Македонија
Стоилковски: Зад шемата за фалсификување документи злоупотребени државни институции, Муслиу, Пендаровски и Зечевиќ на тапет за изборна манипулација
Јасно е дека наместо да излезат со програма каде има проекти, главната програма на СДС е фалсификување на документи и лични имиња. Имаме основано сомневање дека зад таквата мрежа за фалсификување на документи и лажни вести кои веќе се употребуваат против ВМРО-ДПМНЕ се брутално злоупотребени најмалку две државни институциии, рече на денешната прес конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски.
– Шемата и нашите основани сомневања се дека зад ова седи директно Стево Пендаровски, неговиот директор на разузнавање Еролд Муслиу како и поранешниот разузнувач, а сега генерален секретар на СДС Миле Зечевиќ. Дел од ова е и Асаф Еисин, мешетар дел од израелска група на Тал Ханан за која има истраги за фалсификати и вмешаност во избори низ светот. Да потсетиме Стево Пендаровски кажа дека Асаф работи за СДС, а СДС тоа го негираше. Посредник е Миле Зечевиќ, генерален секретар на СДС, а главни одобрувачи и добавувачи се Стево Пендаровски, претседател на држава, сега кандидат на СДС, и Еролд Муслиу, директор на Агенцијата за разузнавање поставен од Стево Пендаровски, рече Стоилковски.
Тој додаде дека СДСМ „свесни за изборниот дебакл, се преминува во злоупотреба на институции, Кабинет на Претседателот и Агенцијата за разузнавање, кои што наместо да работат во одбрана на Македонија, се занимаваат со црна кампања и фалсификување за Стево Пендаровски“.
Според Стоилковски, заедничка работа на овој тим управуван од Асаф Еисин, со одобрување на Пендаровски е да склопат и креираат наводни документи, фалсификувани листови, врз определени податоци, (на пример седницата на ИК на ВМРО-ДПМНЕ во декември, на која е споменат РИШ) па сето тоа да го зачинат, со лажни податоци за имиња, насоки и сето тоа со фалсификување на потписи на лица коишто се познати во јавноста, како и со лица кои што не постојат. Ваквите креирани документи, вклучувајќи и наратив, приказна, се дава на определени медиуми креирани од СДС до СДС, или медиуми кои не гледаат проблем во црни пари во кампања. Приказната добива покритие под „свиркач“, за СДС потоа правно да се сокрие од улогата креатор на фалсификувани документи и лажни вести во изборни цели, додаде тој.
– Потврда за сето ова е молкот од СДС по потврдата од Стево Пендаровски за ангажманот на мешетарот Асаф Еисин во изборната кампања, а во меѓувреме во јавноста излегуваат неговите зафати. Има уште една потврда, а тоа е дека ликот во центарот на оваа мрежа Асаф Еисин, е избркан од ВМРО- ДПМНЕ, каде што дојде да ги понуди своите нечесни услуги, да се прават фалсификати, да се влегува во приватниот живот на луѓето, да се прават измислици за политичките противници. Сега е јасно дека СДС го прифатиле Асаф и ја прифатиле неговата работа. СДС мора да одговарат колку чини неговиот ангажман, кој го плаќа, дали има склучено договор, или не, па дали израелскиот мешетар за црната кампања на СДС се плаќа со кеш од тендерите од РЕК Битола? Црна кампања не носи никому ништо добро, целта им е да намалат пораз, да намалат дебакл, со смалена излезност на јавноста. Но, ова не е само црна кампања со клевета, ова се кривични дела фалсификување на документи и фалсификување на потписи. И Еролд Муслиу, и Стево Пендаровски како Миле Зечевиќ а и нивниот извршител Асаф треба да знаат дека за ова ќе има одговорност, рече Стоилковски на денешната прес конференција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Силјановска: Како никој не се сети да им каже во ЕУ дека самите во член 4 гарантираат немешање во внатрешните работи и почитување на уставните структури
Како може некому да ветите дека ќе го смените Уставот, кога Уставот може да го сменат само пратениците во Уставот. Како знаете, дека вие можете однапред да ветите нешто што не е ваша надлежност?, му порача кандидатката за претседателка од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова на нејзиниот опонент Стево Пендаровски во телевизиско соочување вечерва.
„Деновиве Макрон даде изјава дека ЕУ не е само територија, туку е концепција на човештвото и правото. Е, од тоа тргнувам и јас кога размилувам за ЕУ. За нејзините темелни вредности и принципи без кои таа не е политине заедница туку е само машинерија. Значи таа не е догма. Што ќе направам јас? Најпрво ќе направам регионални чекори. Штом ќе завршат изборите јас сакам да разговарам со моите соседи и заради регионалната политика и заради очекуваната поддршка од нив. Сакам да објаснам дека и кога има една преговарачка рамка не е логична заканата со вето. И дека може, дури и кога преговарачката рамка е ваква, низ интерпретација поинаква да се примени. Од типот, ако вие речете дека нема да употребувате вето за идентитески прашања, за историските дилеми и слично, протоколите, туку за Копенхагенските критериуми, јас ќе бидам сосема согласна. Значи, мислам дека е време кога ќе се смени власта, да чуе што мислиме и ние. Оти тоа е дијалогот што е нужен за добрососедски односи. Ако некој не го кажувал и ова досега, веројатно и тогаш било се во нивни раце“, рече Силјановска-Давкова.
Понатаму, како што додаде, како никој не се сетил да им каже на оние од Советот и од Европската комисија и сите останати со тоа се рушат темелните вредности на ЕУ? Бидејќи ЕУ гарантира во членот 4 почитување на уставните и политичките структури, немешање во внатрешните работи, почитување на дигнитет и интегритет, различности, неставање на билатерални спорови во рамката. Ако тоа не го кажете, вие ќе останете на прагматичните решенија.
Доаде и дека ниту еден од темелите на кои почивала програмата на Пендаровски во 2019 година не останале. Сите се урнале и ништо не е остварено.
Македонија
СДСМ за Димитриевски: Ароганција е кога човек-партија одработува против своите довчерашни сопартијци
Ароганција е кога човек-партија одработува против своите довчерашни сопартијци и во тоа нема ништо социјалдемократски ниту вредносно туку единствено и само личен интерес, реагира СДСМ по обвинувањата кои ги упати Максим Димитриевски од ЗНАМ, дека дозволиле отварање на бугарски клубови во Македонија и нивната ароганција е ненадминлива.
„За тоа кој ги отвораше клубовите со имиња како Ванчо Михајлов адресата е Белиот дворец на ДПМНЕ. Многу позната адреса каде ЗНАМ ги договара идните чекори за соработка заедно со поддршката на Гордана Силјановска Давкова.
Освен сликите на Ванчо Михајлов по штабовите на ДПМНЕ доволно говорат сликите на Мицкоски со основачите на тие клубови по манастирите низ државава за кои не слушнавме ниту збор од ЗНАМ.
Дали е тоа поради враќање на стари долгови за локалните избори 2021 година во Куманово или нови долгови јавноста ќе види многу скоро“, се вели во реакцијата на СДСМ.
Македонија
Утревечер и во петок нестабилно време со пороен дожд и грмежи
Времето утре ќе биде променливо облачно.
Од пладневните часови на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, локално во форма на краткотрајно невреме со засилен ветер и услови за изолирана појава на град. Услови за пороен дожд ќе има во текот на ноќта. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12, а максималната ќе достигне од 18 до 25 степени.
Во Скопје променливо облачно. Од пладневните часови во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и услови за изолирана појава на краткотрајно невреме. Минималната температура ќе се спушти до 12, а максималната ќе достигне до 23 степени, јавува УХМР.
Во наредните денови, следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Утре, во ноќта кон петок и во петок на повеќе места ќе има развој на нестабилна облачност проследена со пороен дожд и грмежи, локално во форма на краткотрајно невреме со засилен ветер и услови за изолирана појава на град.
Дневната температура од утре до сабота ќе биде во постепено опаѓање, а во недела ќе се покачи за 2 до 4 степени..