Македонија
Стечајниот управник на „Фени“ бара од „Транспаренси“ да користи веродостојни податоци
Стечајниот управник на „Фени индустри“, Мирослав Анастасиевски, остро реагира по објавата на претседателката на „Транспаренси интернешнл – Македонија“, Слаѓана Тасева, дека против него и стечајната судијка Валентина Ѓорѓиевска е поднесена кривична пријава поради нетранспарентност и други многубројни забележани неправилности кои ја карактеризираат стечајната постапка на „Фени индустри“. Анастасиевски нагласува дека наводите изнесени на прес-конференцијата од страна на Слаѓана Тасева во целост се неосновани. Тој порача дека стечајната постапка на „Фени индустри“ е во согласност со законските прописи.
„Во однос на транспарентноста целата македонска јавност редовно е информирана и го следи процесот постојано. Транспарентноста во стечајната постапка се огледува во редовното информирање на доверителите во согласност со законските одредби. Сакам да потенцирам дека во целост е заштитен имотот на должникот, а со тоа и правата на доверителите во стечајната постапка“, вели Анастасиевски.
Во однос на наводите за огласот и склучениот договор, како што вели Анастасиевски, тој е објавен најтранспарентно во меѓународниот „Фајненшл тајмс“ и во домашни медиуми.
Тој ги повика од „Транспаренси интернешнл – Македонија“ да користат веродостојни податоци и, како што рече, да посветат внимание на причините за отворање стечајна постапка на „Фени индустри“ АД Кавадарци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, претпладне магла
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне наместа ќе има појава на магла. Во југоисточниот дел од земјата ќе дува слаб ветер од северозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -5 до 1, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно и тивко. Во делови од котлината ќе има појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до -3, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на стабилна воздушна маса до понеделник ќе се задржи стабилно и тивко време. Наместа ќе има појава на магла и зголемена облачност. Во вторник кон крајот на денот ќе има услови за локален слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец.
Македонија
Во прекин сообраќајот на граничниот премин Евзони
Од 17:30 часот сообраќајот на граничниот премин Евзони (Богородица) е во прекин, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Македонија
Во наредните десет дена изменет сообраќаен режим на автопатската делница во изградба од селото Требеништа до селото Мешеишта
СВР Охрид информира дека од денеска во наредните десет дена, на сила ќе бидат измените на сообраќајниот режим на автопатската делница во изградба од селото Требеништа до селото Мешеишта, општина Дебрца.
„На овој патен потег, сообраќајот ќе се одвива наизменично по левата сообраќајна лента гледано во правец од Охрид кон Кичево поради што, апелираме до возачите, крајно внимателно и со прилагодена брзина да ги управуваат своите патнички и други моторни возила и во согласност со поставената хоризонтална и вертикална сообраќајна сигнализација“, соопштуваат од СВР Охрид.

