Македонија
Стоилковски: Дали Филев, наркодилер, алкохолизиран насилник, е вратен за директор на ЦСР Радовиш зашто и е потребен на Тренчевска за изборен поткуп
Бесрамно, СДС го враќа на работа директорот на меѓуопштински ЦСР Радовиш, Александар Филев од СДС, откако беше разрешен затоа што е фатен во трговија со дрога, за неколку дена потоа пијан да нападне полицајци среде полициска станица, вели портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
„Без никаков срам Јована Тренчевска, таа што бара гласови во ИЕ4, бара, а СДС и ДУИ го укинаа разрешувањето на Филев од Центарот во Радовиш заради билдањето на неговото полициско досие, кое е во судир со функцијата директор на ваков центар.
Внимавајте, човек фатен во трговија со дрога и човек насилник, алкохолизиран напаѓа полицајци, наместо да е корисник на услуги на ЦСР, заради неговото поведение, СДС и Тренчевска го враќаат како директор!?
Овој човек, кој во 20 дена годинава неколкукратно има регистриран судир со законот заради наркотици, алкохол и насилство, сам по себе е опасност за штитениците на ЦСР, а не пак да директорува со институцијата која треба да помогне токму и на вакви лица, и на лица жртви на такви како него.
Оттука зошто Филев е вратен од владата на СДС/ДУИ? Која е неговата вистинска улога во изборниот процес? Филев е виден член на СДС и близок со Јована Тренчевска и поставен за директор од неа. Дали Филев и е потребен на Тренчевска за да одработи за изборите каде што таа е кандидат?
Дали Филев е вратен за директор затоа што и е потребен на Тренчевска за изборен поткуп?
Дали на Тренчевска и е побитен можниот поткуп, влијание, убедувања, корупција на социјално загрозени, отколку благосостојбата на штитениците на ЦСР? Дали на Јована Тренчевска поважен и е глас повеќе па и по цена на загрозено здравје на оние несреќници и деца во Центарот жртви на зависници од дрога и алкохол како Филев?
Одлука на влада да се врати на позиција со дебело полициско досие на агресивен наркодилер, кај кого е најдена дрога, и алкохоличар којшто пијан напаѓа полицајци, да се врати за директор на меѓуопштински ЦСР е сржта на антиевропското и коруптивното во оваа власт“, рече Стоилковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје за празникот Водици
На 19.01.2026 (понеделник) Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во Скопје.
Во центарот на Скопје за сообраќај ќе биде затворена ул. „Филип Втори Македонски“ на потегот од крстосницата со бул. „Гоце Делчев“ до крстосницата со ул. „11 Октомври“ во двете насоки.
Во општина Ѓорче Петров за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“, бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“, ул.„Ѓорче Петров“ до ул.„Васил Чакаларов“, како и од црквата „Свети Пантелејмон“, ул.„Козле“, дел од ул.„Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар. Во општина Аеродром за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон Горно и Долно Лисиче.
СВР Скопје апелира со сите учесници во сообраќајот да ги прочитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Македонија
Утре локални врнежи од дожд, на планините снег
Утре на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините од снег. По одредени котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 5 степени.
За време на викендот на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места од снег.
Во поденелник и вторник има преодно стабилизирање на времето, а од среда повторно ќе има врнежи претежно од снег. Од утре до крајот на неделата има услови за појава на магла по одредени котлини. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.
Македонија
Министерството за здравство ги кани на соработка нашите лекари кои работат во странство
Министерството за здравство информира дека на веб-страницата на МЗ од денес е активиран електронски модул на кој лекарите кои моментално работат или специјализираат во странство може да изразат интерес за соработка со нашиот здравствен систем.
-Во рамки на нашите заложби за дигитализација во здравството, овој електронски модул претставува директен канал за стручна соработка со дијаспората, со цел полесно мапирање профили и експертизи кои може да придонесат во нашиот здравствен систем. Меѓусебната соработка со овие лекари е предвидено да опфати обуки, едукации, менторство, консултации или проектна поддршка, како и други стручни ангажмани. Во оваа прилика ги повикувам да се пријават нашите лекари кои работат во странски медицински центри, лекари кои се на специјализација или супспецијализација во странство, или лекари кои се ангажирани во странски академски и научно-истражувачки установи, потенцира министерот за здравство, Азир Алиу.
Пријавувањето се врши исклучиво преку електронскиот модул на веб-страницата на Министерството за здравство, по што Министерството ќе ги контактира лекарите за конкретна соработка што одговара на нивниот профил.
Во електронскиот модул насловен „Лекари од дијаспората“ предвидено е лекарите да пополнат повеќе лични и професионални податоци, детали за клучните области на експертиза, лиценци, сертификати, листа на публикации, како и сегменти на соработка за кои изразуваат интерес.

