Македонија
Станковиќ: Планираните приходи од над 358 милијарди денари во Буџетот за 2025 година се реално остварливи
Денес на Комисијата за финансии и буџет, на која се расправа Предлог- буџетот за 2025 година, се обрати Малиша Станковиќ, пратеник од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, кој зборуваше детално за буџетот и посочи дека граѓаните мора да се запознаат со бројките околу буџетот, затоа што на крајот од денот тие треба да ценат дали е добар или не.
Тој се осврна на областа од буџетот, која се однесува на приходната ставка, односно на предвидувањето на Владата за приходувањето, со средства кои се прибираат од даноци но и од донации или заеми, при што додаде дека цифрата која што е предвидена е достижна за остварување, а тој има позитивно гледиште на сето тоа.
„358,8 милијарди денари државата планира да прибере како средства, тие вообичаено се прибираат од даноци, акцизи и друг вид на царински давачки. Дел од овие средства се обезбедуваат и како донации или заеми. Од овие 358,8 милијарди денари ако можевте да видите уште пред буџетот да влезе во Собранието, има експерти што зборуваа дека малку оваа цифра е нереална, мене ако ме прашувате од она што можевме да го видиме во изминатото тромесечје видовме дека енормно се зголемило наплатата во управата за јавни приходи и наплатите во царина како два органи коишто, пред се, се грижат за фискалната политика односно на прибирањето на средствата во државата. Тоа ни дава умерен оптимизам дека оваа цифра е достижна, така да овие 358,8 милијарди денари колку што е предвидено дека ќе се приходуваат во текот на 2025 година, сметам дека се достижни и оттаму можеме да бидеме оптимисти дека барем приближно оваа цифра ќе ја обезбедиме“, изјави Станковиќ.
Исто така тој наведе дека ребалансот е работа која е сосема нормална во секоја држава и со помош на ребалансот ќе се има увид на состојбата во една земја и сите средства би биле соодветно распоредени во зависност од тоа во која насока се движат работите и во која област треба да се наменат, па така не треба да се критикува тука да се сфати за нормален дел од функционирањето на државата.
„Зборуваат често колегите дека има ребаланс. Да ребалансот не е лоша работа, со ребалансот се проверува до каде е стигната состојбата, секоја држава прави ребаланс и секоја држава гледа како тој ребаланс би влијаел. Вие можете да имате состојба каде што ќе приходувате повеќе, па со ребалансот ќе ги предвидите приходите коишто сте ги обезбедиле да ги распоредите по соодветни ставки. Така да, ребалансот не треба да се разбере како лоша работа напротив, ако треба да се критикува за ребалансот кога ќе дојде ребалансот, не треба да ги плашиме граѓаните што ќе има ребаланс, не сме измислиле топла вода, секоја држава во текот на годината има ребаланс“, посочи Станковиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Советот на Општина Центар не ја изгласа одлуката за техничка исправка на ДУП за дел од локалитетот Буњаковец 1
Советот на Општина Центар на денешната седница не ја изгласа одлуката за техничка исправка на Деталниот урбанистички план за дел од локалитет Буњаковец 1, конкретно за ГП 13.1 и ГП 13.11, со локација кај поранешната печатница „Нова Македонија“.
Сите 23 советници гласаа против донесувањето на предлог-одлуката.
,,Ние, како администрација, имаме обврска точката да ја ставиме на дневен ред и воедно да ги посочиме сите импликации. Советниците се тие што гласаат и ја носат одговорноста. Нема потреба од прозивки, медиумски пи-ар и театар. Овде станува збор за буџетот на граѓаните, а не за партиски интереси. Советот мора да носи одлуки во интерес на граѓаните, а не за дневнополитички калкулации“, рече градоначалникот на Општина Центар. Горан Герасимовски
Претходно, Комисијата за урбанизам на Општина Центар даде позитивно мислење за предлог-одлуката.
Од оптината појаснуваат дека согласно законот за техничка грешка, исправката во донесен урбанистички план не подразбира никакви измени во планирањето или параметрите на планот туку станува збор исклучиво за корекција на грешка во техничкиот дел на исцртување на планот. Во конкретниот случај, како што додаваат, градежната парцела во мал дел не била целосно затворена, односно оформена.
Македонија
Мицевски се сретна со францускиот амбасадор: Фокус на борбата против корупцијата и реформите
Денес во Собранието, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, оствари средба со амбасадорот на Франција, Кристоф Ле Риголер и првиот советник Филип Маршето.
Во фокусот на средбата беа заложбите на владејачкото мнозинство за бескомпромисна борба против корупцијата и остварување на видлив економски развој за граѓаните и земјата. Дополнително, координаторот Мицевски ја истакна подготвеноста на Собранието и понатаму да биде силен двигател на реформските процеси кои не’ приближуваат до европските стандарди.
Во разговорот се нагласи дека заедно со нашите европските пријатели чекориме кон градење на просперитетна и сигурна европска иднина за сите.
Македонија
„Авиончето на браќата Рајт“ отвори расправа: СДСМ ја прашува Сиљановска зошто со колегите од Европа не разговара за платите
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија реагира на изјавите на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во врска со потребата од нов, поголем владин авион.
Од СДСМ велат дека претседателката најчесто летала со владиниот авион -13 пати, а притоа не соопштила колку тие летови ги чинат граѓаните.
„Сите тие сакаат да се луксузираат на грбот на народот, ништо не им е доволно големо, ништо не им е доволно. Само за платите на работниците кога ќе стане збор, тие се доволни, никако да ги покачат. 600 евра минимална плата за нив е премногу, авионите им се мали“, велат од партијата.
СДСМ тврди дека лет со владиниот авион може да чини и до 40 илјади евра, и дека комерцијален лет во економска класа е значително поевтин.
„Кој претседател досега воопшто ја отворал темата за големината на авионот? Ги праша ли Гордана Сиљановска нејзините колеги претседатели што мислат за тоа што македонските работници имаат најниски плати и во Европа? Што мислат за тоа што минималната плата во Македонија е најмала во регионот? Или што животниот стандард на македонските граѓани е најнизок? За тоа не и се зборува за Сиљановска, само за луксузи и авиони“, велат од СДСМ.
Претходно денес, претседателската Гордана Сиљановска-Давкова рече дека владиниот авион е стар 25 години, купен на старо, и дека според неа треба да се размислува за набавка на нов, но поголем авион.
Говорејќи по свеченоста во Институт за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“, таа во деминутив го нарече „владиното авионче“, посочувајќи дека нејзини колеги претседатели од регионот го нарекувале „авиончето на браќата Рајт“, бидејќи е најмало и најстаро.
Сиљановска-Давкова изјави дека користењето на владиниот авион понекогаш овозможува пофункционално извршување на државните обврски и дека може да биде и поевтино од комерцијалните летови. Сепак, додаде дека не е пријатно што авионот е стар 25 години и купен на старо.

