Македонија
Стејт департментот: Европскиот суд пресуди дека власта ѝ ги нарушува правата на Охридската архиепископија
Американскиот Стејт департмент го објави извештајот за верските слободи во Северна Македонија за 2018 година, во кој, меѓу другото, се констатира дека Православната охридска архиепископија (ПОА) не можела да се регистрира како верски субјект.
Во април Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) ја одби жалбата на Владата на судската одлука од ноември 2017 година, која пресудува дека власта ги нарушила правата на ПОА со одбивањето да ја регистрира. Во извештајот се констатира дека до крајот на годината барањата за регистрација на ПОА и на Бектешката заедница останаа неодговорени од страна на Основниот суд Скопје 2.
Од ПОА информираат дека и на средината од 2019 година Православната охридска архиепископија сè уште не е регистрирана и се соочува со не мали попречувања од страна на власта и судот при исполнување на одлуката на Европскиот суд за човекови права за нејзина регистрација.
Американскиот Стејт департмент, осврнувајќи се на 2018 година, уште истакнува дека: „Во април ЕСЧП ја одби жалбата на власта на одлуката од ноември 2017 година, која пресудува дека земјата ѝ ги нарушила верските слободи, правото на здружување и слободата на мисла и совест на Православната охридска архиепископија со одбивањето формално да ја регистрира како одделна верска група. Во 2017 година ЕСЧП изјави дека власта ја нарушила Европската конвенција за заштита на човековите права и фундаменталните слободи на Советот на Европа, што ја вклучува и обврската да се постапува неутрално и непристрасно кон верските групи“.
Во извештајот уште се вели: „Според разни универзитетски професори, раководители на невладини организации, правни и политички аналитичари, верските разлики продолжуваат да имаат удел во кривичните и граѓанските судски процеси. ПОА ја обвини власта за пристрасност против неа. Во јули ПОА изјави дека полицијата му ја ограничила слободата на движење на архиепископот Јован Вранишкоски, така што му го одзела пасошот без објаснување кога се обидел да ја премине границата кон Грција. ПОА изјави дека оваа постапка е израз на верски прогон на власта и дискриминација карактеристична за земјите со недостиг на владеење на правото. Во август Вранишкоски поднесе жалба до Европската комисија против расизам и нетолеранција и нечовечко или деградирачко третирање или казна за оваа тема, како и до Генералната управа за човекови права и владеење на правото“ на Советот на Европа. Во август тој испрати отворено писмо до министерот за внатрешни работи велејќи дека треба да патува во странство поради лекарски третман. ПОА изјави дека властите му го вратиле пасошот на Вранишкоски во септември, без објаснување. Вранишкоски во февруари 2017 година беше осуден за перење пари, што ПОА смета дека е резултат на пристрасноста на власта“.
Извештајот дополнително нагласува дека помалите верски заедници продолжија да тврдат дека власта не ги третира како еднакви на петте верски заедници признаени во Уставот. На пример, тие изјавија дека власта не им овозможува исто ниво на пристап до владините претставници. ПОА изјави дека, како нерегистрирана заедница, често се соочува со дискриминација и заплашување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се вршат разговори и се прибираат докази по трагедијата во Карпош, соопшти Обвинителството
Дежурен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Скопје извршил увид на локацијата во скопската општина Карпош, каде попладнево животот го загубија жена и малолетно дете по пад од зграда.
Од Обвинителството соопштија дека е наредена обдукција на телата, како и обезбедување и анализа на сите траги и материјални докази, со цел да се утврдат причините и околностите на настанот.
„Јавниот обвинител нареди обдукција на телата на починатите и прибирање траги и докази.
Се вршат разговори со повеќе лица кои би можеле да имаат сознанија за причините за настанот“, соопшти обвинителството.
Македонија
„Денес потфрли целиот наш систем“: се огласи братот на жената која заедно со ќерката паднаа од зграда во Карпош
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство – денес се случи убиство“.
Ова на социјалните мрежи го објави Александар Стојаноски, брат и вујко на починатите мајка и ќерка кои денеска починаа по пад од зграда во скопски Карпош.
Стојаноски во објавата се обрати во име на семејството, обвинувајќи дека институциите потфрлиле, посочувајќи дека жената пријавувала насилство, а институциите не реагирале.
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство, денес се случи убиство
Денес потфрли МВР, Социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем. После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата.
Државата овозможи да згаснат млади животи, ве молам да не шпекулирате што се случило, никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа!
Со оглед на тоа што и покрај сите пријави и случувања, институциите не постапија до сега, барам фокус од јавноста и медиумите за ова, нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден!
Сестра ми денес требала повторно да иде во социјално, за сите овие работи, а со внуката се слушнавме за Прочка, ми рече – вујче прости ми ако сум ти згрешила нешто … вујчино, прости ми ти, прости на овие неспособни институции, а јас вујче, нема никогаш да простам и да заборавам
Споделете, да не се заборави и изгуби низ нашиот систем“, пишува Стојаноски во објавата.
Македонија
Поради утрешната посета на Руте посебен режим на сообраќај во Скопје
Утре во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, соопшти МВР.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.

