Македонија
Средношколците апелираат: Брзо склучете договор, трпиме штета
Сојузот на средношколците јавно ги повика Владата и Синдикатот за образование, наука и култура, што побрзо да склучат договор со цел намалување на штетата која ја трпат учениците.
Средношколците апелираат на интензивирање на преговорите меѓу власта и синдикатот, а бараат и да бидат вклучени во изнаоѓањето на решенија за надоместување на пропуштениот материјал.
„Учениците веќе имаат пропуштено цели две работни недели од редовниот образовен процес. Потсетуваме дека станува збор за генерација која веќе изгуби цела учебна година со неквалитетна онлајн настава, а дополнително пак и други две недели со продолжувањето на зимскиот распуст. Со ваквата поставеност на работите, средношколците веќе три години се вон нормалниот образовен процес“, велат од нивниот Сојуз.
Според нив, и Владата и СОНК се одговорни за загубата на наставата во изминативе две недели, односно одговорни да најдат решение во интерес на средношколците. Средношколците прашуваат дали некој во земјава воопшто мисли на нив и нивните права и интереси и дали го слуша нивниот глас. Велат дека губењето на настава е особено проблематично за матурантите бидејќи кај многумина од нив има голема шанса да се пробијат државните рокови, кои пак негативно ќе им се одразат на амбициозните матуранти кои сакаат да студираат во странство. На пример, рокот за полагање на проектната задача истекува на 21 април, па затоа инсистираат на итно решавање на проблемот.
Нивна клучна заложба останува зголемување на буџетот за образованието како дел од бруто домашниот производ, т.е. да се одвојуваат 5 отсто од БДП за образование согласно со европскиот просек.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: ДПМНЕ не ја потпишува Резолуцијата затоа што има скриена агенда за мигранти
„ДПМНЕ не ја прифати подадената рака на СДСМ за заедничко потпишување на Резолуцијата и со една одлука на Собранието граѓаните да бидат сигурни дека мигранти во Македонија нема да има“, велат од СДСМ.
„По толку јавни повици за заедничка акција, секој ден, добивме молк. На сите им е јасно дека ова е свесна политичка одлука на ДПМНЕ и дел од нивната стратегија.
Доколку немаше задкулисни договори и преземени обврски за кои јавноста дозна од британските медиуми, Резолуцијата одамна ќе беше потпишана.
Сега веќе можеме јавно да констатираме: ДПМНЕ одбива да ја потпише Резолуцијата затоа што има скриена агенда за мигранти.
Ние повеќе нема да ги повикуваме. Одбивањето кажува сè за нивното предавство за пари – мигранти во Македонија ќе има.
Народот ова нема да го дозволи. Борбата за одбрана на Македонија продолжува“, пишува во соопштението на СДСМ.
Македонија
Сончево време со утринска магла и температури над просекот
Денешниот ден носи претежно сончево и стабилно време во целата земја. Утрото на повеќе места почна со појава на магла и зголемена облачност, особено во котлините, но во текот на денот се очекува разведрување. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец.
Утринските температури се ниски и се движат од минус 4 до 3 степени, додека дневните ќе пораснат и ќе достигнат од 10 до 15 степени.
Во Скопје, делови од котлината утрово се зафатени со магла, но во текот на денот времето ќе биде сончево и претежно тивко, со мала до умерена облачност. Минималната температура се очекува да се спушти до минус 2, а максималната да достигне околу 11 степени.
Стабилното и сончево време ќе продолжи и во текот на следната седмица. И понатаму, во ноќните и утринските часови, по одделни котлини и речни долини ќе се задржува магла, додека дневните температури ќе останат над просекот за овој период од годината.
Македонија
Ахмети од протестот на плоштадот „Скендербег“: Процесот во Хаг треба да заврши со ослободителна пресуда
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, денеска се обрати на протестот што се одржа на плоштадот „Скендербег“ во Скопје, организиран во знак на поддршка за поранешните команданти на Ослободителната војска на Косово (ОВК), на кои им се суди во Хаг за воени злосторства.
Ахмети порача дека судскиот процес треба да заврши со ослободителна пресуда, оценувајќи дека обвинетите се соочуваат со обвинувања за дела кои, како што рече, не ги сториле.
Тој нагласи дека ОВК не била насочена против ниту еден народ, туку дека се борела за слободата на албанскиот народ.
„Време е нашите синови да се вратат дома. Нашите синови се невини, нашата борба е чиста. Војната на ОВК е света и затоа сите ние, големи и мали, мажи и жени, сме ОВК“, рече Ахмети .
Лидерот на ДУИ оцени дека, по Тирана и Приштина, и Скопје го покажало својот став со поддршката за, како што наведе, слобода и правда за поранешните припадници на ОВК.
Меѓу обвинетите во Хаг се поранешниот косовски премиер Хашим Тачи и поранешниот косовски претседател Јакуп Красниќи.

