Македонија
Средба на раководствата на македонското и чешкото МВР
Во свечената сала на Владата денеска се одржа билатерална средба помеѓу делегации на Министерството за внатрешни работи, предводена од министерот Оливер Спасовски и висока делегација на Министерството за внатрешни работи на Чешка, предводена од заменик-министерот за внатрешни работи, Јиржи Новачек.
Министерот Спасовски на средбата потенцирал дека се потврдени заемните заложби за искрена меѓусебна соработка и несебична поддршка, која континуирано ја имаме со Република Чешка.
„Дозволете ми уште на почетокот да подвлечам дека особено ја цениме поддршката која Чешката Република ни ја пружаше за време на миграциската криза и која сè уште ни ја пружа во справување со обидите за илегално преминување на границата. Во оваа насока, би сакал да изразам благодарност и за присуството на чешките полициски службеници на наша територија, кои спроведуваа и продолжуваат да учествуваат во заеднички активности со македонските полициски службеници за зајакнат надзор и контрола на нашата јужна граница. Сакам да напоменам дека во рамките на проектот за зголемена контрола и надзор на јужниот дел на нашата државна граница во моментов има 131 странски полициски службеници од кои 40 се чешки полициски службеници. Професионализмот и искуството кои чешките полициски службеници несебично ги споделуваат со своите македонски колеги, заслужуваат голема почит и за нас се од непроценливо значење, што постојано е нагласувано и од раководниот кадар на нашата гранична полиција“, истакна министерот Спасовски.
Поддршката од Чешка дополнително вклучува и донации за справување со обидите за илегално поминување на границата, но и за зголемување на капацитетите на македонската полиција во таа насока, што како активност се заокружува со донацијата на возила наменети за потребите на Министерството за внатрешни работи.
Спасовски во насока на продлабочување на заемната соработка најави можност за реализација на заеднички обуки, семинари и тренинзи наменети за полициските службеници на двете министерства, а кои ќе имаат за цел и размена на искуства, како и унапредување на тактичките способности, капацитети и професионална подготвеност на двете полиции.
На билатералната средба се разговараше и за безбедноста во сообраќајот и новите трендови и техники во оваа објаст, како и зајакнување на полициската соработка во останатите сегменти.
Посетата на високата делегација на Министерството за внатрешни работи на Чешка ќе трае до 16 септември и ќе опфати повеќе настани, средби, вежби и презентации.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Го разбираме револтот и незадоволството: СДСМ го поддржува протестот и барањата на работниците
СДСМ го поддржува протестот на работниците и Сојузот на синдикатите во борбата за достоинствени плати и зголемување на минималната плата, соопштуваат од оваа партија.
„Го разбираме револтот и незадоволството кај работниците и целосно ги поддржуваме нивните барања, за зголемување на минималната плата на 600 евра и за зголемување на платите за 100 евра во останатите сектори.
Граѓаните, работниците живеат тешко, инфлацијата и покачените цени го јадат стандардот на работниците, сиромаштијата расте а платите стојат во место.
Владата на Мицкоски нема пари за зголемување на минималната плата, пари има само за тендери. 161 тендер за една фирма, 51 тендер преку општините за друга фирма, 9 милиони евра за тендери со двајца вработени, 1,2 милиони евра за тендери преку Пошта“.
За време на владеењето на СДСМ, додаваат од опозициската партија, парите завршуваа кај граѓаните, ја зголемивме минималната плата од 8.000 денари на над 20.000 денари а просечната плата од 22.000 денари на над 42.000 денари.
И како опозиција, напоменуваат, СДСМ стои зад работниците.
„СДСМ предлагаше Закон за покачување на минималната плата но власта го одби. Поднесовме законски решенија и амандмани во Собранието за покачување на платите во различни сектори, но власта и тоа го одби.
Обврска на владата е да обезбеди покачување на минималната плата наместо да увезува „економски работници“ а да извезува квалификувани кадри надвор од земјата“.
Македонија
МНР со реакција до Бугарија: Македонија останува подготвена за дијалог што ќе се води во духот на европските вредности, Европа се гради со доверба и резултати, не со етикетирања и политички квалификации
Македонското Министерство за надворешни работи реагира на денешното соопштение објавено на веб-страницата на Министерството за надворешни работи на Република Бугарија.
„Изразуваме жалење што оваа институција сѐ почесто се позиционира како рецензент на изјави на македонски политички претставници, наместо како партнер во суштински и европски ориентиран дијалог. Воедно, јасно нагласуваме дека ниту имаме намера, ниту потреба да бидеме дел од внатрешнополитичките или изборните процеси во Република Бугарија – ниту преку коментари, интерпретации, ниту преку вклучување во дневнополитички наративи“, се истакнува во соопштението од МНР.
Од таму со повик до бугарските институции да се водат од, како што е наведено, принципите на добрососедство, взаемна почит, предвидливост и институционална комуникација – принципи кои воедно претставуваат темелни европски вредности и стандарди.
„Затоа што Европа се гради со доверба и резултати, не со етикетирања и политички квалификации.
Република Северна Македонија и понатаму останува подготвена за дијалог што ќе се води во духот на европските вредности“.
Македонија
Поради протест блокирани повеќе гранични премини за влез и излез од државата
Поради протест на возачите на камиони блокирани се повеќе гранични премини за влез и излез од државата, соопштуваат од АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

