Македонија
Стоилковски: Заев ја посрамоти Република Македонија со поставувањето на командант Хоџа за негов советник
ВМРО-ДПМНЕ го обвини премиерот Зоран Заев дека ја посрамотил Република Македонија со доделувањето на висока функција на Џезаир Шаќири Хоџа.
„Како што самиот кажа, Заев имал голема доверба во командантот Хоџа, заради неговите компетенции на терен! Зад одлуката на Заев да го именува Хоџа за советник за безбедност застанаа и министрите Оливер Спасовски и Радмила Шекеринска. Тие не гледаа ништо контроверзно во именувањето на Хоџа. Голем дел од пратениците и функционерите на СДСМ му го честитаа изборот нарекувајќи го Командант на Владата! Истиот Хоџа, пред да биде именуван во Владата излегуваше со сериозни тврдења дека друг, сега актуелен советник на Зоран Заев, стои зад случајот „Сопот“. Како виновник за „Сопот“ Хоџа го посочи советникот за национална безбедност во Владата, Зоран Верушевски. Според информациите на советникот Хоџа, советникот Верушевски во тоа време учествувал во организирање на терористички акти со подметнување на бомби во кои загинале цивили, припадници на македонската армија, па дури и НАТО војници. Погледнете и слушнете што зборува Хоџа во медиумите, не толку одамна пред да биде именуван од Заев“ рече Наум Стоилковски од ВМРО_ДПМНЕ.
Тој потсети дека во 2003-тата година двајца припадници на полскиот контигент на НАТО и едно цивилно лице загинаа, а двајца преведувачи беа повредени во експлозија на локалниот пат Сушево – Сопот. Тоа, како што вели Стоилковски, предизвика тензии на безбедносен и меѓуетнички план.
„Во 2010-та година се слушна пресудата за „Сопот“, 11 жители на селото беа прогласени за виновни и осудени на вкупна казна од 150 години затвор. СЈО на Катица Јанева во 2016 година го побара случајот „Сопот“ во своја надлежност, по што се откажа од гонење на обвинетите за тероризам, бидеќи немало доволно докази и тие беа ослободени од затвор“ порача Стоилковски.
Државните институции, смета Стоилковски, сега за ова сведочење мора да поведат истрага за наводите на Хоџа, особено заради тоа што истиот имаше целосна доверба од Заев кој и самиот тврдеше дека Хоџа добро го владеел теренот и имал веродостојни информации.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали во Брисел: Билатералните прашања не смеат да го кочат европскиот пат на земјата
Во рамките на официјалната посета на Брисел, Првиот заменик-претседател и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со европратеникот Матеј Тонин (EPP) во Европскиот парламент.
За време на средбата се дискутираше за напредокот на Северна Македонија во процесот на евроинтеграции и за спроведувањето на клучните реформи, вклучувајќи го владеењето на правото, јавната администрација и правата на заедниците. Истакната е важноста билатералните прашања да не го попречуваат напредокот на земјата кон ЕУ.
Исто така, беше оценет постигнатиот напредок во Планот за раст и дигитализацијата на услугите, вклучително и проектот WiFi4WB и приклучувањето во SEPA, како и соработката со Претседателството на Кипар и европските партнери за решавање на предизвиците со транспортерите по воведувањето на Системот Entry/Exit.
Првиот заменик-претседател Сали повторно ја потврди посветеноста на Северна Македонија кон европскиот пат и подготвеноста за натамошно унапредување на секоја реформа со европските партнери.
Македонија
Во наредните денови дожд, на планините снег – температурите растат
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималните температури ќе се движат од -4 до 3 степени, додека максималните ќе достигнат од 6 до 11 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1 степен, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во наредните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини и од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер, а во среда повремено засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.
Македонија
Сиљановска-Давкова на Светскиот самит на лауреати: Во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи
Промената во светот бара промена во образованието, гледање на реалноста низ очите на новите генерации, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на Светскиот самит на лауреати, што денеска се одржува во Дубаи, во пресрет на Светскиот самит на владите.
На еминентниот собир, на којшто учествуваат околу 150 врвни научници, вклучувајќи Нобеловци и лидери на истражувачки институции од целиот свет, Сиљановска-Давкова посочи дека во време на подем на вештачката интелигенција, образованието повеќе не е еднонасочна улица на пренесување и помнење на факти и посочи на потребата фокусот на образованието да се префрли на критичко и креативно размислување.
„Вештачката интелигенција е дел од новиот модел на образование. Таа не може и не треба да биде забранета. Сепак, тоа треба да се регулира, бидејќи носи бројни ризици, меѓу коишто е зависноста“, рече претседателката.
Според неа, образованието мора да почне да се фокусира на менталната стабилност, емоционалната интелигенција и етичкото и моралното расудување, што ѝ недостасува на вештачката интелигенција.
„Ни треба глобален консензус дека вештачката интелигенција во образованието и во секојдневниот живот мора да биде транспарентна, фер и водена од човекот. Вештачката интелигенција мора да биде алатка, а не господар“, рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката смета дека промена на парадигмата е потребна и во македонскиот образовен систем.
„Верувам дека во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи. Имаме луѓе со одлични идеи. Имаме хемичари и физичари кои се меѓу првите 2% од најцитираните научници на глобално ниво. Имаме жени во STEM кои ги надминуваат регионалните и европските нивоа. Имаме талент и потенцијал, но не можеме да го направиме тоа сами. Ни треба вашата поддршка, идеи, а најважно од сè, вашиот совет. Македонската академија на науките и уметностите, нашите универзитети и факултети се отворени за соработка во истражувачки и развојни проекти од коишто сите би можеле да имаме корист“, рече претседателката на самитот.

