Македонија
Стоилковски: Истрагата за рекетот мора да се прошири и на невладината на Боки 13
Рекетарскиот октопод е скандал што Русковска-обвинителството сака да го ограничи само на прво и на второосомничените, познати како Боки 13 и Кичеец, рече денеска портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
Тој го изнесе ставот на опозициската партија, според кој треба да има проширена истрага, која ќе зафати и во таканаречената невладина на Бојан Јовановски, што ќе открие дали таа била параванот на октоподот и каде сè се потрошени парите што ги добивала организацијата под ставката донации.
„Обвинителството мора истрагата за рекетот да ја прошири и на невладината организација Меѓународен сојуз на првообвинетиот Боки 13 и да испита дали и каква улога имала оваа организација во изнудата, заканите и рекетот што се правел. Јавноста веќе објави дека индиректно оваа невладина организација добивала сомнителна трансакција есента 2017 година во висина од 750 илјади евра од битолски бизнисмен. Внимавајте, овој бизнисмен, кој поседува градежна фирма, ѝ платил толку пари на една повозрасна госпоѓа за идеја за изградба на социјални станови“, рече Стоилковски.
Тој порача дека Русковска-обвинителството мора да открие колку други бизнисмени ѝ платиле огромни суми на оваа организација под сомнителни околности и која била улогата на функционери на СДСМ во дејствувањето на Боки 13.
„Обвинителството и да не сака, мора да го расчисти овој мегаскандал и во најмала рака досега требаше да ја приведе Катица Јанева, но и уште десетици други ликови од СДСМ. Не може Јанева да биде изземена од скандалот, од криминалот, особено од фактот дека ѝ е одземен телефон, односно телефоните што се дел од истрагата. Таа очигледно е вмешана во овој криминал. Не може да бидат изземени десетици други ликови од СДСМ, кои имале тесна соработка со Бојан Јовановски“, истакна партискиот портпарол додавајќи дека е јасно оти Боки 13, сам, без заштита од власта и без поддршка од институциите, не можел да изнудува огромни суми пари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кисела Вода, Сопиште и Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:00-13:00 часот дел од улицата Архитект Сотир Томовски, општина Кисела Вода;
· од 09:00-11:00 часот корисниците од село Гврлево, општина Сопиште;
· од 09:00-15:00 часот корисниците на ул. 101 во населба Волково, општина Ѓорче Петров.
Македонија
Без вода денеска дел од Бутел
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф-225мм на Радишанска Лево бб (Бел Камен), општина Бутел, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно, во утринските часови повремен локален дожд, а во текот на денот кратки сончеви периоди
Времето денеска ќе биде променливо облачно, во утринските часови со повремен локален дожд, а во текот на денот со кратки сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта повторно ќе има локални врнежи од дожд, а на повисоките планини од дожд и снег. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено во утринските часови и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во почетокот на новата седмица врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и на некои од повисоките места.

