанокот Османи истакна дека Министерството за надворешни работи става посебен акцент на економската дипломатија за што сведочи и упатувањето на економски советник во Амбасадата во Абу Даби, кој е надлежен и за економска соработка со Кралството Саудиска Арабија.
Во однос на договорната состојба меѓу двете земји беше изразено заемно убедување дека потребно е проширување на постојната договорна рамка, со што ќе се постави основ за натамошно продлабочување на односите помеѓу двете земји.
На средбата соговорниците разменија мислења и за соработката на мултилатерален план, за надворешнополитичките приоритети на двете земји, за регионални теми, како и за актуелните меѓународни прашања и предизвици. Министерот Алибрахим исто така се осврна и на нивната кандидатура за домаќини на ЕКСПО 2030 во Ријад и ја презентира нивната програма за организација на овој светски настан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Карпош и Кисела Вода денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, дел од корисниците од улицата Бриселска, општина Карпош;
– во периодот од 09.35 до 12.00 часот, корисниците од улиците Студеничанска и Драчевска, како и корисниците од реонот кој гравитира кон улицата Јустинијан Први, општина Кисела Вода.
Македонија
Метеж на границите: се чека до 40 минути на Табановце за влез и на Богородица за излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива по суви коловози.
Денеска, во временски период од 08:00 – 17:00 часот поради обезбедување на велосипедска трка, сообраќајот на регионалниот пат во село Доброшане кон Свети Николе до место викано Студена Вода ќе биде во прекин, извести АМСМ.
Исто така во време од 09:00 часот до 14.00 часот поради обезбедување на велосипедска трка, сообраќајот на стариот пат за Крива Паланка на потег на место викано Салон кај ресторан Фемили па по регионалниот пат Куманово кон граничен премин Пелинце до Меморијален центар АСНОМ во село Пелинце ќе биде во прекин.
Повремено затворање на регионалниот пат Куманово – граничен премин Пелинце е планирано и за наредниот ден.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На ГП Табановце за влез и ГП Богородица за излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање е околу 30-40 минути. На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Муцунски ќе се сретне со грчкиот министер за надворешни работи: зајакнување на односите меѓу двете земји во фокусот на разговорите

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во 12:00 часот, во рамки на работната посета на Атина, ќе оствари средба со неговиот хомолог, министерот за надворешни работи на Грција, Јоргос Гераптеритис.
Како што извести Министерството, во фокусот на разговорите се очекува да бидат идните активности за зајакнување на односите и соработката меѓу двете земји, со акцент на економската и енергетската соработка и инфраструктурното поврзување.
Европската интеграција на регионот, како и актуелните геополитички случувања, исто така ќе бидат дел од темите за кои ќе се разговара, водени од заедничкиот интерес за зајакнување на регионалната стабилност и просперитет на двете земји како непосредни соседи и НАТО-сојузници, се додава во соопштението на Министерството.