Македонија
Средба Османи – Ескобар во Њујорк: Американска поддршка за европската агенда на Северна Македонија

Министерот за надворешни работи Бујар Османи оствари средба со Габриел Ескобар, заменик-помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања и специјален претставник на САД за Западен Балкан, во рамките на 78. заседание на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк.
Во центарот на разговорите беа актуелните политички случувања во земјата и регионот, како и потребата од забрзување на евроинтегративните процеси на земјите од Западен Балкан, што претставува значајно безбедносно прашање.
Во тој контекст Османи се заблагодари за континуираната и недвосмислена американска поддршка на нашиот пат кон ЕУ, како и за поддршката за спроведувањето на реформите во областа на владеењето на правото и борбата против корупцијата.
На средбата стана збор и за заложбите за зајакнување на билатералните односи и надградба на соработката во рамките на стратешкиот дијалог.
„Активностите во рамките на стратешкиот дијалог меѓу Северна Македонија и САД се одвиваат со предвидената динамика и веќе се видливи резултатите од нивната реализација. Билатералните односи се издигнати на повисоко ниво, стратешкото партнерство е зајакнато, а воедно нотиран е и напредок во домашната реформска агенда и демократскиот развој“.
Соговорниците ја реафирмираа поддршката за Украина во справувањето со предизвиците од руската воена агресија, притоа нагласувајќи го силното сојузништво во рамките на НАТО. Воедно, беа поздравени нашите претседавања со ОБСЕ, САД – Јадранската повелба и Процесот за соработка во Југоисточна Европа, што е показател за значајната улогата на Северна Македонија на меѓународната сцена, особено во контекст на глобалните безбедносни предизвици.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Забрана за тешки товарни возила на неколку патни правци

Од 19:45 часот на магистралниот пат Маврово – Дебар воведена е забрана за тешки товарни возила поради задржување на снег на коловоз, извести АМСМ.
Од 19.55 часот воведена е забрана за тешки товарни возила и за патниот правец Гостивар – Стража, додаваат од АМСМ.
Македонија
Посебен сообраќаен режим утре во Скопје

Од утре петок до сабота, во официјална посета на Р.С.Македонија ќе присуствува претседателот на Владата на Република Србија, Ѓуро Мацут.
Од тие причини Едницата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај на подрачјето на град Скопје.
МВР апелира до граѓаните да се почитуваат наредбите што ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Македонија
Судијата за врски на Франција за балканскиот регион во посета на Јавното обвинителство

Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љупчо Коцевски денеска се сретна со францускиот амбасадор Кристоф Ле Риголер, на средба за претставување на новоназначениот судија за врски на Република Франција за регионот Сирил Лакомб.
Тој е еден од вкупно 20 судии за врски на Франција во светот, а од државниот обвинител Коцевски се информираше директно за состојбите во обвинителството. Притоа, судијата за врски Лакомб понуди поддршка со оперативна и техничка помош, но и експертиза преку француските правосудни органи.
Бидејќи и самиот бил јавен обвинител и лице за врски на Република Франција со Европравда, Лакомб се интересираше и за постапката за делегирање на обвинителот за врски на Република Северна Македонија во оваа меѓународна институција.
Јавниот обвинител Коцевски, од своја страна, изрази благодарност за континуираната француска поддршка за работата на Јавното обвинителство.