Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Средишниот дрворед на „Партизанска“ ќе бидe уништен од БРТ на Шилегов
Соопштение на ВМРО-ДПМНЕ
„Средишниот дрворед на булеварот Партизански одреди и 40.000 м2 зеленило ќе бидат уништени како последица на БРТ на Шилегов.
Под постојана закана ќе биде и водоснабдувањето на Скопје, чија главна цевка, во големина од 1 метар и 60 сантиметри минува на 2 метра под средишното зеленило на булеварот Партизански одреди. И најмали осцилации може да ја оштетат и да предизвикаат пукање. Имајќи ги предвид нејзината големин и големиот притисок, штетите во минута ќе бидат огромни.
Дополнително, БРТ не е превоз за мали градови како Скопје, тој се користи за градови како Истанбул и Мексико Сити, каде што растојанието од едниот до другиот крај на градот е и до 180 километри. Автобуските постројки кај него се поставени на поголемо растојание и со цел да се овозможи брз излез и влез на секоја постројка има натпатници. Во Скопје е проблем што растојанието е мало, а ќе треба да се намали бројот на постројки, со тоа граѓаните ќе добијат нефункционален транспорт, каде што за да стигнат од една до друга постројка, ќе треба да поминат големо растојание.
Шилегов, наместо да продава скапи проекти, кои не се за град како Скопје, нека направи две подземни раскрсници и раскрсници на повеќе нивоа и целиот проблем со метежот во Скопје ќе биде решен во целост“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Мали остатоци од снег има на планинскиот превој од (село Лисец – Попова Шапка) кои се задржани на коловозот, извести АМСМ.
Врнежи од снег со слаб интензитет има на патниот правец (Крива Паланка – г.п.Деве Баир) кој не се задржува на коловозот и намалена видливост поради појава на магла има на планинските премини Плетвар до 30 метри, Ѓавато до 100 метри и планинскиот превој Крушево до 40 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект ф-100мм на крстосницата Његошева/Софиска, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Његошева, Бриселска, Копенхагенска, Стокхломска, Петар Драганов и Гаврил Лесновски, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд. Претпладне, врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и во некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен, а попладне наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 3 до 10 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на оваа седмица следува период на претежно облачно време со повремени врнежи од дожд, кои на повисоките планини, ќе преминуваат во врнежи од снег. Повремено наместа врнежите ќе бидат пообилни. До сабота ќе дува југоисточен и југозападен ветер, а во недела ветерот ќе го смени правецот и ќе дува засилен северен ветер.

