Македонија
Стоилковски: Ковачевски се повикува на непостојни изјави од Софија дека „немало нови услови“, а нема осуда за пораките за 2 Август од Бугарија
Јавноста и денеска е покуса за информацијата каде летува Димитар Ковачевски и од кога е заминат во странство, имајќи предвид дека е објавено интервју со него кое што не кореспондира со реалноста и актуелните случувања. Да бевме малициозни ќе прашавме дали интервјуто е резултат на изложеност на сонце или место Ковачевски одговарал Артан Груби, вели Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
„Пораките на Ковачевски во последното интервју се несериозни и не може да се врзат со реалноста. Ковачевски се повикува на непостоечки изјави од Софија дека, како вели, нема нови услови. Истовремено, нема осуда за пораките за 2-ри Август од Софија.
Имено и бугарскиот претседател Радев и бугарскиот премиерот Денков, Илинденското востание го декларираа како бугарско, чија крајна цел била присоединување на Македонија кон Бугарија. Ова е историска невистина, претставува директно негирање на македонскиот идентитет и темелот на македонската државност, но и патоказ за бугарското делување во иднина“, вели Стоилковски.
„Ковачевски ова го премолчи во интервјуто и нема ниту збор за него. Јасно е дека Бугарија е подготвена преку протоколите и преговарањето за заедничката историја да го смени целосно наративот на македонската историја и државност и истото да го претвори во услов за нашето напредување кон Европа. Ковачевски ова го прифати, па сега бара национален консензус.
Што значи, со други зборови, други да ја споделат со него одговорноста за катастрофалната политика и дипломатија.
Националното единство Ковачевски со неговата ароганција и игноранција пропушти да го направи пред точно една година“, изјави Наум Стоилковски.
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ порача дека промена на Уставот под бугарски диктат нема да има.
„И тогаш и сега велиме: потребни се институционални гаранции од ЕУ за многувековниот идентитет на македонскиот народ, но и гаранции дека процесот на преговори нема да се претвори во подвижна цел во која ќе следат нови и нови условувања до целосна асимилација на Македонија и македонскиот народ. Промената на Уставот под бугарски диктат не е решение, туку само ги отвора апетитите на негаторските кругови во Бугарија. За ова прашање, Ковачевски нема национален консензус со над 85% од јавноста. Единствениот консензус којшто е можен и неопходен е консензус за итни предвремени избори. Изборите имаат за цел суверенот на Македонија, народот, да каже каква политика ќе се води по ова прашање. Борбата за интересите на Македонија е долга и нема предавање и доведување пред свршен чин“, изјави Стоилковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски.
„Наместо да ги спроведе реформите што Европа ги бара две години, Мицкоски нуди само изолација и анти-ЕУ кампања. Преку 70% од граѓаните сакаат ЕУ – а тој зборува за „булинг“ и „прва и втора лига“. Тоа не е булинг, тоа е последица од неисполнување на обврските: правда, слобода на медиуми, борба против корупција. ВМРО секојдневно создава конфликти со соседите а на критиките од Брисел одговара со напади врз ЕУ. Затоа нема напредок, затоа 5 тони дрога излегуваат преку македонската граница неказнето, затоа судството и обвинителството се под контрола, а медиумите се задушени преку моделот на Орбан. Европа ни даде јасна шанса до 2027, заедно со регионот! Црна Гора и Албанија напредуваат. Ние? Само ако престанеме со оваа политика на изолација што намерно ја турка Мицкоски. Мицкоски ВМРО не сакаат ЕУ – сакаат да крадат на тендери без надзор. Тоа не е европска вредност. Тоа е криминална вредност. Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски“ стои во реацијата на претседателот Филипче.
Македонија
(Видео) Не гледам потреба за одржување на предвремени парламентарни избори, вели премиерот Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски не гледа потреба за одржување на предвремени парламентарни избори. Тој нагласи дека во разговорите со меѓународната заедница и со граѓаните како главен приоритет се посочуваат реформите и нивната реализација.
„Тоа е она што е главен фокус и приоритет на оваа Влада. Реформи и испорака. Се разбира дека ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија во државата мора да се однесува одговорно кон граѓаните, иако после локалните избори и оној апсолутен триумф, политички гледано нас ни одговара да има предвремени парламентарни избори, но и покрај сето тоа нашиот приоритет и фокус е испорака и реформи за подобар живот и стандард на граѓаните“, истакна Мицкоски.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, морало се да оди по насока на Заев
Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ристо Катевеновски, поранешен судија на Врховниот суд тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашните власти СДС и ДУИ. На судско рочиште судијата Катевеновски истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, и дека ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие. Но, по само еден ден од оваа дадена изјава на Катевеновски, кој вели дека била дадена зад затворени врати, Судскиот совет свикал итна седница на која тој бил разрешен. Сведоштвото на Катевеновски води кон тогашните власти, а како што вели тој – неговото разрешување дошло од СДС и ДУИ, или во превод од Зоран Заев и Али Ахмети“, рече Манасиевски.
Тој истакна дека „правдата и вистината која Заев ја ветуваше кога дојде на власт се покажа како селективна“.
„Но, она што е клучно е тоа дека повторно добиваме сведоштва за притисокот на СДС и ДУИ, кон правосудните органи. Она кое ние го говориме во јавноста со години, сега веќе и се потврдува. Тие биле оние кои одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одреден случај. СДС и ДУИ си ја партизираа државата и нејзините институции. ВМРО-ДПМНЕ тоа повеќе нема да го дозволи повеќе. Потребна е одговорност!“, заклучи Манасиевски.

