Македонија
Средба Петровска – Џејкоб: Дијалогот со синдикатите на највисоко ниво
„Подобрувањето на условите за работа и стандардот на припадниците на Армијата продолжуваат да бидат на врвот на приоритетите во нашето работење. Изминатиот период направивме многу во овој домен и овозможивме војниците, подофицерите и офицерите во Армијата на Република Северна Македонија да го добијат заслуженото место во македонското општество“, рече министерката за одбрана, Славјанка Петровска, на денешната средба со претседателот на Европската организација на воените здруженија и синдикатите (ЕВРОМИЛ), Емануел Џејкоб.
Министерката се осврна на последните измени во Законот за служба во Армијата, кој е значаен исчекор во подобрувањето на стандардот на армиските припадници.
„Армијата и нејзините припадници со децении се соочуваа со ниски примања, низок стандард и сериозни предизвици во однос на нивната опременост. Денеска тоа е минато – нивниот стандард е висок, нивните примања и бенефиции се на нивото на нивното место во општеството како чувари на мирот и безбедноста на земјата и како составен дел од колективната одбрана на алијансата“, рече Петровска.
Министерката изрази задоволство што сите новини во унапредувањето на стандардот на припадниците на Армијата се донесени во еден инклузивен процес, во тесна соработка со синдикатите во одбраната, вклучувајќи го и Независниот синдикат на одбраната, кој речиси четири години е и полноправна членка на ЕВРОМИЛ.
Претседателот на ЕВРОМИЛ, Џејкоб, се заблагодари за средбата, како и за сите чекори што Министерството за одбрана ги презема за подобрување на армискиот стандард во координација со синдикатите како основа за силна, посветена и мотивирана Армија. „Нивото на соработка меѓу Министерството за одбрана и синдикатите во одбраната во Северна Македонија претставува пример како треба да унапредува соработката со синдикатите и за другите држави“, потенцира претседателот на ЕВРОМИЛ, Џејкоб.
Европската организација на воените здруженија и синдикатите е основана во 1972 година, а во неа членуваат 32 здруженија и синдикати. Нејзината мисија е унапредување на правата, слободите и професионалните и социјалните интереси на воениот персонал во Европа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поради поголем пламен и отпаднати делови од приколка на возило делницата од автопат А1 Велес – Градско е затворена
Поради поголем пламен и отпаднати делови од приколка на возило, во 01:20 часот делницата од Автопат А1 Велес – Градско е затворена и возилата се пренасочуваат по експресниот пат Градсско – Дреново до локализирање и ликвидирање на пожарот, извести АМСМ.
Сообраќајот на магистралниот пат Прилеп – Градско се одвива наизменично.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Без струја делови од Петровец, Чаир и Гази Баба
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.30 до 11.30 часот, корисниците од селата Градманци, Летевци, Катланово и Брезница, општина Петровец;
– во периодот од 08.30 до 15.00 часот, корисниците од улицата Ордан Чопела, улицата Петре Георгиев и улицата Челопек, општина Чаир;
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, корисниците од улицата Вера Вучковска Жезељ во населба Хиподром, општина Гази Баба.
Македонија
Делови од Центар и Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради дефект во шахта од ф – ¾ на улицата Ацо Караманов бр. 10, во периодот од 09.00 часот па се до отстранување на дефектот без вода ќе останат дел од корисниците од улицата Ацо Караманов, како и објектот на Американската Резиденција, општина Центар.
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека исто така денеска поради уличен дефект на улицата Девол бр. 15, во периодот од 09.00 часот па се до отстранување на дефектот без вода ќе останат корисниците од улицата Девол, општина Карпош.

