Македонија
Средношколци понудија иновативни решенија за намалување на загадувањето
Учениците од средните училишта се способни и спремни да бидат носители на промени во општеството преку своите иновативни решенија за различни општествени проблеми и предизвици, беше заклучокот од Bootcamp-от на UPSHIFT програмата.
Во рамките на програмата, од 2 до 4 ноември во Струга се одржа тридневен настан-UPSHIFT Bootcamp за развој и поддршка на социјални иновации поврзани со ВОЗДУХОТ каде 10 средношколски тимови беа избрани за финалисти на отворениот повик на програмата.
Средношколски тимови од Скопје, Гостивар, Делчево и Македонска Каменица составени од по 5 ученици со поддршка на ментор ги развиваа своите решенија за проблемите поврзани со загадување на воздухот. Прекумерно користење на фосилни горива, непостоење на филтри за прочистување, несовесно третирање на отпад, се само дел од предизвиците за кои средношколците понудија свои решенија.
Пет тима беа прогласени за победници од страна на стручно жири врз основа на презентациите и потенцијалот на решението.
СУГСГ „.Орце Николов“ – Скопје ќе работат на создавање компанија која саѓите на веќе постоечките оџаци и филтри ќе ги употреба за производство и продажба на мастило, чиј профит потоа ќе го инвестира во поставување нови филтри.
СУГС „Раде Јовчевски-Корчагин“ – Скопје ќе работат на создавање на иновативен систем за филтрација на воздух, наречен Хексам филтер кој ќе се поставува на прозорци, транспортни средства, фабрики и на отворено.
СОУ „Миле Јаневски-Џингар“ – Македонска Каменица ќе креира ученичка компанија која ќе увезува и одгледува сребрена бреза, дрво кое е способно да апсорбира повеќе од 3.100 килограми јаглероден диоксид.
СОУ „Методи Митевски-Брицо“ – Делчево ќе постават електростатски филтри на оџаците од своето училиште, основното училиште, детската градинка и центарот за лица со посебни потреби. Поставените филтри ќе прочистуваат 99% од штетните честички.
СОУ „Гостивар“ – Гостивар ќе конструираат биоразградувач „ТТД“ што ќе користи биоразградлив отпад кој ќе го трансформира во биогас кој ќе произведува електрична енергија за домашна употреба. Со тоа ќе се спречи загадување на воздухот со метан.
Победницитe добија по 120.000 денари и тримесечно менторство за развој на социјалните иницијативи во своите заедници.
Bootcamp-от го отворија претставници од УНИЦЕФ, Амбасадата на Шведска и Фондот за иновации и технолошки развој со чија поддршка се спроведува програмата.
„Младите во Северна Македонија, како и насекаде во светот, бараат да се преземе акција за да можат да дишат чист воздух и да живеат во здрава, одржлива животна средина“, рече Патриција ДиЏовани, претставничка на УНИЦЕФ. „Драго ни е што децата и младите реагираат со ентузијазам на овој циклус на UPSHIFT и повторно покажаа дека, кога ќе им се даде простор да се изразат и да учествуваат, имаат капацитет да создаваат иновативни идеи и решенија“.
„Ме прави навистина горд што преку UPSHIFT програмата и оваа година успеавме да им дадеме шанса на голем број млади претприемачи да работат на иновативни решенија на тема која нè засега сите, а особено младите и децата, кои имаат основно право на здрава животна средина, чист воздух, храна и вода. Ние во Фондот се обидуваме постојано да бидеме отворени кон нови иницијативи и идеи на младите, креативни умови, кои имаат амбиција да креираат успешна и просперитетна генерација која ќе креира долгорочни позитивни промени за целото општество. Верувам дека на младите луѓе треба да им се даде шанса и простор и исто така верувам во нивниот потенцијал и енергија да создадат големи промени”, истакна Фестим Халили, директор на Фонд за иновации и технолошки развој.
Говорејќи на отворањето на настанот, амбасадорката на Шведска во Северна Македонија Ами Ларсон Јаин ја истакна важноста од справување со загадувањето на воздухот и им се заблагодари на средношколците што го инвестираат својот ум и својата креативност во креирање иновативни решенија за колективната задача за борба против загадувањето на воздухот и климатските промени
„Загадениот воздух е предизвик во речиси сите градови во земјата. Земајќи го ова предвид нашите средношколци изработија иновативни решенија кои ќе придонесат за дишење почист воздух во своите средини. Тие покажаа дека кога ќе им се даде можност, знаат да се активираат и да размислуваат претприемнички“. изјави Иван Јованов, извршен директор на Здружение ЛЕАД, имплементатор на програмата.
UPSHIFT е програма наменета за ученици (14-19год.) од средните училишта кои имаат идеја за решавање на предизвик/проблем во нивната заедница.
Програмата ја реализира Здружението Лидери за едукација, активизам и развој (LEAD) во рамки на проектот „Охрабрување на децата и младите во Северна Македонија да станат двигатели на промените за намалување на ранливоста на заедниците од климатските промени“ спроведуван од УНИЦЕФ со финансиска поддршка од Шведска и Фондот за иновации и технолошки развој .
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

