Македонија
Стипендии за студенти по рударство, геологија и животна средина
Рудникот за олово и цинк „Саса“ преку соопштение информира дека во следната учебна година 2018/2019 ќе стипендира 20 студенти на Факултетот за природни и технички науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип.
Во соопштението додаваат дека десет студенти од студиската група рударство и по петмина од студиските групи геологија и инженерство на животна средина ќе добиваат годишни стипендии во вредност од по 200 евра.
Покрај оваа финансиска поддршка во текот на студиите, од рудникот „Саса“ информираат дека ќе им овозможуваат на идните студенти практична работа, при што ќе се стекнат со првично искуство и ќе се запознаат со работата на рудникот и компанијата.
Дополнително, најдобрите од студентите ќе имаат можност и за вработување во рудникот „Саса“ по завршувањето на студиите, се додава во нивното соопштение.
„Среќни сме што во соработка со раководството на Факултетот за природни и технички науки ќе можеме да ги поддржиме талентираните млади луѓе што се определуваат да стекнат знаења во областите поврзани со нашата индустрија. Тие се наши потенцијални идни колеги, па наш природен интерес е низ образованието и низ праксата што подобро да се подготват за работа во модерното и одговорно рударство“, изјави генералниот директор на „Саса“, Олег Телној.
На Факултетот стипендирањето го гледаат како можност за зголемување на атрактивноста на студиските групи за студентите што првпат се запишуваат.
„Завршените средношколци сега имаат уште еден мотив повеќе да ги одберат токму групите поврзани со рударската индустрија. Воедно, со ова рудникот ‘Саса’ и ‘Централ Азија металс’ уште еднаш го докажуваат партнерството со нашата образовна институција. Ова е дополнителен показател за чувството и разбирањето на ‘Саса’ за потребите на заедницата. Веруваме дека оваа соработка ќе продолжи и во иднина“, рече проф. д-р Зоран Десподов, декан на Факултетот за природни и технички науки во Штип.
Во соопштението од компанијата додаваат дека стипендиите ќе бидат наменети пред сè за студенти што доаѓаат од Македонска Каменица и од околните населени места со цел долгорочна посветеност за одржлив развој на локалната средина во која се наоѓа и стопанисува.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Забранет сообраќајот на регионалниот пат Гостивар – село Чегране поради излевање на реката Вардар и обилниот дожд
Во 20.40 часот е воведена забрана за сообраќај на регионалниот пат Р2-233 Гостивар – село Чегране поточно во село Форино, поради излевање на реката Вардар и обилни врнежи од дожд, извести АМСМ.
Сообраќајот се пренасочува од село Чајле кон село Старо Чајле према село Форино.
Воведена е забрана за сообраќај и на локалниот пат од „Тумчевишка Петла“ кон село Тумчевиште и село Чегране, додаваат од АМСМ.
Македонија
Меѓународните односи, реформите и борбата против корупција во фокусот на разговорите меѓу Сиљановска-Давкова и Варнс
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Никол Варнс, вршителка на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД.
Таа изрази подготвеност за понатамошна соработката со истата динамика и посветеност како со претходната амбасадорка.
Разговорот започна со осврт на меѓународните односи, состојбите во НАТО, ЕУ и регионот.
Потоа соговорничките се фокусираа на македонските работи: реформските процеси во судството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реализацијата на инфраструктурните проекти.
За нив, инклузивниот модел на одлучување и меритократијата во сите сфери на општествениот живот, а особено во образовниот систем и во регрутирањето на државната и јавна администрација на највисоко ниво се клучни не само за нашата евроинтеграција, туку и за просперитетот на државата.
Во време на безбедносни предизвици и ризици, за обете, американско-македонското стратешко партнерство, како и сојузништвото во НАТО се важни за стабилноста.
Амбасадорката ја потврди американската подготвеност за унапредување на пријателските односи, поздравувајќи ја неодамна усогласената заедничка изјава за рамката за идниот Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, како значаен чекор во зајакнувањето на економската соработка.
Сиљановска-Давкова и Варнс очекуваат со Акцискиот план да се конкретизираат низа проекти во интерес на граѓаните.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар-Стража-Кичево
Од 17:20 часот укината е забраната за ТМВ на патниот правец Гостивар-Стража и обратно.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Врнежи од снег има на Пониква и на патниот правец Штип-Неготино кај с.Лесковица, кој во моментов не претставува пречка за одвивање на сообракајот, јави АМСМ.

