Македонија
Стоилковски: Владата да одговори дали продавање на петарди е дел од проевропскиот претприемачки дух на внукот на Али Ахмети?
Почитувани ги мислевме за европјани овие од СДС и ДУИ, а тие да продавале петарди. Годинава не може да заврши посрамно за владата од вчерашниот скандал, внукот на Али Ахмети оној со претприемачки дух, Дрин Ахмети е фатен со полн џип пиротехника и петарди, рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
Владата мора да одговори:
-Со тоа што Али Ахмети е дел од “европската коалиција”, а синоќа милионерот Дрин Ахмети освен што ја купи Соравија, дознавме дека шверцувал петарди, би прашале дали биле европски пиротехничките средства, од која европска земја се донесени, дали звукот што го испуштаат е европски и дали ја информирале Европската комисија за оваа нивна реформа со пиротехнички средства?
Владата денеска мора да одговори дали можеби и продавањето на петарди е дел од проевропскиот претприемачки дух на внукот на Али Ахмети, Дрин Ахмети, којшто беспари го зема центарот Соравија?
Дали навистина Дрин Ахмети има фабрика за производство на петарди, или тоа бил лажен изговор пред полицијата? Дали Соравија е претворена во фабрика за петарди за Дрин Ахмети потоа да ги продава?
Но почитувани, од владата и од Спасовски мора да има одговори дали вчера полициските Тигри кога го привеле Дрин Ахмети, со полн џип петарди и пиротехника, само по половина час Тигрите добиле “европска” наредба да се повлечат од станицата Центар?
Дали во системот навистина првично “европски” стоело дека е пронајдено возило со петарди, целиот случај да се води како нарушен ред и мир, да нема кривично дело, да нема ниту име и презиме на сторител? Дали Спасовски првично се исплаши од името на Дрин Ахмети тоа да биде спомнато? И дали сето потоа е сменето под притисок на јавноста?
Уште што ли се ќе доживее Македонија со СДС и со ДУИ?, додаде Стоилковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Законот за високо образование нема да биде повлечен, јавнaта расправа продолжува
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на пленарна седница изјави дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование.
Таа посочи дека во моментов се одржуваат јавни расправи на сите универзитети и дека нацрт-текстот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде што сите засегнати страни можат да достават коментари.
На прашање од пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која изнесе забелешки, Јаневска одговори дека законот е „за добробит на сите“ и дека реакциите не можат да се генерализираат.
Според министерката, предлог-законот е усогласен со европски и светски стандарди и предвидува подобрување на студентските права, двегодишен мандат за универзитетските тела, можности за ангажман на демонстратори и вработување на студенти на проекти, како и поддршка за најдобрите студенти.
Јаневска нагласи дека членот 13 се однесува на заштита на автономијата на универзитетите и дека во изработката на текстот учествувале над 60 професори.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.

