Македонија
Средба на Сиљановска-Давкова со Клакочар Зупанчич: Словенија ќе остане наш поддржувач на патот кон ЕУ
На средбата меѓу претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и претседателката на Државниот збор на Република Словенија, Уршка Клакочар Зупанчич, која престојува во официјална посета на земјава, беа истакнати заложби за поттикнување на регионалното заедништво, одржување на добрата економска соработка и силна поддршка за македонските евроинтеграции.
Словенија беше, е, и ќе остане наш поддржувач и пријател на патот кон ЕУ, бидејќи нам таму ни е местото, нагласи претседателката Сиљановска-Давкова.
Претседателката изрази искрена и длабока благодарност за сочувството, помошта и поддршката што Словенија ни ја пружи по трагичниот настан во Кочани, што сведочи за цврстото пријателство.
Таа се заблагодари за континуираната поддршка во процесот на нашиот евроинтеграциски маратон и истакна дека Словенија секогаш беше до нас.
Нагласувајќи го ставот за неопходноста од почитувањето на Копенхагенските критериуми, таа изрази скептицизам дека уставните документи на ЕУ се почитуваат.
Обете манифестираа задоволство од билатералната соработка и партнерството на мултилатерален план, што меѓу другото, се темелат на сојузништвото во НАТО, заедничките заложби за мир и стабилност во регионот, како и фактот дека меѓу двете земји нема ниту едно отворено прашање.
Претседателката на словенечкиот Државен збор ја реафирмираше поддршката, потенцирајќи дека ЕУ е непотполна и недовршена без сите европски народи. Таа изрази разбирање за фрустрираноста на македонските граѓани поради долготрајноста на евроинтеграцискиот процес и за стравовите од наметнување нови препреки и покрај многуте направени отстапки од македонска страна.
Соговорничките се согласија дека политиката на проширување на ЕУ не смее да се билатерализира и да има посебни критериуми и преседани за нас, оти тоа ќе се одрази и на следните кандидати.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кривична пријава за директор на студентски дом поради несовесно работење
Полицијата поднесе кривична пријава против Н.Ј. (57) од селото Таринци, општина Карбинци, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“.
Според пријавата, на 29 и 31 мај 2024 година, Н.Ј., во својство на директор на Државен студентски дом „Браќа Миладиновци” во Штип, постапил спротивно на член 40 од Законот за јавни набавки.
Тој извршил плаќање на фактури во вкупен износ од 84.320 денари за сместување, односно ноќевање за себе и за ученици од студентскиот дом во два хотели во Охрид, без да спроведе соодветна постапка за јавна набавка, соопшти полицијата.
Македонија
Кривична за поранешен градоначалник на Чашка поради сомнеж за злоупотреба
Полицијата поднесе кривична пријава против Г.С. (47) од Велес, поранешен градоначалник на Општина Чашка, и против М.А., раководител на финансиското одделение во истата општина, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување.
Според пријавата, Г.С. во текот на 2021 и 2022 година, во повеќе наврати, свесно и со умисла ја ангажирал второпријавената да извршува работни задачи подолго од нејзиното работно време, иако таа била вработена со скратено работно време, што е спротивно на Законот за работни односи, кој забранува прекувремена работа за лица со скратено работно време.
Од СВР Велес информираат дека М.А., и покрај известувањето од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија и донесеното решение за четиричасовно работно време поради здравствени причини, прифатила да биде дополнително ангажирана.
За извршените активности ѝ биле исплатени 50.109 денари, со што, според пријавата, е нанесена штета на буџетот на Општина Чашка.
Македонија
„Нокаут“ ќе ги забавува битолчани за Нова Година
Општина Битола одлучи да нема огномет на прославата на дочекот на Новата година.
Со ова, општината се приклучува кон другите општини кои, исто така, одлучија на прославите за дочекот на новата година да нема огномети и заради барањата на поедини здруженија на граѓани.
Организираниот дочек како и изминатите години ќе биде на платото на Офицерскиот дом, каде ќе има музичка програма која е дел од „Зимската приказна“.
На последниот ден од годината дневната програма ќе започне во 11:00 часот на платото на Офицерскиот дом, а од 12:00 часот во Старата чаршија.
Вечерната програма пред Офицерскиот дом ќе биде од 20:30. На почеток забава со Борче Наумовски, потоа „Кабаре за раѓањето и вечноста“, „Баркод бенд“ и од 23:00 до 1:00 часот по полноќ со групата „Нокаут“.

